за

Ferrari F40: Три децении од последниот автомобил на Енцо

Ferrari F40

Пред точно триесет години, светот за првпат го виде Ferrari F40. Создаден за одбележување на 40-годишнината на фирмата, тоа е последниот автомобил што го носи потписот на Енцо Ферари. F40 беше изработен како екстремна верзија врз основа на 308 GTB и прототипот 288 GTO Evoluzione, како врвно техничко и дизајнерско остварување.

Три големи имиња ја создадоа оваа автомобилска икона: Ермано Бонфиљоли, шеф за специјални проекти, Леонардо Фиораванти, дизајнер на Pininfarina и Дарио Бенуци, тогашен тест-возач.

Во тие времиња, новите автомобили уште се држеа во строга тајност, особено екстремните тркачи како Ferrari F40. До премиерата на 21-ви јули 1987, само Енцо Ферари и неколку најблиски соработници го имаат видено автомобилот. F40 e стилска пресвртница, дрзок во прикажувањето на моќта и горд на грубите линии во неговиот стил.

Масовна примена на баснословно скапиот магнезиум за 1100-те килограми на Ferrari F40

Техничарите имаа на располагање само 13 месеци да го израснат овој монструм. Во јуни 1986 година започна развојот на моторот F 120 A. Осумцилиндарецот со 478 КС и битурбо натполнење потекнуваше од 288 GTO Evoluzione. Иновациите во болидот овозможија F40 да биде прв Ferrari побрз од 320 km/h. Тежината на моторот беше смалена, меѓу другото и со примена на магнезиум за картерот, за капаците на главите, за вшмукувачките гранки или за менувачката кутија. Магнезиумот во тоа време чинеше петпати поскапо од алуминиумот и дотогаш се немаше користено во толкав обем.

New item by Automedia MK / Google Photos

Енцо Ферари со срце ја создаваше својата автомобилска марка. За Фиораванти да ја добие вистинската инспирација за ултимативниот модел, Ел Комендаторе го седна дизајнерот во прототипот 288 GTO Evoluzione, со 650 КС. Како што раскажува Фиораванти по три децении од настанот, „тој (Енцо Ферари) првпат ми кажа за желбата да произведе ‘вистински Ferrari‘. Ние знаевме, исто како и тој, дека тоа ќе биде неговиот последен автомобил.“

Дизајнот на Ferrari F40 „зборува“ за брзина, ниска тежина и перформанси

Потоа следи фанатичко тестирање на аеродинамиката што ќе го задржи екстремниот тркач на земја. Стилот верно ги отсликува перформансите на најбрзиот Ferrari дотогаш. Ниската хауба, каросеријата што одвај надвиснува напред, отворите за воздух и гигантскиот заден спојлер направија F40 да биде меѓу најпрепознатливите модели од Маранело.

New item by Automedia MK / Google Photos

Дарио Бенуци се присеќа дека „првите прототипи имаа слаба управливост.“ По вообичаено беспоштедната серија тестирања следат безброј преправки, почнувајќи од турбонатполнењето и сопирачките, до амортизацијата и изборот на пневматици. На крајот, Ferrari F40 ги надвладува законите на физиката.

New item by Automedia MK / Google Photos

Голема заслуга за возните својства има и цевната носечка рамка, во комбинација со зајакнувања од кевлар. Најекстремниот модел на марката е трипати поцврст од кој било друг автомобил од тоа време. Со школка изработена исклучиво од композити, F40 тежи само 1.100 килограми. Неколку компромиси мораа да се прифатат: Нема сервоподдршка за управувањето и сопирачките, нема електронски контроли. Има само возач и возило. Ferrari.

New item by Automedia MK / Google Photos

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

германски производители

Пет германски производители под сомнение за картелско здружување

дизел-скандалот-адвокати-volkswagen

Дизел-скандалот им носи на адвокатите 500 долари од час