Вести

Ferrari Dino отпаѓа од листата на приоритети во Маранело

Dunlop sport classic ferrari dino

Неколку години кружат гласини за враќањето на Ferrari Dino. Евтиниот модел може значајно да ја зголеми продажбата на марката, но шефовите во Маранело имаат спротивставени ставови.

Според изјавата на првиот човек на италијанската спортска марка за „Automotive News“, мали се изгледите Ferrari Dino да се врати во понудата на марката. Серџо Маркијоне открива дека постојат спротивставени ставови во менаџментот во Маранело околу враќањето на овој модел. Согласно традицијата, првичната идеја беше името Dino да се користи за нов модел што ќе го спушти ценовниот праг на Ferrari.

„Евтиниот“ Ferrari Dino би можел да го загрози имиџот на марката

Дел од шефовите во Маранело сметаат дека би се загрозил имиџот на марката доколку во моделското семејство се воведе „премногу евтин“ автомобил. Од друга страна, Маркијоне не гледа потреба Ferrari да понуди нов, помал и поевтин модел којшто ќе ги привлече помладите купувачи. Според него, на азискиот пазар веќе има голем број млади купувачи на Ferrari.

Ferrari Dino би можел релативно лесно да ја зголеми продажбата на повеќе од 10.000 автомобили годишно. Но, истиот ефект се очекува и од теренецот, кој е сосема извесно дека ќе биде вклучен во понудата на марката по преодот во следната декада.

Dino беше подмарка на Ferrari и носеше сопствено лого

Ferrari го именуваше автомобилот Dino според прекарот на рано починатиот син на Енцо Ферари. Dino практично беше подмарка на Ferrari и неколкуте модели што беа лансирани во периодот меѓу 1968 и 1976 година носеа сопствено лого, место матичното на марката од Маранело.

Во случај менаџментот да се реши за враќање на Dino, неговата цена ќе биде подостапна единствено во споредба со постоечките модели на Ferrari. Влезот во марката моментно чини околу 185.000 евра за Ferrari California T. „Евтиниот“ нов модел со сигурност би чинел најмалку 150.000 евра.

Ознаки

Следете ја Automedia.mk

Тест на летни гуми на клубот АДАК