за

Ferrari 812 Superfast: Коњот од Маранело беснее и на 70 години

Најмоќен мотор од сериско производство, конструиран по пример на формула 1, каросерија што извлекува најразновидни спојлери за да остане на земја и изглед што смело отстапува од формите што досега ни ги има прикажано Маранело – тоа е 812 Superfast, супермоделот што ги одбележува седумте децении откако Ferrari го претстави својот прв автомобил, со мотор V12. Единствено во името можеше повеќе да се почитува традицијата. Superfast?

Ferrari на претстојниот салон во Женева ќе го претстави 812 Superfast како најмоќен и најбрз модел во својата историја. Новиот тркачки болид за на улица пристига во годината кога куќата од Маранело одбележува 70 години од претставувањето на својот прв автомобил со мотор V12, со когошто воедно започна и историјата на Ferrari во 1947 година.

Со наследникот на F12berlinetta и F12tdf, Италијанците го нудат најмоќниот и ексклузивен модел во својата понуда, наменет за купувачи што бараат бескомпромисен спортски автомобил за возачко уживање и на улица и на патека, но доволно комфорен за уживање и во секојдневието.

Ferrari 812 Superfast 00006

Ferrari 812 Superfast 00003

Новиот V12 од 6,5 литри испорачува 800 КС при 8.500 вртежи, што е врв во сегментот на суперспортските автомобили со мотор зад предната оска. Специфичната моќност изнесува 123 КС на литар работна зафатнина што ниту еден автомобил досега не го понудил и што е во согласност со традицијата на благородните модели на Ferrari со мотор V12. Секако дека Маранело за својот знаменосец и натаму се откажува од помошта од турбокомпресор.

Четири петини од максималниот вртежен момент се достапни веќе на 3.500 вртежи

Максималниот вртежен момент достига 718 њутнметри при 7.000 вртежи, со тоа што 80% од оваа вредност се достапни веќе при 3.500 вртежи, во интерес на возливоста во секојдневието и солидно повлекување уште при ниски вртежи. За првпат во мотор со екстремни перформанси работи директно впрскување под притисок од 350 бари, во комбинација со вшмукувачка гранка со променлива геометрија, којашто го следи примерот од атмосферските мотори во формула 1. Ferrari 812 Superfast користи менувач со двојна спојка, со скусено префрлување во повисок и понизок степен, за реакцијата од погонската спрега да биде уште покуса и поексплозивна во споредба со претходниците.

Ferrari 812 Superfast 00001

Ferrari 812 Superfast 00002

Како прв модел од Маранело, 812 Superfast користи електрично сервоуправување, коешто верно на врвниот инженеринг на Ferrari е целосно интегрирано со системите за контрола на динамиката во возњето, вклучувајќи го и Side Slip Control од петтата генерација. Ferrari ветува дека новиот модел е полесен за управување, но и натаму ја обезбедува возачката возбуда при искористување на крајните потенцијали на болидот. За првпат се вградува и Virtual Short Wheelbase 2.0, усовршена верзија на софтверскиот систем од F12tdf за подобра агилност и екстремно брза реакција на командите на возачот.

Стилот на каросерискиот дизајн го следи 365 GTB4 од 1969 година

Дизајниран во Ferrari Styling Centre, новиот 812 Supefast го редефинира стилот на моделите V12 на Ferrari со мотор напред. Двоволуменската силуета е необична за модел од Маранело, со висок опаш по пример на славниот 365 GTB4 од 1969 година. Дизајнот на појасот дополнително го скусува опашот, на што се надоврзуваат впечатливо издадени крила, за завршниот печат на моќ и агресивност каква што треба да оддава модел V12.

Ferrari 812 Superfast 00004

Диодните светла се интегрирани во дизајнот на отворите за воздух на хаубата, коишто ја повторуваат дизајнерската шема од опашот. Четири тркалезни издувни цевки во традицијата на Ferrari ги нагласуваат хоризонталните линии во дизајнот и на 812 Superfast му даваат широк, импозантен став, визуелно повлекувајќи ги спојлерот и кабината надолу.

Вообичаено за Ferrari, стилот и функцијата на аеродинамиката се надоврзуваат меѓусебно и произведуваат иновативни решенија и форми. Пример за тоа е мултифункцискиот преден дел, со активни крилца во подот.

Како главен носител на одбележувањето на 70-годишнината на марката, 812 Superfast се појавува премиерно со новата боја „росо сетанта“.

Ferrari 812 Superfast · Технички податоци

Мотор

Тип V12 – 65°

Работна зафатнина 6,496 cc

Моќност 588 kW (800 КС) при 8,500/min

Вртежен момент 718 Nm при 7,000/min

Димензии и тежини

Должина 4,657 mm

Ширина 1,971 mm

Висина 1,276 mm

Тежина на празно возило 1,525 kg (со опционален пакет за пониска тежина)

Распределба на тежина 47-53% напред/назад

Перформанси

Крајна брзина >340 Km/h

0-100 km/h 2.9 sec

Потрошувачка на гориво и емисија на CO2

Потрошувачка на гориво 14,9 l/100km

Емисија 340g CO2/km

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Турбо мотор со 100 КС за малечката Kia

Хрватскиот Rimac меѓу добавувачите за хиперавтомобилот на Aston Martin