Ниту Ferrari не е поштеден од турбо-присилата. Турбомоторите на хартија загадуваат помалку од атмосферските и полека го освојуваат Маранело. Моќта сепак не недостига.
Како Ferrari сега да им објасни на ентузијастите дека исто како обичните конфенциски марки мора да ги почитува строгите лимити на емисија на СО2 и мора да ги стави коњите под вештачко дишење? Воведувањето турбонатполнење и смалувањето на работната зафатнина на моторите, заради намалување на потрошувачката на гориво, а со тоа и на емисијата на СО2 е општ тренд на присила во браншата, па ниту Ferrari & Co. не се поштедени.
Во Маранело се повикуваат на јубилејот на 40 години од легендарниот 308 GTB, прв модел со средишно вграден мотор во историјата на марката, па јубилејот го протнуваат како алиби за претставување на 488 GTB, како наследник на 458 Italia. Новиот модел според Ferrari „обезбедува тркачки перформанси во коишто можат да уживаат и непрофесионални возачи во секојдневието“.
Новиот четирилитарски V8 со турбонатполнење ослободува 670 КС при 8.000 вртежи и вртежен момент од 760 њутнметри. Врвните инженери на Ferrari се погрижија да го кашираат турбото, па моторот успева да реагира за само 0,8 секунди при 2.000 вртежи. Во тој контекст доаѓаат и забрзувањето до 200 за 8,3 секунди, како и „стандардниот“ круг на Фиорано со време од 1 минута и 23 секунди. Специфично за менувачот е варијабилното регулирање на вртежниот момент, коешто од една страна го измазнува ослободувањето на силата во целото работно подрачје, а од друга страна, во повисоките степени на пренос испорачува полна турбо-моќ кога педалот за гас ќе се притисне докрај.
Инженерите во Маранело се погрижија звукот да биде верен на атмосферските мотори
Познавачите се свесни дека турбонатполнењето го придушува звукот, којшто е неразделен од секое Ferrari, па затоа и инженерите во Маранело работеа овој ефект да се минимизира и звукот на 4.0 V8 да биде ист како на „атмосферците“.
За перформансите придонесува и аеродинамиката. Вредноста од 1,67 (производ од челната површина и коефициентот на отпор) е нов рекорд за сериски модел на Ferrari и резултира од зголемувањето на потисокот за 50 проценти, како и на намалениот отпор. Секако дека е предизвик овие две цели да се постигнат симултано. GTB има двоен преден спојлер, посебна форма на страничните канали за воздух и активен заден спојлер. Покрај тоа, во подот на возилото се наоѓаат и два вортекс генератори, што е мошне софистицирано решение.
Напредуваа и електронските системи. Контролата на страничното пролизгување SSC2 работи попрецизно во 488 GTB и помалку строго, дозволувајќи поголемо надолжно забрзување на излез од свијоците. Системот сега ги контролира и активните амортизери, што дава дополнителна стабилност.
Највпечатлив детал во дизајнот се скулптурираните страници, коишто се изработени во стил на 308 GTB и поделени се во две секции со сплитер. Широкиот преден спојлер има двоен профил заради подобрување на термичката ефикасност на ладилниците што се поставени странично. Во средината има два пилона што го спроведуваат воздухот под возилото. Иновација е активниот заден спојлер, којшто произведува поголем потисок, без притоа да го зголемува отпорот на воздух. Дифузорот исто така има активни ламели, заради што се помести и положбата на издувните цевки. Нова форма се забележува и кај тркалезните задни светла со светлечки диоди.
Во кокпитот се интегрирани нови сателитски контроли, коишто заедно со закосените отвори за воздух и таблата со инструменти го засилуваат чувството дека целиот кокпит е завртен кон возачот. Премиерата на Ferrari 499 GTB е на салонот во Женева, во март.
Ferrari 488 GTB · Технички податоци
МОТОР
Тип V8 – 90° Turbo
Работна зафатнина 3902 cm3
Моќност 492 kW (670 КС) при 8000/min
Вртежен момент 760 Nm при 3000/min во VII. степен
ДИМЕНЗИИ И ТЕЖИНА
Должина 4568 mm
Ширина 1952 mm
Висина 1213 mm
Празно возило 1370 kg
Распределба на тежина 46.5% напред – 53.5% назад
ПЕРФОРМАНСИ
0-100 km/h 3.0 s
0 -200 km/h 8.3 s
Крајна брзина > 330 km/h
ПОТРОШУВАЧКА НА ГОРИВО
11.4 l/100 km
ЕМИСИЈА НА СО2
260 g/km