Вести

Faraday Future ја стопира фабриката во Невада

Производителот на електрични автомобили Faraday Future ја запре изградбата на фабриката во Невада, поради финансиски потешкотии. Но, оптимизмот останува.

Конкурентот на Tesla сепак нема да гради фабрика во американската сојузна држава Невада. Плановите се стопирани поради финансиските потешкотии на LeEco, кинескиот концерн под чијшто покрив дејствува марката електрични автомобили Faraday Future. Концернот во последните десетина години се разви во глобален моќник преку видео-сервисот во стил на Netflix. Но, сопственикот Јиа Јуетинг западна во финансиски проблеми поради пребрзото ширење на бизнисот во повеќе гранки.

Неуспехот со планираната фабрика во Невада не го наруши оптимизмот во компанијата. Напротив, оттаму изјавија дека префрлувањето на нова локација ќе им овозможи побрза изградба на фабриката и поефикасно спроведување на стратегијата. Ова е вториот голем удар за LeEco во обидот за пробив меѓу големите производители на електрични автомобили.

LeEco беше пречекан како клучен инвеститор за електричниот автомобил на Aston Martin

Кинезите неодамна се повлекоа од заедничкиот проект со Aston Martin. Двете компании требаше заеднички да произведуваат спортски автомобил со електричен погон врз основа на Aston Martin Rapid. Британците сепак се решија самостојно да му пристапат на овој проект. Нивниот RapidE располага со над 1.000 КС и се очекува да се појави во 2019 година.

Entering the Pikes Peak International Hill Climb (Official Site) was just one way we’re stressing the powertrain and…

Posted by Faraday Future on Monday, June 26, 2017

Според првичните планови, фабриката во Невада требаше да стартува кон крајот на годинава, со производствено портфолио од седум различни модели. Подоцна овој број се намали на два.

Студијата Faraday Future FF91 беше меѓу најголемите сензации на ЦЕС во Лас Вегас

Студијата FF91 привлече исклучително внимание кога беше прикажана на саемот за потрошувачка електроника во Лас Вегас, во почетокот од годинава. Со моќност од преку 1.000 КС и над шестотини километри досег, FF уште предвреме почна да ги одмерува силите со „најсилните“ во браншата, почнувајќи од Tesla или Bentley, до Ferrari.

Faraday Future е новата Tesla на автомобилската сцена

Faraday Future тогаш најави можен почеток на производството на автомобилот од следната година. Тоа сепак нема да се случи, барем не наскоро. Кинеската компанија моментно бара алтернативна локација за својата фабрика.

Една милијарда за фабриката во Невада со 13.000 работни места

Планираната фабрика северно од Лас Вегас требаше да чини една милијарда долари и да отвори 13.000 нови работни места. Повеќе од неизвесно е дали FF91 ќе влезе во сериско производство во следната година, како што беше најавено првично. Производителот ќе задржи во своја сопственост поголем дел од плацот на когошто требаше да се гради новата фабрика. Моментно се бара помал плац, првенствено во Невада или Калифорнија, за таму итно да започне изградбата на производствените погони..

Според последните информации, овој неуспех не ги обесхрабри Кинезите. Напротив, во компанијата пристигна Улрих Кранц, главниот инженер за BMW i3 и i8, кој отсега ќе работи на развојот на техниката во автомобилите на Faraday Future. Кранц не е единствениот експерт од BMW кој преоѓа во Faraday. Штефан Краузе, поранешен шеф за финансии во минхенската куќа, од април годинава работи на истата позиција во автомобилската марка на LeEco.

Ознаки
loading...

Слични објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Откриен е Adblock

Ќе ни помогнете доколку ја исклучите вашиата блокада за реклами