159
28 shares, 159 points

Само данокот при регистрирање дизел со норма Еуро 1 во Италија чини околу 450 евра. Уште поекстремно е во Велика Британија, каде се мери СО2 и слабиот квалитет на издув може да го чини сопственикот две илјади фунти годишно. Целта не е државата да се богати од возачите, туку да се поттикне возење автомобили што ја поштедуваат животната средина од прекумерна емисија на штетни материи

Македонија на истекот на втората декада од 21-ок век првпат ќе воведува директна спрега меѓу класата на емисија на штетни материи на автомобилите и заштитата на животната средина. „Останатите“ европски држави веќе имаат долга традиција во почитувањето на оваа спрега, којашто се покажа и докажа како неопходна мерка за задржување на квалитетот на воздухот. Велика Британија, на пример, применува даночен систем којшто се базира врз емисијата на СО2 од возилата уште од 2001 година. Една деценија претходно, системот се базираше врз евро-нормите.

Сцени од скопските улици 4

По скопските улици, камионите и тешките комбиња се рамноправни со автомобилите. Скопје има „централна обиколница“

Од друга страна, Португалија ги зема предвид спецификите на возниот парк и во системот ги вклучува и возилата произведени уште во 1981 година. Но, заедничкиот именител секогаш е следниов: Преку даночниот систем, односно преку висината на давачките што секој возач треба да ги плати при редовното годишно регистрирање на својот автомобил, да се поттикне купувањето и користењето автомобили со колку е можно поквалитетен издув. Да се привилегира, исто така, преку ослободување од какви било давачки при регистрирањето.

Давачките при регистрација во Македонија уште се одредуваат според моќноста и зафатнината

Висината на регистрацијата на патничките возила во Македонија моментно се одредува според две големини: Моќноста во киловати и работната зафатнина во сантиметри кубни. Количината на емисија на штетни материи, класата на емисии, староста на возилото, немаат влијание врз крајната цена на регистрацијата. Тоа, меѓу другото, беше причина за Македонија да стане отпад за автомобили со неквалитетен издув, коишто се прескапи за регистрирање во европските земји.

Сцени од скопските улици 5

Фанатизмот по старите автомобили исфрлени од срцето на ЕУ, којшто неретко беше диригиран и директно од собраниска говорница, доведе до тоа автомобилите да им го одземат просторот за движење на луѓето

Министерството за животна средина најави воведување налепници соодветни за класата на емисија на секое возило, но и субвенции за возила со ниска или нулта емисија на штетни материи, со цел да се намали уделот на сообраќајот во екстремната аерозагаденост во македонските градови. Како што веќе подолго време е практика во повеќе градови во Италија, во престолнината на ЕУ, во посебни еко-зони во неколку германски градови, во Париз или во Лондон, коишто се најстроги во тој поглед, возилата со слаб квалитет на издув ќе имаат ограничен пристап во периодите со прекумерна аерозагаденост во нашите градови.

Како поинаку да реагира јавноста кога заштитата на животната средина досега или се злоупотребувала или воопшто не се применувала

Јавноста негодува од разбирливи причини: Првата е околу вечното прашање на политичкиот кредибилитет при воведувањето промени во кое било подрачје од живеењето, а втората директно произлегува од првата и се однесува на сомнежот дека мерката ќе се ефектуира во намалување на оптоварувањето на животната средина со штетните материи од сообраќајот. Но, најголемата пречка останува непроменета: Заштитата на животната средина во Македонија, досега или се злоупотребувала од одредени групи на интерес, или воопшто не се применувала.

Од друга страна, додека јавноста гледа како продолжува подигањето масивни воздушни брани во форма на станбено-административни комплекси со големина како од „светската престолнина Германиа“ или очигледното испуштање тони штетни материи од неколку заштитени индустриски субјекти, претворањето на сервисните улици во булевари и најавите за „централната обиколница“ коајшто ќе минува под Кале и покрај „коцките“ покрај Вардар, нормално е да се очекува дека возачите ќе негодуваат, побунувајќи се зошто токму тие да го плаќаат еколошкиот данок. Повеќе на таа тема може да прочитате под „Зошто и зимава ќе дишеме автомобилски издув“.

Сцени од скопските улици 20

Пешачење стана ретка практика по скопските улици. Таму каде што некогаш беше булевар по пример на берлинскиот „Унтер ден Линден“ или „Под липите“, денес има сив асфалт и смрдеа

Извесно е дека промени во начинот на којшто се пресметуваат давачките, поврзани со купувањето и користењето на возилата, се неопходни и итно потребни. Наспроти тоа е сосем неизвесно, дали „варијантата“ што државата ќе ја избере за контрола на влијанието на сообраќајот врз загадувањето на животната средина, ќе биде соодветна за македонските услови, навики, разбирања, во чекор со времето, со регионот, со автомобилската индустрија, со иднината.

Работата во државна служба не носи автоматски и експертиза за еколошката погодност на автомобилите

Една неодговорна и дилетантска одлука од март 2010 година, доведе до драстично влошување на македонскиот возен парк, коешто понатаму донесе последици врз животната средина и врз безбедноста. Овој непланиран експеримент заврши неуспешно, освен ако конечно не се потврди дека автомобилите и сообраќајот не се дел од општата култура, туку се предмет на експертски познавања, анализи и препораки, на компетентност и кредибилност. Работењето за државна плата не носи автоматски експертиза за оваа проблематика. Не смее да се заборави дека секакво повикување на надлежност врз заштитата на животната средина носи и општествена одговорност.

Сцени од скопските улици 17

Автомобилите натуткани на паркинг пред да почне шпицот, а пешаците „избркани“ од градот

Во кусото истражување што редакцијата на Аутомедиа го направи во овие денови пред „еко-налепниците“, побаравме одговор како најголемите авто-пазари и најодговорни еко-средини во Европа пристапуваат кон воспоставувањето на спрегата меѓу користењето на возилата и заштитата на животната средина. За прегледот да виде доволно компактен, ги разгледувавме само трошоците што важат по купувањето и првото регистрирање на автомобилите, односно станува збор само за трошоци што се плаќаат при редовното обновување на регистрацијата.

Германија

Тековното пресметување на данокот за користење автомобил во Германија се применува од 2009 година. Овој данок се состои од основа и еколошки додаток, којшто се одредува според емисијата на СО2. Основата се пресметува линеарно, со по 2 евра за секои сто сантиметри кубни работна зафатнина за бензински мотор, односно по 9,5 евра по 100 ccm за дизел мотор.

Додатокот се пресметува за секој грам СО2 над лимитот од 95 g/km. Овој лимит постојано се „спушта“, од 120 g CO2/km во 2009 година, на 110 грами во 2012 година и на сегашните 95 грами.

За возила што првпат се регистрирани во Германија пред 2009 година, данокот се одредува на стариот начин, односно врз основа на работната зафатнина и класата на емисија на штетни материи. За возила со Еуро 3, на пример, годишниот данок се пресметува со стапка од 6,75 евра за секои 100 ccm за бензински мотор, односно 15,44 евра за дизел мотор. Многу е поскапо да се регистрира автомобил со Еуро 1: Бензинец чини 15,13 евра за секои 100 ccm, дизел 27,35. За ориентација, дволитарски дизел од раните 2000-ти би чинел 547 евра секоја година.

Возачите на електрични автомобили се ослободени од плаќање на овој данок во период од десет години. Мерката важи за сите возила на струја кои се купени меѓу 1.1.2016 и 31.12.2020. По 2030 година, за нив ќе се плаќа половина од данокот за возила со обичен погон.

Италија

Данокот за автомобилот се пресметува со стапка во висина од 2,58 евра по киловат, за возила со норма Еуро 5 и Еуро 6, со моќност до 100 киловати. За мотори со повисока моќност, стапката изнесува 3,87 евра по киловат. Секој регион во Италија може да ги приспособува вредностите на даночните стапки. Вредностите конкретно се однесуваат за Емилија Ромања (Болоња, Модена, татковина на суперспортските марки). Во Абруцо/Кампања се плаќа за 21% повисок данок, додека во Болцано 10% помалку.

За автомобили со норма Еуро 1, стапката се качува на 2,90 евра по киловат, односно на 4,35 евра доколку моторот има моќност над 100 киловати. Од 2012 година, за мотори со повеќе од 185 киловати се наплаќа дополнително 20 евра за секој киловат над лимитот. Оваа специјална даавачка се смалува за 70% доколку автомобилот е постар од 10 години, односно не важи за возила постари од 20 години.

За електрични возила не се плаќа данок во период од пет години. Потоа ќе се плаќа една четвртина од сумата за бензински мотори. Во повеќе региони се одобрува намалување на данокот за 75%, за возила со погон на автогас, до пет години од првата регистрација. Истото важи и за модели со хибриден погон.

Франција

Франција има строги ограничувања и скапи давачки за автомобилите со слаб квалитет на издув при нивната прва регистрација. Годишниот данок изнесува 160 евра, доколку автомобил произведен во 2009 година има над 250 g CO2/km. За возила од 2012 година, лимитот изнесува 190 g CO2/km. Земјата не ги оптоварува возачите со скапи даноци, но затоа општините и градовите строго го регулираат сообраќајот на возилата со лоша емисија, особено Париз.

Португалија

Пример за даночниот систем во Португалија: За автомобили што првпат се регистрирани меѓу 1981 и 2007 година, со бензински мотор од 1,3 до 1,75 литар, регистрацијата чини 56,82 евра (ако првата регистрација е по 1995), односно 15,93 евра (меѓу 1981 и 1989 година). Истите суми се однесуваат и за дизели со зафатнина меѓу два и три литри.

Различен даночен систем се применува за автомобилите со прва регистрација по јули 2007. Данокот се состои од компонента што се одредува според работната зафатнина и од еколошки дел. Првата компонента, за бензински мотори со зафатнина од 1,25 до 1,75 литар, изнесува 58,04 евра. Истата расте соодветно за мотори со поголема зафатнина, на 115,96 евра за мотори меѓу 1,75 и 2,5 литри. Годишна регистрација на автомобил со мотор над 2,5 литри, чини дури 396,86 евра. Втората, еко-компонента изнесува: 59,33 евра за возила со помалку од 120 g CO2/km, 88,90 евра за возила меѓу 121 и 180 грами СО2 … 330,76 евра за емисија над 250 g СО2.

За возила што се регистрирани по 1-ви јануари 2017 важи посебен даночен систем. За емисија на СО2 меѓу 180 и 250 g/km се плаќа 28,92 евра при годишната регистрација, односно 58,04 евра доколку емисијата на СО2 е над 250 грами.

На крајот се зема предвид и староста, односно претходно наведените суми се множат со факторот за староста на возилото. Факторот е 1,05 за возила купени во 2008 година (1,0 за 2007 година, 1,1 за 2009 година, 1,15 за 2010 година и понови).

Шведска

Чистата скандинавска земја што ќе се ослободи од увоз на фосилни горива по 2020 година, ги оданочува автомобилите произведени по 2005 година според емисијата на СО2, а пред тоа според формула којашто ги зема предвид тежината на возилото и видот на горивото. Го разгледуваме примерот за возила по 2005 година. Формулата е: 360 круни + 22 круни за секој грам СО2 над лимитот од 111 g/km. За возила со дизел мотор, вредноста се множи со фактор 2,37. Дизели регистрирани по 1.1.2008 дополително се плаќа 250 круни, а за постари дизели по 500 круни. Автомобили на алтернативно гориво (Е85, етанол, метан, автогас, биогас), се оданочуваат со 11 круни за секој грам СО2 над лимитот (место со 22 круни).

Посложен е начинот за категоризација на еко-автомобилите, со формула во којашто влегуваат количината на СО2 и тежината на возилото. Максимална дозволена емисија на СО2 за „еко“: 95 g/km + 0,0457 х (тежина на празно возило/1.372 kg). Возилото (бензинско, дизел, хибрид или плагин-хибрид) важи за „еко“ доколку вредноста според оваа формула е повисока од фабрички декларираната вредност. Во тој случај, возилото е ослободено од данок при редовната регистрација. При погон на етанол и гас важи лимит од 150 g CO2/km (место 95).

Швеѓаните се толку доследни што и електричните автомобили се нееколошки, доколку потрошувачката на струја е повисока од 37 kW на сто километри.

Велика Британија

Островската држава напредуваше многу во „чистењето“ на својот возен парк. Моментно постојат три различни системи за оданочување. За автомобили регистрирани до 1999 година се применува фиксна стапка, за возила до март 2001 година се пресметува по скалест систем врз основа на зафатнината на моторот, додека за возила по март 2001 година важи формула според зафатнината на моторот (за веќе регистрирани возила), односно според СО2 (за новорегистрирани возила).

Британците постојано го приспособуваат даночниот систем. Последното ажурирање е направено во април 2017 година. Формулите се сложени, но во принцип: За автомобили регистрирани пред 2001 година важи данок во висина од 150 фунти, за зафатнина до 1,55 литар, односно 245 фунти, за поголем мотор. За возила регистрирани по март 2001 година се плаќа фиксно 240 фунти.

Данок не се плаќа за автомобили со нулта емисија на СО2 (на батерии или на водород). За емисија до 50 g/km се плаќа по 10 фунти … меѓу 101 и 110 g/km чини 140 фунти … за сумата да достигне 1.200 фунти во случај на емисија меѓу 191 и 225 g CO2/km. „Луксузот“ да вози автомобил со емисија над 255 g/km, би го чинел сопственикот по 2.000 фунти секоја година.

Објава од 2013 година: Со обележување на нечистите возила против загадувањето

Топ 10 Најголеми заблуди околу аерозагаденоста во Македонија

Македонија: Три од четири автомобили се постари од 10 години

Колку чини лажниот автомобилски луксуз по македонските улици?

Дизелите чмајат на германските плацеви, ни претстои ли нова инвазија загадувачи?


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

159
28 shares, 159 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Choose A Format
Personality quiz
Series of questions that intends to reveal something about the personality
Trivia quiz
Series of questions with right and wrong answers that intends to check knowledge
Poll
Voting to make decisions or determine opinions
Story
Formatted Text with Embeds and Visuals
List
The Classic Internet Listicles
Countdown
The Classic Internet Countdowns
Open List
Submit your own item and vote up for the best submission
Ranked List
Upvote or downvote to decide the best list item
Meme
Upload your own images to make custom memes
Video
Youtube, Vimeo or Vine Embeds
Audio
Soundcloud or Mixcloud Embeds
Image
Photo or GIF
Gif
GIF format

Notice: ob_end_flush(): failed to send buffer of zlib output compression (0) in /home/automedi/public_html/wp-includes/functions.php on line 3743