за ,

Event K50: Овој суперавтомобил на струја доаѓа од Кина

Кинезите инвестираат многу во погонот на струја и особено ги подржуваат електромобилите од домашна продукција. Суперавтомобилот со погон на струја K50 е доказ дека од земјата може да се очекуваат и сериозни проекти.

Марката Event на салонот во Шангај претстави суперспортски автомобил со погон на струја којшто без проблеми би можел да се најде и на штандот на Lamborghini. Дизајнот е највпечатливиот детал на овој спој на Ferrari и Tesla со име Event K50. Тимот што стои зад овој автомобил можел да се потруди повеќе околу изборот на марката, исто како и околу името на моделот K50, коешто повеќе асоцира на електрична четка за заби, отколку на сериозен автомобил со погон на струја, но факт е дека изгледот привлекува и наидува на одобрување.

Комбинацијата од канали за воздух во различна боја од каросеријата и наназад извлечениот покрив потсеќа на Bugatti Veyron
Комбинацијата од канали за воздух во различна боја од каросеријата и наназад извлечениот покрив потсеќа на Bugatti Veyron

Носот е долг и оштар, додека опашот потсеќа на Audi Prologue. Гледано отстрана, највпечатливи се каналите за воздух во различна боја од остатокот на каросеријата и покривот што е извлечен наназад, во стил на Bugatti Veyron. Додека надворешноста предизвикува одушевување со внимателно изведените детали, особено во предните и задните светла, зад воланот е многу едноставно и без посебен печат. Нема украсни делови од карбон, исто како и алуминиумски плочки финиширани со четкање, па дури и кожените облоги на седиштата недостигаат. Место тоа, внатрешноста не се разликува од останатите кинески автомобил, со доминација на сива пластика и темен скај. Според дизајнерскиот тим, овие детали ќе се усовршат во иднина, откако автомобилот ќе се приближи до крајната фаза од развојот.

Според производителот, Event K50 е прв спортски автомобил со погон на струја од Кина

Затоа пак, погонот е веќе подготвен за производство. Електромоторот ослободува моќност од 408 КС и вртежен момент од 650 њутнметри, а за напојувањето со енергија се грижат литиум јонски батерии со капацитет од 63 киловатчасови. Кинезите уште не откриваат колку точно тежат батериите, но и покрај карбонската контрукција на каросеријата, K50 тежи само малку под два тона. Проблематично е времетраењето на полнењето на батериите. Дури 18 часови се потребни додека истите се наполнат.

Внатрешноста со сина пластика и темен скај не се разликува од останатите „Кинези“. Но, тоа ќе се промени во серискиот модел
Внатрешноста со сина пластика и темен скај не се разликува од останатите „Кинези“. Но, тоа ќе се промени во серискиот модел

Како надомест за долгото чекање следуваат досег од преку 300 километри и пристојни вредности на забрзување. Според производителот, спринтот до сто трае четири секунди. Крајната брзина изнесува малку над 200 километри на час, што покрај агресивниот изглед на каросеријата изгледа повеќе од скромно. Во Кина, тоа никому нема да му пречи, затоа што побрзо од 120 километри на час не се вози никаде во големата земја.

Досега се изработени само три примероци од суперспортскиот електромобил и сите се најдоа на штандот на Event на салонот во Шангај. Производителот сепак оддава голем оптимизам и во моментов преговара со надлежните институции околу издавањето хомологација, по што би следувал и почетокот со сериското производство во средината на следната година. Очекувањата се далеку од скромни. Кинезите планираат да произведат најмалку 5.000 возила и тоа уште во првата година.

event k50

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Tesla во 2013 година се спасила од продажба на Google

Прв службен настап на новиот Skoda Superb во светскиот хокеј