за

Elise Cup 250 е најбрзиот четирицилиндарски Lotus во историјата

Во Lotus остануваат верни на традицијата. До подобар Lotus се доаѓа единствено со пониска тежина и зголемена моќност. За крај на освежувањето на моделската серија, Британците го претставуваат Elise Cup 250.

Моќност од 246 КС не звучи убедливо во време кога и спортските компакти лесно надминуваат тристотини коњски сили. Но, во комбинација со тежина од 860 килограми, оваа навидум скромна ергела може да постигне многу. Спринт до сто за 4,3 секунди, на пример. Техничарите во Lotus повторно се надминаа себеси и го пуштаат Elise Cup 250, за крај на освежувањето на моделската серија. Cup 250 е осмислен како спој на автомобил за секојдневно возење и чистокрвна тркачка машина за на патека.

Маестрото за лесни конструкции ја намали тежината за 14 kg во споредба со претходниот Elise Cup 250

Тежината е намалена на 884 килограми, односно на 860 kg доколку се доплати за компонентите со лесна конструкција. Elise Cup 250 ги наследува промените во изгледот што претходно ги претрпеа Elise Sport и Sprint. Тоа што е посебно за „Cup“ се ултралесните ковани бандажи со гуми Yokohama Advan A048, со димензија 225/45 ZR17 назад и 195/50 ZR16 напред.

Lotus Elise Cup 250 00002

Круната на моделската серија Elise во основата е идентична со неодамна претставениот Exige Cup 380, но ги задржува манирите за возење по обични патишта. Верзиите Cup се слабост за ентузијастите на марката од Хетел и низ годините достигнуваат завидни вредности како колекционерски парчиња.

Воздухот притиска врз каросеријата со 125 kg при брзина од 225 километри на час

Ветувачкото име не доаѓа напразно. Со преработената аеродинамика, притисокот врз каросеријата при 225 километри на час изнесува 125 килограми. Тоа е силата што обезбедува уште подобро држење во брзи свијоци и стабилност на правец.

Lotus Elise Cup 250 00007

Моќноста од 246 КС пристига од 1,8-литарец со механички компресор и интеркулер. Крајната брзина изнесува 248 километри на час, но бројките за на хартија не се тоа што ги води техничарите во Lotus. Тие повторно подготвија симфонија во октан-дур што ја приредува издувниот систем. Со доплата следува издув од титаниум, кој задната оска ја поштедува од уште 7 килограми.

Само замената на оловниот со литиум-јонски акумулатор носи заштеда од девет килограми

Од Exige Sport 350 пристига шестстепениот менувач со отворена кулиса, преработен за Elise, за побрзо и почисто менување на степените. Четиринаесет килограми се симнати со стандардно вградување литиум-јонски акумулатор, рачно изработени седишта од карбон, ултралесни бандажи и поликарбонатен заден прозорец.

Lotus Elise Cup 250 00006

Амортизерите од Bilstein се скрутени во споредба со Sport/Sprint, конкретно притискачкиот од е потврд за 12% напред и 9% назад, додека повратниот од е потврд за 20% напред и 30% назад. Негативното забрзување е задача на AP Racing двоклипни сопирачки клешти напред и едноклипни Brembo назад, во комбинација со дискови од 288 милиметри. Како опција се нудат сопирачки дискови што се полесни за 4 килограми.

https://www.facebook.com/LotusCars/videos/1532302386814201/

Олеснувањето не важи за цената. Lotus Elise Cup 250 чини „само“ нешто повеќе од 60.000 евра. Приближно толку BMW го цени својот M2 Coupe, со 370 КС и само две десетинки доцнење зад Lotus. Но, секаква споредба тука би била беспредметна.

[FAG id=28004]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Audi со три електрични модели E-tron и два нови Q теренци до 2020

Долгоочекуваниот нов модел на TVR ќе биде претставен во Гудвуд