за

Електромобилност: Македонски компании и институции градат имиџ врз погонот на струја

електромобилност настан септември
електромобилност настан септември

Традиционален собир и нови трендови на настанот Електромобилност. Градските власти ги вклучуваат електричните возила во својот возен парк, а истиот чекор го следат и сé повеќе компании, кои преку чистиот и напреден погон освојуваат симпатии кај своите корисници.

Празнична атмосфера за љубителите на електричниот погон и на техниката, на традиционалниот настан во комплексот на Машинскиот и Електротехничкиот Факултет во Скопје. Пораката којашто ја испраќа собирот Електромобилност до пошироката јавност станува сé погласна. За тоа секако дека придонесуваат и електричните возила што општините Карпош и Центар ги користат во својот возен парк и коишто беа дел од собирот, покрај автомобилите на струја на Прокредит, како компанија што мошне рано го внесе електричниот погон во работното секојдневие.

Град Скопје исто така вклучи неколку примероци од Toyota Yaris со хибриден погон во возниот парк, како најпопуларна и најдостапна форма на електрификација на погонската спрега. Тојота Авто Центар изложи два модели со коишто се покажува степенот на застапеност што погонот со две срца во меѓувреме го постигна во понудата на јапонската марка: Бизнис-лимузината Toyota Camry со системски 218 КС и потрошувачка на гориво како градски автомобил, а покрај неа и кросовер Lexus UX, кој ја спојува погонската со стилска авангарда. Компанијата го искористи своето активно присуство на локалната сцена во сиве години и прерасна во синоним на чистиот и штедлив погон. Во меѓувреме, погонот на струја во сите негови форми и степени на електрификација, присутен е во понудата и на останатите автомобилски марки, но не и во нивниот настап пред македонската публика.

Префрлувањето од обичен погон на електричен погон е голем предизвик за техничките ентузијасти

Силна порака испраќаат и неколкуте преработки на автомобили, како Seat Arona што е префрлена на погон на струја или веќе познатото електрично „фиќо“. Велосипеди, скутери, електро-тротинети, квадрицикли, од кои голем дел се префрлени на електричен погон, веќе се редовна појава на собирот што го организира Електромобилност.

Паралелно со собирот со електрични возила, што се организираше во рамките на Европската Недела на Електромобилноста, се одржа и панел дискусија, со присуство на претставници од скопските општини, од МАНУ и од бугарската компанија Spark. Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, возниот парк го проширува со електрични тротинети, место со луксузни лимузини, давајќи го на тој начин вистинскиот сигнал и погодувајќи ја смислата на електромобилноста, којашто наметнува нови пристапи и нови размислувања во многубројни сфери.

Е-ТРОТИНЕТИ И ДВЕ НОВИ ЦИСТЕРНИ ЗА МИЕЊЕ НА УЛИЦИ

Денеска, Карпош го зголемува својот возен парк со електрични тротинети, а не со луксузни возила.Дополнително, во процес на набавка сме на две нови цистерни за миење на сервисните улици.И, сето ова од грантови – неповратни средства. Продолжуваме за чист и #ЗеленКарпош ✅ #MobilityWeek 🛴

Posted by Stefan Bogoev on Wednesday, September 18, 2019

Во меѓувреме се нарачани и две нови цистерни со електричен погон за миење на улиците, а притоа набавките целосно се покриени преку грантови. Господин Богоев, како што претходно имаше посочено во интервјуто за нашиот портал, спроведува стратегија којашто ќе постигне граѓаните да избираат во која општина ќе живеат, земајќи ги во предвид меѓу другото и условите на сообраќајот, односно еколошкиот аспект во истиот.

Бесплатно паркирање на електрични и хибридни возила, наскоро на било кое јавно паркинг место во Центар

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, исто така го вклучува електричниот погон во функционирањето на општината. Паркирањето на електричните и хибридните возила е бесплатно, а воедно во соработка со ЕВН се поставени полначи за струја на паркиралиштата на ПОЦ, чиешто користење засега е бесплатно. Тоа е типичен пример за соработката со компаниите, како што тоа вообичаено се практикува во европските земји кои се носители на електромобилноста. Во возниот парк на ПОЦ се вклучени четири квадрицикли со погон на струја, се субвенционира купувањето електро-тротинети и велосипеди.

Posted by Саша Богдановиќ on Wednesday, September 18, 2019

Детална и научно базирана визија за напредувањето на електромобилноста во Македонија прикажа д-р Александар Дединец од Центарот за енергетика и одржлив развој на МАНУ. При разработката на новиот Закон за данок на возила во голем дел се користени заклучоци коишто произлегуваат од истражувачките разработки во нашата престижна научна институција.

Неопходност од поставување брзи полначи по патниот коридор

Оливер Велковски од организацијата за промовирање на електрични возила Електромобилност посочи неколку интересни статистики кои откриваат дека во Македонија моментно возат околу 40 автомобили со електричен погон, вклучувајќи ги и возилата со плагин-хибриден погон, додека бројот на автомобили со хибриден погон е неколкукратно поголем. Бројот на станици во меѓувреме е зголемен на околу педесетина, главно во Скопје, постои напредок во повеќе подрачја, па оттаму и „Електромобилност 2.0“, во смисла на понапредна верзија. Тоа што Велковски го посочи како неопходност е поставување електрични почначи долж главниот патен коридор, за странските возила кои циркулираат низ регионот да не ја заобиколуваат Македонија поради отсуството на стратешки поставени станици со полначи.

Интересно излагање имаше и гостинот од Бугарија, Димитар Стојанов од компанијата еМобилити Интернационал, којашто освен со мрежа од полначи низ земјата, оперира и со јавен возен парк од околу 300 електрични возила во рамките на Spark. Станува збор за класичен „car-sharing“, според истите начела какви што користи и прочуениот Car2go, односно сега DriveNow. Возниот парк моментно опфаќа преку 200 возила, исклучиво електрични, а до крајот на годината нивниот број треба да се зголеми на повеќе од 300 возила.

Јавно достапниот возен парк Spark од Бугарија дава добар пример за примена кај нас

Идејата е автомобил да се измајми во точно времетраење колку што е потребен и истиот потоа да се остави на најблиското јавно паркиралиште. Преку мобилна апликација се лоцира каде се наоѓа најблиското возило, истото се резервира и исто така се отклучува преку апликација. Минималниот наем важи за 12 минути, што чини 3,48 лева. Секоја следна минута се наплаќа 0,29 лева. Доколку се надмине четиричасовно користење, возилото може да остане кај корисникот цел ден, што во тој случај би чинело 57 лева.

Интересот е огромен, возилата се актрактивни (BMW i3, Nissan Leaf). Тоа е одличен пример од нашиот сосед, овој вид на услуга секако би бил добредојден во условите на скопскиот сообраќај, од аспект на намалувањето на загаденоста на воздухот од сообраќајот со моторни возила. Компанијата е со седиште во Латвија и во меѓувреме ја има проширено својата дејност во Романија и

Учество во дискусијата зеде и нашата редакција, со излагање содржини кои им се познати на нашите читатели.

Posted by Spark Bulgaria – electric car sharing on Tuesday, September 10, 2019

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Еден коментар

Одговори
  1. Драги земјаци. САМО кога струјата наменета за превоз со возила е произведена од сончева, хидро, ветер или друга енергија којашто не загадува има фајде од електричните возила. А во Македонија кадешто главно е од лигнит којшто загадува далеку повеќе од моторните возила на бензин и дизел, тогаш ИЧ не ви треба овој „луксуз“ којшто може да си го дозволат само земји кои имаат електрани што не загадуваат. Во спротивно бетер ќе се гушите. Одамна дум дигнала раце од Македонија, но спомените ме тераат да читам ваши вести.
    Поздрав
    Цветанка од Дрезден

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mercedes-amg zimski trening

Во возачката академија на AMG се учи во Лапонија

Tesla е побрза 20 секунди од Porsche Taycan на Нирбургринг

Tesla е побрза 20 секунди од Porsche Taycan на Нирбургринг