153
20 shares, 153 points

За година и пол во Ковентри се произведоа 2.500 примероци од електричната изведба на препознатливото лондонско такси. Со чистиот погон, животната средина е поштедена од 6.800 тони СО2, што е исто како 1.500 повратни летови од Лондон до Сиднеј.

Компанијата LEVC, кусо од London EV Company, го произведе 2.500-от примерок од електричното такси. Освен во Лондон, електричното возило со препознатливата форма се вози и во неколку земји во Европа.

Кинескиот Geely, меѓу другото сопственик и наVolvo и Lotus, од 2014 година вложи половина милијарда фунти во англиската компанија со фабрика во Енсти, Ковентри. Славеничкиот примерок од TX eCity беше изложен на Трафалгар Сквер.

Батеријата испорачува енергија за најмногу 130 километри. Откако ќе се исцрпи енергијата во батеријата, се вклучува малечкиот бензинец, кој работи како генератор и обезбедува струја за погонскиот електромотор. Вклучувањето на бензинецот сепак е замислено како помошна опција, затоа што вообичаената дневна рута на такси возилата не надминува 130 километри. Со генераторот, вкупниот досег на TX eCity изнесува најмногу 600 километри.

Емисијата на азотни оксиди, коишто се главна причина за загадувањето во градските средини, со електричното такси TX eCity е намалена за 99,5 проценти во споредба со претходната генерација возила.

Електричните такси возила на LEVC досега имаат поминато близу 34 милиони километри, што е еднакво на 845 обиколувања на Земјата. Возилата ги поштедиле таксистите и од трошок за 850.000 литри гориво. Возачите заштедиле на гориво 3,85 милиони фунти или околу 100 фунти неделно, во споредба со старото такси со дизел мотор.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Лондон е природна средина за „лондонското такси“, каде што моментно има повеќе од 2.000 примероци од TX eCity. Таксито се вози уште во дваесетина градови низ Британија, меѓу нив Бирмингем, Ковентри, Манчестер, Глазгов и Единбург. Возила има и кај електро-шампионот Норвешка, како и во Холандија, Германија, Шведска, Хонг Конг и Малезија.

Покрај тоа што повеќе се пешачи и се вози велосипед, а се користи и почист јавен превоз, електричните возила помагаат да се смали загадувањето и да се постапува во заштита на климата. Голема вест е тоа што моментно возат повеќе од 2.000 такси возила по улиците во Лондон, додека се збогуваме со возилата со бензински и дизел мотор, кои загадуваат повеќе.
Ширли Родригез, одговорна за животната средина во Лондон

Лондон воведе зона во којашто се дозволува пристап само со возила со ултра-ниска емисија на штетни материи и воедно го префрлува јавниот превоз на почист погон. Светската метропола има најеколошки возен парк од такси возила во светот.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

153
20 shares, 153 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *