190
24 shares, 190 points

Познат германски институт докажува дека електричните автомобили имаат полош СО2-биланс од дизелите. Но, кога ќе се коригираат неколку сомнителни вредности во пресметката, повторно се добива резултатот за кого што во меѓувреме е свесен целиот свет.

Автомобилите на батерија имаат мал удел во продажбата, само неколку проценти. Според последната студија на германскиот институт Ифо, најдобро е да остане така и во иднина, затоа што автомобилите со дизел мотор се подобри за животната средина од електромобилите.

Претставникот на дизелите не можело да биде попретставителен. Станува збор за Mercedes C 220 d, чијашто емисија на СО2 се споредува со Tesla Model 3, како еден од најпопуларните електрични модели. Според пресметките на Ифо, Mercedes испушта 141 грами CO2 по километар, додека за Tesla се добива вредност меѓу 155 до 180 грами – вредноста варира зависно од локацијата на којашто се произведува батеријата.

Резултатите на Ифо се во апсолутна спротивност со сите сериозни студии од меѓународно релевантни организации, кои се објавени досега

Споредбата е направена единствено врз основа на количината на СО2 што се испушта при производството на струјата за полнење на батеријата, како и количината на СО2 за производство на самата батерија. Останатата штетна емисија при производството на автомобилите, воопшто не е земена предвид. Исто така отсуствува и емисијата при експлоатацијата и рафинирањето на суровата нафта.

audi производство електромотори унгарија

Резултатите се важечки, но само кога се разгледува под условите што ги поставиле авторите на студијата на Ифо

Експертите на Ифо поаѓаат со погрешен параметар, дека електричните автомобили во Германија полнат струја, од којашто 35 проценти се добиени со согорување на јаглен. Голем удел на јагленот се зема и при пресметката на потрошената струја за производство на батеријата. Кога ќе се внесат реалните вредности, тогаш произлегува дека вкупната емисија на СО2 на Tesla Model 3 не изнесува 155 g/km, туку само 31 грами.

За пет параметри во студијата се користени погрешни вредности:

Параметар 1: Моќноста на моторот

Автомобилите во споредбата драстично се разликуваат во моќноста. Додека Tesla Model 3 располага со најмалку 351 КС, со погон на сите тркала и постигнува перформанси на спортски автомобил, моќноста на Mercedes C 220 d излегува релативно ниска, со 194 КС.

Соодветен C-Class за Tesla Model 3 е топ-дизелот C 300 d 4Matic со 254 КС. Неговата емисија на СО2 е 176 g/km, наспроти 141 на C 220 d. Реалната емисија на стакленичкиот гас кај двата дизел мотори сепак е значително повисока од лабораториски измерените вредности – истото важи и за секоја друга марка, не само за Mercedes. Во студијата се користат и вредности што се добиени според старата норма NEDC, иако веќе една година важи новата и пореална норма WLTP.

Параметар 2: Капацитет на батеријата

Според шведска студија од 2017 година, при производство на литиум-јон батерија се испуштаат меѓу 145 и 195 килограми СО2 за секој еден киловатчас капацитет на батеријата. Тоа значи дека за производство на батеријата од 75 kWh на Tesla се испуштени меѓу 11 и 15 тони СО2. Кога оваа вредност ќе се подели на растојание од 150.000 километри, произлегува емисија од 73 до 98 грами СО2 на километар. На тоа се додава вредноста на СО2 при производството на струјата. Така се доаѓа до наведените вредности од 155 до 180 грами на километар.

Проблемот е во тоа што шведската студија веќе долго време се оспорува и важи како неверодостојна. Покрај тоа, немаат сите електрични автомобили батерија со капацитет од 75 kWh. Во Nissan Leaf на пример, се вградува батерија со само 40 kWh. Tesla исто така нуди верзија на Model 3 со батерија со 50 kWh.

Параметар 3: Локација на фабриката за батерии

Производството на литиум-јон батерии троши многу струја. Количината на СО2 што притоа се ослободува, зависи од начинот на којшто локално се произведува струјата. Tesla има сопствено производство на батерии во САД, во Невада. Голем дел од струјата се добива преку соларни колектори. Точните вредности за еко-билансот сепак не се објавуваат.

Наспроти тоа, количината на СО2 при производство во Шведска, кадешто струјата потекнува исклучиво од еко-извори или од нуклеарни централи, е двапати пониска во споредба со САД. Според контроверзната шведска студија, при производство на батерии во Кина се испушта околу 30% повеќе СО2 отколку во САД, поради големиот број термоцентрали на јаглен.

Во среден рок, Кина ќе го зголеми уделот на еко-струја, што ќе води кон натамошно подбрување на СО2-билансот на производството на батерии. Тоа воопшто не е земено предвид во студијата на Ифо.

Параметар 4: Потекло на струјата за полнење на батеријата

Авторите го користат актуелниот удел на термоцентралите на јаглен во производството на струја во Германија, кој изнесува околу една третина. Во среден рок, земјата има цел комплетното производство на струја да го направи СО2-неутрално.

Друг факт е тоа што електричните автомобили во Германија, во зависност од операторот на мрежата од полначи, веќе денес може да се полнат со 100% еко-струја. Германската железница, на пример, за своите возови користи исклучиво струја од еколошки извори.

Норвешка е најдобар пример за електромобилноста. Додека за струјата во германските домаќинства моментно се испуштаат 550 грами СО2 по киловатчас, во Норвешка се само 60 грами.

Параметар 5: Век на траење на батеријата

Во студијата на Ифо се зема податок дека векот на траење на батеријата изнесува 150.000 километри. Но, не се зема предвид дека батеријата по користењето во автомобилот наоѓа примена како стационарен извор на струја, како џиновска батерија што може да се поврзе со соларни панели и да го снабдува целото домаќинство – вклучувајќи и полнење на самата батерија на автомобилот, доколку домаќинството поседува електричен автомобил. Покрај тоа, Tesla гарантира 120.000 милји за своите батерии, односно над 192.000 километри.

Објавувањето на студијата повеќе е од локален карактер, меѓутоа поради сензационалноста предизвика голем интерес и надвор од Германија. Факт е дека во студиите, анализите, па неретко и во категоричните ставови на влијателни личности во браншата, сé појасно се препознава политичката заднина.

Кај студии од ваков тип, прашањето секогаш е истото: Кој има интерес од оцрнувањето на имиџот на електричните автомобили? Тоа е реторичко прашање, секако. И, не е само еден субјект.

Renault создава острови што се независни од фосилни горива

Од сонце директно во батеријата на Nissan Leaf и во домот

Сега има премногу фабрики за батерии?

Mercedes започна изградба на фабрика за батерии


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

190
24 shares, 190 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *