154
20 shares, 154 points

Електричните автомобили се скапи, малечки и нефункционални, а производството на батериите ја загадува животната средина? Заедно со класичните недостатоци – малиот досег и малкуте полначи – тоа се најчестите заблуди околу погонот што повеќе не е иднина, туку е реалност.

Индустријата се надеваше дека ќе ѝ останат уште неколку години, за инвестициите во постоечката погонска техника со мотори со внатрешно согорување да се искористи до крај. Меѓутоа, светската политика и секаква друга политика на одредено ниво, постави јасни услови. Светот мора брзо да се префрли на електричен погон, со цел емисијата на стакленичкиот гас СО2 од сообраќајот да се смали драстично.

Електричните автомобили, камиони, автобуси, тротинети, квадрикоптери, секаков вид превозни средства на батерии, не се привремен хит или заблуда на индустријата и политиката, туку се реалност и придружник кон иднината.

Volkswagen ID.
Првиот „народски“ електричен автомобил од идното семејство модели ID. ќе стартува со испорака во 2020 година, премиерата е веќе наесен, на салонот ИАА во Франкфурт

Следната голема пресвртница во електричниот погон претстои наесен, на салонот во Франкфурт, кога Volkswagen ќе го претстави ID.3, како прв член од моделското семејство електрични возила и со цена што е споредлива со автомобил со дизел мотор. Тоа ќе биде новиот „електричен голф“.

Во јавноста се присутни многу тези и теории против електричниот погон, но големата вистина е дека сите тие напади се на ниво на „лажна вест“ и се пласираат со одреден интерес. Воопшто не е тешко да се погоди кои се страните и подрачјата на моќ, на кои не им одговара светот да се збогува со нафтата.

Во продолжение се 10 најголеми заблуди и митови околу електричниот погон, кои важат во светски рамки. Ставовите на локалната сцена околу погонот на батерии се материјал за посебна тема.

1.

Електричните автомобили се прескапи. Само малкумина можат да си ги дозволат!

Renault Zoe ZE50
Renault Zoe ZE50

Цената на батериите денес е за околу 80% пониска отколку пред десет години. Новите електрични модели од компакт или градската класа ќе чинат практично исто колку модел со моќен дизел и пристојна опрема, односно околу 25.000 евра. Покрај тоа, голем број држави имаат програми за субвенционирање, со што се овозможува цената на електричните возила да биде дури и пониска отколку на обичните возила. Друга предност се ниските трошоци за сервисирање, поради значително помалиот број компоненти што се подложни на абење или стареење.

2.

Мал е бројот на станици со полначи за електрични возила

Ionity полначи за струја
Ionity полначи за струја

Бројот на полначи одамна надмина 100.000 во Европа. Буквално секој ден се отвораат нови станици. Покрај тоа, супермаркетите, хотелите и паркиралиштата вградуваат полначи за своите клиенти. Голем број компании исто така поставуваат полначи за вработените. Се поедноставува и користењето, затоа што денес е доволна само една корисничка картичка, место посебна картичка за секоја дистрибутерска мрежа.

3.

Електричните автомобили се преопасни

батерија за електромобили, vw e-golf

Производителите гарантираат врвна безбедност. Посебни системи штитат од пожар или струен удар. При судир веднаш се прекинува врската со батеријата. Покрај тоа, самата батерија е вградена во куќиште со заштита при судир. Бројони тестови докажаа дека опасноста од пожар е исто толку ниска како кај автомобилите со обичен мотор.

4.

Полнењето трае предолго

Веќе се поставуваат моќни полначи, кои овозможуваат енергија за околу 200 километри пат да се наполни за 30 минути. Тоа е малку подолго од кафе-пауза при патување, на пример, на летен одмор. Околу 70% од сите полнења се вршат дома или на работа, така што времетраењето на полнењето не претставува проблем. Кога се патува подалеку, електричните автомобили обично поседуваат посебна навигација што ги покажува најблиските полначи.

5.

Зголемувањето на бројот на електрични возила ќе ја преоптовари струјната мрежа

nissan fabrika solar baterii

Истражување спроведено од германскиот институт Фраунхофер покажа дека во случај во земјата да се користат еден милион електрични автомобили, нивната потрошувачка на струја на годишно ниво би изнесувала 2,5 тераватчасови. Тоа е само половина процент од вкупната потрошувачка на струја во Германија, којашто изнесува 520 тераватчасови.

6.

Електричните автомобили водат кон затворање работни места

Работниот ангажман за производство на електричен автомобил е околу 30% помал отколку за возило со обичен погон. Во подолг рок, тоа ќе доведе до смалување на бројот на работни места во индустријата. Меѓутоа, производителите спроведуваат стратегија што овозможува задржување на бројот на работни места. Тоа е прашање на организацијата и планирањето.

7.

Електричните автомобили се опасни за пешаците

Возилата се многу тивки и тоа е голема предност. Сепак е неопходно возилото во одредени услови да произведува звук, за пешаците или велосипедистите да бидат свесни за возилото во нивна близина. Од летово, сите возила на струја мора да произведуваат вештачки звук.

8.

Нема уживање во возењето

Напротив, електричните возила се брзи, комфорни и забавни. При првото седнување, најмногу одушевува моќното повлекување, затоа што електромоторот го произведува полниот вртежен момент буквално од првиот вртеж. Во посилните автомобили, забрзувањето е како при полетување на авион. Дополнително придонесува и тоа што батериите се тешки, но се вградени ниско во самиот под на возилото, поради што се постигнува одлична стабилност.

9.

Може да се вози само на куси растојанија

Volkswagen ID.3 батерија

Проблемот со досегот е решен. Volkswagen ID.3 или „електричниот голф“, пристига наесен и ќе постигнува досег до 550 километри според реалната норма WLTP. На главните магистрални и регионални делници низ Европа се поставуваат брзи полначи. Операторот Ionity, на пример, до 2020 година ќе изведе мрежа во којашто нема да постои брз полнач подалеку од 120 километри. Во следните години, мрежата ќе продолжи да расте.

10.

Нема доволно суровини

volkswagen литиум

Литиумот постои во повеќе од доволна количина, а кобалтот потекнува исклучиво од рециклажа. Со денешната батериска техника, постоечките извори на литиум се доволни да се произведат батерии за неколку милијарди електрични автомобили. Уделот на кобалт ќе се смали од некогашните 12% на само шест проценти. На подолг рок се цели кон степен на рециклирање од дури 97 проценти.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

154
20 shares, 154 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *