за ,

Електрични автобуси во јавниот превоз во Берлин

електрични автобуси Берлин Mercedes Citaro

Германската престолнина влегува во ерата на електромобилноста со првата нарачка на 15 електрични автобуси во јавниот превоз во градот. Берлин е третиот град што ги нарачува Mercedes-Benz Citaro на батерија уште пред премиерата на автобусот во јули

Огранокот на Mercedes-Benz што е задолжен за товарниот сектор е во поетско расположение. „Ѕвездата свети над германската престолнина“, објавуваат оттаму, откако градот Берлин нарача 15 електрични автобуси Mercedes-Benz Citaro. Наспроти компаниите чиишто електрични товарни возила се уште во фаза на најава, а мислиме на Tesla, Nikola Motors и слични, испораката на електричните автобуси со сребрената ѕвезда ќе следи веќе во првото тримесечје од следната година.

Тоа е веќе трета нарачка што пристига за електричниот Citaro пред неговата премиера во јули, на традиционалното издание на салонот за стопански возила ИАА во Хановер. Во автобусот се вградуваат до десет батериски модули со вкупен капацитет од 243 киловатчасови, коишто се полнат во депото. Задната оска располага со два електромотора што се вградени веднаш покрај тркалата. За зголемување на ефикасноста се применува интелигентен менаџмент со топлинската енергија, слично на топлинска пумпа.

Просторот за патници по ништо не се разликува од верзијата на Citaro со обичен погон. Според стандардите на берлинскиот превозник, кој е воедно и најголем субјект во јавниот превоз во земјата, автобусите имаат високо ниво на опрема. Патниците со ограничена мобилност, на пример, кога седат на место што е спротивно од насоката на возење, добиваат информации од соодветно поставени дисплеи.

Дваесет примероци од електричниот Mercedes Citaro претходно беа нарачани и за градот Хамбург. Првиот германски град што воведе ограничување на сообраќајот за стари дизели планира по 2020 година да го обновува јавниот превоз исклучиво со електрични автобуси.

Во Скопје моментно се тестира Mercedes Citaro со погон на метан и уште еден автобус со електричен погон.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

автопилотот тестирање британија 1

Автопилотот уште не е дораснат да го замени возачот

Piloti Ferrari 488 Pista

Ferrari 488 Pista во верзија само за тркачите за Маранело