168
22 shares, 168 points

Добавувачот ZF ја разви првата електрична паркирна сопирачка што дејствува на предните тркала. Тоа овозможува нејзино вградување и во помалите автомобили.

Во новите моделски генерации од високата, средната и компакт класата речиси без исклучок се вградува електрична паркирна сопирачка како стандард, освен можеби во некои основни моделски изведби. Овој систем досега не можеше да се вградува во градските и мини автомобилите, поради тоа во нив обично се вградуваат барабан сопирачки на задната оска.

Добавувачот ZF разви електрична паркирна сопирачка што дејствува на предните тркала, односно на предните сопирачки дискови. Со тоа, техниката станува достапна и во помалите автомобили. Покрај многуте придобивки, како во комоцијата, така и во безбедноста, со можноста за вградување на електрична паркирна сопирачка отпаѓа и потребата од масивна рачка меѓу седиштата. Таа едноставно се заменува со копче.

Веќе е започнато со вградување на електрична паркирна сопирачка на предните тркала во сериско производство, ZF засега не посочува кои се моделите

Овој „новоослободен“ простор секако ќе биде добредојден, особено кај малечките автомобили. ZF само начелно открива дека првите модели со оваа техника штотуку стартуваат со производство во фабрики во Кореја и Кина.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Покрај вообичаената функција на паркирна сопирачка, во новиот систем е опфатена и помош при поаѓање на нагорнина, како и функција „појди-запри“, што е корисна придобивка за комфорот при возење во град. Уште една придобивка е сигурноста при паркирање на возилото. Бидејќи паркирната сопирачка дејствува врз предните тркала, на коишто паѓа поголем дел од тежината на возилото, помала е опасноста дека возило паркирано на нагорнина, на лизгав коловоз, ќе почне да лизга.

За вградување на новата паркирна сопирачка за предните тркала се потребни само мали промени во сопирачките клешти. Потребните електронски компоненти, заедно со софтверот, веќе се наоѓаат во контролниот модул на системот за стабилност. Може и да се заштедат неколку килограми.

ZF прв ја претстави електричната паркирна сопирачка за задните тркала во 2001 година. Оттогаш, системот е вграден во повеќе од 75 милиони возила.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

168
22 shares, 168 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *