за

Електричните возила на најтивок, а најгласен собир во Скопје

електричните возила во е-конвој, скопје

Кога некој вели дека иднината им припаѓа на електричните автомобили, повеќе никој нема да му поверува. Денес електричните возила беа реалност во Скопје, а ќе бидат и утре и по утре

Кога овие возила се наоѓаат на собир, поинаку е, многу поинаку. Кога намерник ќе се обиде да лоцира каде точно се одржува нивниот собир на кампусот на ФЕИТ и МФС, тоа сигурно нема да му успее ако ги бара по вревата. Откако конечно ќе се покаже дека собирот е на паркингот веднаш зад анексот, се среќава глетка сосем спротивна од онаа што владее по скопските улиците кои водат дотаму. Десетици возила врват по паркингот, што скутери, што тротинети или квадрицикли, без каква било врева, а уште повеќе без какви било издувни гасови, кои некаде понастрана уште одамна ни го имаат затруено разумот.

Дерењето на V8-моторите во меѓувреме сите го имаат слушнато, денес сите сакаат да „не ги слушаат“ електричните возила

Не е до отсуството на врева од работата на моторите, овој џагор што се слуша на собирот на електричните возила е сосем реален и уште поприроден. Зарем навистина се случува, електричните возила да им го крадат шоуто на големите и тешки теренци и лимузини со „шестоцилиндрични“ мотори од најраните години на тековниот милениум, кои Европа божем ги отфрла и зафрла зошто е богата, а не затоа што применува строги стандарди за заштита на животната средина? И сето тоа е среде македонската престолнина, пет-шест милионското Скопје? Таков е впечатокот за бројноста, кога ќе згусти воздухот.

E-Konvoj br1 055
Компаниите што ги користат возилата на струја имаат постигнато повеќе за осознавањето и прифаќањето на електричниот погон отколку самите трговци

Во дијагностицираното опкружување е нормално тоа што овие е-апостоли се гордеат со своите електрични возила, без разлика дали се работи за електричен тротинет, велосипед или суперавтомобил. Можеби луѓето и не се гордеат, поверојатно е дека ние што немаме електрично возило им завидуваме.

Повеќе фирми го вклучуваат електричниот погон во својот имиџ: Застапништвата на автомобилските марки уште доцнат

Организаторите со оваа манифестација ја поставуваат сцената на електромобилноста во Македонија. А, кругот околу сцената се затворил совршено во изминативе пет години, од првиот Е-полигон. Сопственици и корисници на електричните возила денес се големи компании, како ЕВН Македонија или ПроКредит Банка, за коишто манифестирањето одговорност кон животната средина има клучна улога во градењето на имиџот пред корисниците. Истото важи и за приватни бизниси коишто преку електричниот погон постигнуваат поголема видливост во својата сфера на делување, како секогаш авангардната Сатра.

E-Konvoj br1 015
Истражувачкиот кадар во МАНУ со пионерска улога во електромобилноста: Приватното електрично возило на м-р Александар Дединец, од истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при нашата најеминентна научна институција

На собирот со свои возила присуствуваа и уште десетици техно-авантуристи, изумители кои одгледуваат генијалност во своите гаражи, подруми или дворови, секаков вид на електро пионери, активисти во заштитата на животната средина, па дури и по некој член на македонската научна елита, што би требало да изненади најмалку кога е во прашање електричниот погон.

Електричниот погон е секојдневие по улиците, од автобусот на линија 15, до е-тротинетите што се среќаваат на секој чекор

Официјалноста на настанот беше потврдена со обраќањето пред медиумите на скопскиот градоначалник Петре Шилегов и на претседателот на управниот одбор на ЕВН Петер Штефан. Прочуениот електричен автобус на линија број 15 ја демонстрираше примената на чистата погонска технологија во подрачјето за коешто јавноста најмногу навива за помасовна примена на електричниот погон.

E-Konvoj br1 057

Автобусот прв допатува до крајното одредиште и ја мина Порта Македонија, откако појде од кампусот со целосно искористен превозен капацитет, што говори за големиот интерес и за љубопитноста околу електричниот погон. Најголемиот спектакл сосем очекувано му припадна на Tesla Model X, а одушевеноста најбурно ја манифестираа десетината дечиња. Едно од нив во целата мешаница извика нешто што ќе се спомнува уште долго време: „Кога ќе пораснам ќе се вработам во Телеком, замо заради електричните автомобили“. Во која точно компанија ќе работи младиот електроентузијаст е речиси невозможно да се предвиди, но едно може да биде сигурно. Овие десетина дечиња е сосем извесно дека првите километри со својата возачка дозвола ќе ги направат во автомобил со електрифицирана погонска спрега.

Честитки за организацијата за електрични возила Е-мобилност. Ако Македонија во нешто заостанува најмалку зад западноевропските земји, тоа е во свеста за електромобилноста. И сцената во меѓувреме е заокружена, сите субјекти се ангажирани во промовирањето на електричниот погон. Во уживањето во придобивките во погонот на струја, исто така. Во разговорите дознавме дека некои од нив за полнењето на батериајта на својот квадрицикл трошат по 30 денари месечно. Потребно е „само“ уште да расте нивниот број.

Електричен конвој утре вози низ центарот на Скопје

Дебатата за иднината на автомобилизмот започнува од МАНУ

Топ 10 Најголеми заблуди околу аерозагаденоста во Македонија

[FAG id=35130]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Renault EZ-Pro

Renault EZ-Pro е подвижен дуќан, пошта, сервис, иднина

Peugeot e-Legend Concept

Peugeot e-Legend прикажува висока мода на салонот во Париз