за

Ducati Monster 821: Внимавај, нов монструм на улиците!

Во јули официјално стартува продажбата на Monster 821 како нов модел во основата на понудата на легендарната италијанска марка во замена за моделите 696 и 796.

По повеќе од 20 години и 290.000 продадени примероци од моделот, новиот Monster верно го следи изгледот на своите претходници. Основни знаци на препознавање и натаму се видливата решеткаста рамка во предниот дел и дизајнерската линија што се сведува само на најосновното. Седиштето е дебело тапацирано и буквално изгледа како да лебди над задното тркало. Според инженерите на Ducati, големите издувни лонци со конфигурација 2 во 1 во 2 испуштаат звук што одговара на моќниот изглед.

Двоцилиндарецот во L потекнува од Hypermotard и посебно е дотеран за новиот Monster. Цревата и пумпата за вода ги сокриваат цилиндрите од левата страна, додека од десната страна доминира садот за изедначување на течноста за ладење. Погледот ги фаќа и централниот амортиозер и двојната алуминиумска вилушка. Воланот е четири сантиметри повисоко во споредба со 796 и за исто толку поблиску до возачот, со цел возачот подобро да се соедини со машината.

Моторот отсекогаш бил срцето на секој Ducati. Моќноста од 112 КС и вртежниот момент од 90 њутнметри се справуваат со 206 килограми. Крајната моќност се постигнува при 9.250 вртежи, а максималниот момент при 7.750 вртежи во минута. Двоцилиндарецот е дотеран да повлекува поубедливо во подрачјето меѓу 3.000 и 6.000 вртежи, за возачот да може повеќе да се концентрира на патот. При легнување во свијоци може да се има доверба во фабрички монтираните Pirelli Diablo Rosso II.

На располагање стојат три програми за возење, што драстично се разликуваат и изведени се смислено. За секојдневно возење е наменета програмата Touring, со полна моќност и спонтано прифаќање на гасот, во комбинација со среден степен на чувствителност на АВЅ и на контролата на тракција – обата система може и да се исклучат. Подиректна реакција на гас нуди програмата Sport, вклучувајќи и ниска контрола на тракција (втор од осумте степени) и најниско ниво на АВЅ.

Целта на инженерите беше да се направи мотоцикл што ќе биде лесен за возење и за почетниците, така што никоја од програмите не го преоптоварува возачот. Последната од трите програми е Urban, за градско возење. Гасот реагира помеко и моторот ослободува само 75 место 112 КС, АВЅ работи најчувствително – намерата е возачот да се ослободи од стравувањето дека ќе даде премногу гас или пресилно ќе ги стегне сопирачките.

Ducati нуди можност одделните програми да се дотераат по желба на возачот и со обично притискање на копче истите да се вратат на фабричкото местење. Преоѓањето од еден во друг степен трае само неколку секунди при отпуштен гас. Висината на седиштето може да варира во дијапазон од 8,5 сантиметри. Стандардно се нудат две висини, 810 и 785 милиметри. По желба се испорачуваат висини од 765 и 754 милиметри, како и повисоко седење на 830 милиметри. Од приборот за разубавување може да се избираат карбонски елементи за изгледот, или практични делови за секој ден и за на пат.

 

 

 

Технички податоци

Ducati Monster 821

   
Мотор  V2, 821 ccm, водено ладење
Моќност  82 kW / 112 PS при 9250 врт//min
Вртежен момент  89 Nm при 7750 врт./min
Крајна брзина  225 km/h
Менувач  6-степен менувач
Резервоар  17,5 литри
Висина на седиште  810 – 765 mm
Тежина (со течности)  206 kg
Гуми  120/70-ZR17(напред), 180/60-ZR17 (назад)

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Трик при прегреан мотор: Пуштете го греењето во кабината

Тест • Ford C-Max 1.6 TDCi Trend