183
23 shares, 183 points

Ограничувањето на времето за движење поради корона-кризата влијае и врз користењето на автомобилите. Се вози само неколку километри во град, за подолги релации и за возење на отворено никој не помислува. Но, филтерот за честички не признава криза, кусите возења му штетат.

Во услови на ограничено движење, како една од заштитните мерки во борбата против пандемијата од корона, се смени и користењето на автомобилите. Се вози само во град, на куси релации. Возачите на дизел автомобил од поновите генерации треба да внимаваат, затоа што со таквиот режим можат да предизвикаат проблеми со филтерот за честички, односно DPF.

Овој филтер се вградува задолжително во актуелните моделски генерации и неговото постоење во системот за пречистување на издувните гасови е услов за исполнување на последните Euro-норми. Кусо, овој филтер има задача да ги таложи честичките PM што се создаваат при бурното согорување на дизелот во моторите со директно впрскување и заеднички вод (common rail) – истите честички поради кои македонските градови се високо на листите на најзагадени урбани средини во светски рамки.

Проблемот со DPF е во тоа што филтерот има ограничен капацитет, односно не може бескрајно да ги таложи честичките гареж. Затоа, секој филтер од овој вид поседува таканаречена фунција на регенерирање, кога се создава екстремно висока температура во филтерот заради согорување на наталожениот гареж и неговата содржина се отстранува таму кадешто е помалку штетно, отколку во град. За оваа регенерација да се активира, потребно е да се вози меѓу 15 и 20 минути, со нешто повеќе од половина од работното подрачје на моторот, обично 2.500 вртежи. Тоа значи, треба да се вози на автопат, на обиколница.

Излегување на отворен пат и минување дваесетина километри може да го спаси филтерот, но и моторот

Автомобилите во актуелните услови околу корона-кризата се користат само на куси релации, строго во град. DPF во такви услови не може да се регенерира и тоа не може да води до друго, освен до целосно затнување на филтерот. Затоа е добар совет, автомобилите да не се користат за куси релации, или барем на одредени интервали да се одвои време и да се поминат тие дваесетина километри со постојана брзина, за филтерот да се ослободи од гарежот.

Во овие неизвесни времиња ќе биде само уште еден проблем повеќе, доколку возилото мора да се носи на сервис – тоа е непотребно изложување на контакти и на средини во коишто има голема циркулација на луѓе. Во случај кога контролната светилка за DPF ќе се вклучи, обичното возење по отворен пат може да биде недоволно да се отстрани проблемот, туку е неизбежно да се посети сервисна работилница.

Во последно време се отворија неколку сервиси за присилна регенерација на DPF или чистење со хемиски раствор, што може да го спречи овој проблем. Во спротивно, можни се штети што чинат и повеќе илјади евра. Многумина практикуваат софтверски да го онеспособат филтерот, иако тоа најчесто значи само гаснење на светилката (а проблемот останува), па дури постојат и случаи кога целосно се отстранува филтерот. Тоа масакрирање на автомобилот секако дека е несоодветно, прво од личен интерес, затоа што таков автомобил никој не сака да купи, а второ, поради тоа што се наштетува на животната средина, на луѓето, на животните, на природата.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

183
23 shares, 183 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *