за

Dodge Viper заминува во 2017: Крај за лудиот автомобил со џиновски мотор

За 25-от роденден, Viper ќе згасне. Chrysler престанува со производство на Dodge Viper и му става крај на овој суперспортски автомобил со џиновски мотор, кој се продаваше слабо. Можеби затоа што беше премногу опасен.

Десет цилиндри, работна зафатнина од 8,4 литри и вртежен момент од 815 њутнметри. Колку вонвременски звучат овие бројки во денешната ера на смалување на моторите, на неопходна помош од турбонатполнење, на одземање на цилиндрите. Некои автомобили сепак преживеаја. Dodge Viper, на пример, со моторот од 8,4 литри, кој е најголем мотор што денес се вградува во сериски автомобил.

Отровната змија не е попусто во логото на Dodge Viper. Тој е еден од последните што не е под електронска контрола
Отровната змија не е попусто во логото на Dodge Viper. Тој е еден од последните што не е под електронска контрола

„Отровниот“ десетцилиндарец е склупчен под огромната хауба и ги гризе предните тркала на Dodge Viper. Но, оваа неразумно моќна машина нема да издржи уште долго. Производството на суперспортскиот автомобил ќе заврши по две години. Причината е слабиот интерес. Лани се продадоа само 750 парчиња.

Штета е за овој автомобил со 649 КС, кој се сметаше како врв на инженерската вештина на Американците. Поточно, на Италијанците. Во развојот на првата генерација на Viper учествуваше Ferrari, а модификацијата на џиновскиот мотор кој потекнува од камионската програма на Американците ја извршија техничарите на Lamborghini. Малку назад во историјата. Chrysler, кој е сопственик на марката Dodge, а денес е дел од концернот Fiat Chrysler, во 1987 година го презеде Lamborghini и го претстави првиот Viper во 1992 година.

Нема контрола на стабилност, нема турбо – Viper не признава компромиси

Кој има вишок 140.000 евра за актуелната генерација и љубител е на брзото возење од старата школа, нема да погреши со овој автомобил кој е еден од последните што не е зауздан од електроника. Viper долго време не сакаше ниту да слушне за контрола на стабилноста. Дури во 2012 година купувачите можеа да добијат ЕЅР, и тоа само по барање.

Првата генерација, со спектакуларен дизајн и концепт, носеше гени од Lamboghini, тогашна марка на Chrysler
Првата генерација, со спектакуларен дизајн и концепт, носеше гени од Lamboghini, тогашна марка на Chrysler

Viper забрзува до сто за 3,5 секунди, постигнува 330 km/h и на љубителите на моторната музика им нуди концерт на десет цилиндри каков што ретко се слуша на друго место. Моторот е покриен со бесконечно долга хауба, а отстрана ѕиркаат издувни цевки, кои под полна гас испуштаат толку врели гасови, што праговите се топат. Секако дека е потребно малку повеќе од здрав разум за возење на ваков монструм.

Сé е големо и директно во Viper, почнувајќи уште од рачката на менувачот. Место преку лостови и сајли, таа зафаќа директно во монструмските запченици во менувачот. „Подиректен“ менувач и покуси одови на рачката не се наоѓаат на друго место. Истото важи и за гумите. Со ширина од 355 милиметри, само една гума има контакт со асфалтот исто колку што имаат сите гуми на некој градски автомобил. И со гумите треба да се внимава, затоа што таква димензија тешко се наоѓа во секој дуќан.

За Viper е потребен скротител на змии отровници

Дека Viper не е за возачи почетници, сосема е јасно. Само малкумина таленирани возачи можат да ја држат задната оска под контрола. Слабост при поаѓање, како што е вообичаено кај денешните турбо-мотори, тука не може да се очекува. Осумте литри работна зафатнина се грижат моторот да произведе доволно „пареа“ уште од најниски вртежи. Затоа и моторот бара соодветно да се храни. Помалку од 20 литри бензин не вршат работа.

Chrysler се откажува од Viper во 2017 година. Истото се случи и во 2010, за две години подоцна Dodge да се појави во нова генерација
Chrysler се откажува од Viper во 2017 година. Истото се случи и во 2010, за две години подоцна Dodge да се појави во нова генерација

Робусната техника беше супериорна на маратонските трки и Американците лесно ги оставаа зад себе конкурентските „поршеа“ и “ферариња“ на 24-часовните трки во Леман, Спа и Нирбургринг. Сега Chrysler најавува престанок на производството во 2017 година, кога Viper го слави 25-от роденден. Но, можно е дека суперавтомобилот со отровна змија во логото ќе преживее. Chrysler веќе еднаш го прекина производството, во 2010 година, за две години подоцна да стартува повторно со моделот од третата генерација.

Погледнете како Џереми Кларксон го оцени Viper пред осум години:

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen скусува една милијарда од планираните инвестиции за 2016 година

„Зошто да купувам зимски гуми кога не возам по снег?“