Германски медиуми објавуваат дека шефот во заминување од Daimler, Дитер Цече, во следната недела преоѓа во врвниот менаџмент на туристичкиот гигант Туи.
Еден од највпечатливите и најценети ликови од топ-менаџментот во автомобилската бранша, Дитер Цече, наскоро заминува од концернот од Штутгарт, откако направи Daimler да поставува рекорди од година в година. Како што објави „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“, Цече во следната недела ќе биде избран за претседател на надзорниот одбор на туристичкиот концерн Туи. Засега нема потврда на објавената информација од компанијата со седиште во Хановер.
Само еден ден претходно, на 22-ри мај, Дитер Цече (66) ќе му ја предаде својата служба, како претседател на управниот одбор на Daimler, на наследникот Ола Келениус. Цече од минатата година е член на надзорниот одбор на Туи и доаѓа на местото на Клаус Манголд, кој раководеше со гремиумот од 2011 година.