131
18 shares, 131 points

Пролетоска имаше убаво освежување на сцената, кога СУВ-моделот од кинескиот производител Dongfeng Sokon пристигна на тест во редакцијата и посведочи за солидниот напредок што ни доаѓа оттаму во развојот и во изработката на автомобили. DFSK Glory 580 покажа квалитети што можат да бидат доволен аргумент за негов избор, дури и пред да следи поглавјето за цените, кои порано компензираа за сé што не ни се допаѓаше кај автомобилите од кинеска продукција. Кај него практично нема што да се компензира. Glory 580 е просторен, комотен и комфорен, солидно опремен, има и релативно разновидна понуда од моделски изведби, иако тие главно се сведуваат на опремата и на опцијата за мануелен или CVT-менувач.

Колку што големиот СУВ-седумсед тогаш остави позитивни впечатоци, така сега претстои следното поглавје што ќе го покаже производителот во уште поубедливо светло. Како што веќе најавува увозникот АБЦ Бротхер, наскоро пристига купе-СУВ моделот DFSK Glory ix5. Очигледно е дека стилот бил главна точка при развојот на новиот модел во средината на понудата на DSFK, заедно со новините во ракувањето во кокпитот и со можностите за поврзување со преносни уреди и користење најразлични мобилни услуги, кои возачките и возачите во Кина ги обожуваат во своите возила.

Во дизајнот можеби има некои премногу амбициозни инспирации, иако истите не се преземени стопроцентно. Добра е идејата со едноставниот изглед на носот да се постигне впечаток на моќ и сувереност. Автомобилот секако изгледа симпатично и веројатно со неговото скорешно појавување на нашиот пазар ќе се разубедат „стилистите“ што бараат копирани елементи во Glory ix5 и со тоа ги пропуштаат вистинските квалитети на автомобилите.

Должината на СУВ-купето е 4,69 метри, ширината е 1,87 метар, висината 1,65 метар. Меѓуоскиното растојание е доста раскошно, со 2,79 метри. Во ширината на трагата од 1,58 метар напред и 1,57 метар назад се навестува дека инженерите ја имале предвид динамиката на автомобилот. Наспроти Glory 580 со неговите седум седишта, ix5 има место за пет патници, но има и ипресивна зафатнина на багажникот, со 779 литри.

Кинескиот производител засега има две погонски единици во понудата: Едната ја носи ознаката 220T и вози со 1,5-литарски турбо со индиректно впрскување (SFG15T), со моќност од 150 КС и вртежен момент од 220 Nm од 1.800 до 4.000 вртежи во минута. Менувачот е мануелен со 6 степени, опција е безстепен менувач CVT.

Погонот е напред, околу опцијата за погон на сите тркала засега немаме информации. Клиренсот од 200 милиметри, во секој случај овозможува теренска применливост до одреден степен. Возилото тежи 1.570 килограми, производителот наведува просечна потрошувачка од 7,5 литри, резервоарот има зафатнина од 58 литри.

Втората погонска опција е 280TGDI, со истиот мотор, но со директно впрскување и со моќност од 179 КС. Вртежниот момент расте на 270 њутнметри од 1.500 до 4.000 вртежи, потрошувачката според фабрика се спушта на 7,2 литри. Комбинацијата со менувач CVT е стандард со овој мотор.

Врвот на понудата наскоро ќе му припадне на 360TGDI со 2,0-литарски турбо со 231 КС и 355 њутнметри, кој соодветно за последнава вредност доаѓа со автоматски менувач со 6 степени.

Подвозјето користи задна оска со повеќе водилки, предните сопирачки дискови се вентилирани. Основната изведба доаѓа со алу-бандажи како стандард и гуми 235/50R18. Електрична паркирна сопирачка исто така се вградува стандардно. Во верзијата 280TGDI следат за еден инч поголеми бандажи и гуми 245/45R19.

Информациите околу возилата од Кина се обезбедуваат мошне тешко, додека не преземе увозникот и ги објави официјалните податоци за македонскиот пазар. Од спецификацијата што се однесува на кинескиот пазар, основната моделска изведба на Glory ix5 доаѓа со убедливо ниво на опрема: Автоматска еднозонска клима, средишен дисплеј од 10,25 инчи, панорамски сончев покрив (по целата должина на покривот), седишта стандардно обложени со кожа, навигација, паркинг сензори назад и камера, пристап без клуч и копче за старт, говорни команди, можност за далечинско вклучување одредени функции, на пример ракување со сончевиот покрив.

Во основното ниво се вградуваат две воздушни перници и нема системи за асистенција, но затоа го поседува целиот арсенал од BAS до CBC. Тоа што прво се забележува во кокпитот е големиот дисплеј што е легнат зад рачката на менувачот и меѓу другото служи за ракување со климата и вентилацијата. Кинезите почитуваат во опремата да наведат и ставки како гасни амортизери за хаубата. Антена во форма на перка се подразбира. За разлика од основното ниво на Glory 580, тука воланот има и длабинско местење. Гаранциите се импресивни: 7 години или 150.000 километри.

Во топ-нивото следат осум воздушни перници, панорамски приказ при паркирање, радарски темпомат, електрично отворање на багажникот, далечински старт на мотор, безжично полнење, камера за снимање на возењето, мека телешка „напа“ кожа на седиштата, заедно со греење и елеткрично местење, озвучување Pioneer, дигитални инструменти, диодни светла, па и стакла напред што не задржуваат капки.

Прашањето околу цените секако дека е најрелевантно. Додека АБЦ Бротхер го објави пристигањето на моделот и официналниот ценовник, само ориентациски според цените за кинескиот пазар, Glory ix5 чини околу 25% над Glory 580. Ако таа разлика се пресмета според цената за основната изведба на „580“ за нашиот пазар (14.990 евра), произлегува чисто ориентациски цена под 20.000 евра. Секако дека тоа е неофицијален податок и дека во формирањето на цената за одреден пазар влијаат мноштво фактори. Но, дури и со „грешка“, Glory ix5 ќе биде една убава сензација.

Тест: DFSK Glory 580 · Колата што сите ја гледаме, но ја мислевме за друга


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

131
18 shares, 131 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *