за

David Brown Speedback е новиот престижен тркач од Британија

Британците имаат нова автомобилска марка. David Brown Speedback изгледа како Aston Martin DB5, но под рачно изработената каросерија се крие техника од Jaguar XKR.

Новата марка од Велика Британија денес го претстави својот прв модел пред избрана публика во Лондон. Speedback е рачно изработено спортско купе, коешто комбинира класичен дизајн од 1960-те години со модерна технологија. Алуминиумската шасија и погонската единица потекнуваат од Jaguar XKR, а тоа подразбира петлитарски мотор V8 со механички компресор и 510 КС, во комбинација со шестстепен автоматски менувач. Основата на кокпитот е преземена директно од стандардниот Jaguar XK.

Основачот и извршен директор на David Brown Automotive раскажува за раѓањето на новата марка од островот: „Бев на рели за олдтајмери во Шпанија, во Ferrari Daytona на еден пријател, но автомобилот се расипа. Изнајмивме Peugeot 106 и сите сакаа да се возат во него, зашто имаше клима уред. Така дојдов на идеја да го спојам стилот од 1960-те со технологија што ќе работи како што треба.“

Главниот дизајнер Ален Моберли изработил класичен модел од глина, кој потоа бил скениран дигитално, за алуминиумската каросерија да се изработи прецизно. Овој спој на традиционален стил и материјали со модерна технологија се провлекува низ целиот автомобил. Оттаму не треба да зачудува тоа што Speedback има класични жичени бандажи, кои се изработени по специјална нарачка за моделот и воедно се најшироки бандажи од тој тип што моментно се произведуваат. Предните светла изгледаат како во 1960-те, но користат диодна техника.

Официјалното претставување на David Brown Speedback ќе се случи на Салонот на топ марки во Монако, од 17-ти до 20-ти април, кога ќе се објави и цената на престижниот модел.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот Smart на завршно тестирање во Поларниот Круг

Fiat ја купува марката мотоцикли MV Agusta?