144
33 shares, 144 points

Davanti е марка гуми со седиште во Велика Британија, која во третата година постоење пристига и на македонскиот пазар. Дилерите се избираат грижливо, Мотоцентар е природен избор во тој поглед. Како што кажуваат домашните специјалисти, Davanti во иднина ќе биде мошне присутно име на домашниот пазар за автомобилски гуми.

Вечерва во амбиентот на Хотел Мериот во Скопје беше означен почетокот на новата марка автомобилски гуми на македонскиот пазар, Davanti Tyres. Станува збор за англиска марка, која ја претстави својата прва генерација гуми во 2015 година. Производите на Davanti со возните квалитети се позиционирани во горниот крај на средната класа, но цената ги приближува до најширокиот пазарен сегмент.

Познати европски институции за проверка на техничките квалитети ги потврдија добрите својства на гумите Davanti

Повеќе независни институции за проверка на техничките квалитети од неколку земји во Европа, меѓу кои германскиот TUV и шпанската Idiada, во обемни тестирања веќе ги потврдија својствата и воопшто квалитетите на новата марка англиски гуми. Од вештото излагање на регионалниот директор за продажба Даниел Томашиќ, можеше да се заклучи дека Davanti Tyres ги искористува компактноста, стручноста и флексибилноста на својата организација како предности и на тој начин се изборува за јасна позиција на пазарот на автомобилски гуми.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Производството на гумите се одвива во модерна фабрика во Кина, но како што нагласуваат претставниците од компанијата, „тоа не значи дека Davanti се ‚кинески гуми‘, туку се англиски гуми кои се произведуваат во Кина.“ Повторно оцена на нашата редакција е дека станува збор за мудро изведена логистика, којашто ги спојува вистинските точки во светот, за да дојде до производ што нуди предности во конкурентската битка, кои се интересни за возачите.

Партнерството на Davanti со Мотоцентар е возбудливо, бидејќи брендот совршено одговара за пазарот во Македонија“
Даниел Томашиќ, регионален директор за продажба во Davanti Tyres

Во фабриката во Кина се произведуваат повеќе марки гуми од различни сегменти, меѓутоа конструкцијата, смешата и составот, како и калапите за гумите Davanti, потекнуваат од англискиот развоен тим и независни се од останатите гуми што се произведуваат во фабриката. Предностите на производството во Кина во меѓувреме ги користат и најголемите автомобилски компании, вклучувајќи го и Volvo, кој возилата од својата електрична марка Polestar ќе ги произведува исклучиво кај својот азиски партнер. Mercedes и BMW исто така имаат масовно производство на автомобили за локалниот пазар.

Davanti Tyres цели кон купувачите кои избираат производи со висока противвредност, што поседуваат и возни квалитети, а не се само „евтини“

Под предности во овој случај, секако прво се подразбира противвредноста. Тоа што возачите ќе го добијат кај оваа марка е нешто што пазарот општо го цени како „многу за парите“. Davanti Tyres очигледно не ја прави „грешката“ на марките што продаваат евтино и што целат кон кругот купувачи, кој цени дека при изборот на гумите единствено треба да се внимава на цената, туку го има поставено својот таргет кон возачите кои сакаат претходно да се информираат какви својства поседува одредена марка гуми.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во прилог на новата марка гуми на македонскиот пазар говори и фактот што Мотоцентар ги вклучува Davanti Tyres со својата понуда, поврзувајќи ги на тој начин и со својот прецизно изграден имиџ на куќа што во голем обем е посветена на гумите од премиум сегментот. Генералниот директор на Мотоцентар, Горан Гроздоски, потсеќа дека тука не може да стане збор за случајност: „Потрошивме многу време разгледувајќи ја палетата на гуми на Davanti, нивниот режим на тестирање, нивната долготрајна издржливост и сме воодушевени“.

На македонскиот пазар се менуваат повеќе од 300.000 гуми годишно. Со пристигањето на Davanti, македонските потрошувачи добиваат избор кој нуди безбедност, квалитет, перформанси и пристапна цена

Според генералниот директор на дводеценискиот лидер во гумарскиот сектор, „партнерството не само што ќе воведе свеж, возбудлив, нов бренд во Македонија, туку и ќе ја подобри безбедноста на возачите и пешаците, благодарение на комбинацијата на Davanti од напредно техничко истражување и развој, со исклучително вреднување на парите.“ Тоа најмногу ќе го ценат возачите кои минуваат многу километри и ги земаат гумите предвид при пресметувањето на работните трошоци. Обично компаниите со големи возни паркови ги препознаваат и ги ценат ваквите можности, затоа што заштедата на ниво на цел возен парк постигнува фантастични вредности.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Најголемата предност сепак е во тоа што заштедата не се постигнува на сметка на возните својства и безбедноста за сите учесници во сообраќајот. Горан додава: „Сè што видовме и искусивме со Davanti ни покажува дека палетата на гуми нуди многу напредни нивоа на перформанси, управување и сопирање во секакви услови. Но, начинот на којшто тие се развиени не повлекува претерано висока цена.“

Лани Davanti Tyres продале 1,5 милион пневматици, годинава се очекуваат 2,5 милиони – тоа се повеќе од 700.000 возила опремени со англиските гуми

Понудата од летни гуми моментно опфаќа над 250 димензии и единаесет различни модели на гуми, почнувајќи од DX240 за градски автомобили, преку DX390 за компакти, до специјални гуми за терен Terratoura – кои инаку постигнуваат шампионски продажби во Јужна Африка, поради спецификите на локалната патна мрежа – и до DX740, како гуми за СУВ-модели со врвни перформанси, меѓу другото предвидени и за BMW X6 и слични.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Дистрибутивната мрежа на Davanti е присутна во повеќе од 50 држави, вклучувајќи ја речиси целата територија на Европа, како и САД и Канада, Австралија, Јужна Кореја и други. Во следниот период ќе се работи на проширување на димензискиот опсег кај неколкуте модели на зимски гуми. На освојување нови пазари, исто така. Возачите засега имаат избор меѓу 150 димензии на зимски гуми и четири модели на гуми, од СУВ до доставни возила.

Davanti произведува димензии на гуми за кои гигантските корпорации се премногу инертни да реагираат брзо; Има димензија и за лондонското такси, тоа е огромен пазар што новите англиски „гумари“ не сакаат да го пропуштат

Како доказ за флексибилноста и способноста на Davanti да реагира брзо таму кадешто корпорациските гиганти се премногу инертни, може да послужи фактот што марката нуди голем број димензии кои се ретки кај останатите производители. Гуми за прочуеното лондонско такси, исто така се наоѓаат во понудата на Davanti, како модел DX420. Во такви моменти се препознава смислата на деловното постоење на англиската марка гуми.

⇒  Возниот парк од тест-болиди на тркачката патека Портимао во Португалија е комплетно опремен со гуми од Davanti. На тоа се посебно годди Англичаните кои мотоспортот го негуваат речиси на ниво на национален спорт
New photo by Automedia MK / Google Photos

Резултатите што беа прикажани на презентацијата покажуваат дека Davanti заостануваат незначително зад пневматиците од рангот на Continental, во пресудните критериуми, како што се сопирање и управливост на влажна подлога (марката гуми сепак е од Англија), исто како и мало абење и ниска бучава.

Davanti го следи примерот од премиум гумите кај возните својства на влажно и абењето

Конечно, задолжителното ЕУ-етикетирање, со коишто се потврдува дека секоја автомобилска гума на пазарот во Унијата задоволува одредени барања во поглед на својстватга на влажна подлога, штедењето гориво и надворешната бучава, покажува дека различните модели на гуми на Davanti неретко ги исполнуваат и најстрогите норми во овие три критериуми. Токму обемните тестирања од страна на спомнатата Ideada ги потврдија овие квалитети на англиските гуми.

Тоа што е најсимпатично во настапот на Davanti пред публиката е „англискиот начин“. Компанијата е официјален партнер на фудбалскиот клуб Евертон, а покрај тоа, фановите на најважната споредна работа во светот сигурно не ги имаат пропуштено рекламите на регионалните спортски канали.

Мотоцентар со тркачка проба на новите гуми Altimax One на General Tire

Новини од Мотоцентар: Овие гуми се „GT“ за терен

Continental наградува со ексклузивно возачко искуство во Прованса

 


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

144
33 shares, 144 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *