за

Daimler го електризира кинескиот пазар со Denza 400

Кинеските возачи не се привилегирани само со тоа што Daimler (читај Mercedes) ексклузивно им развива автомобил со погон на струја, туку и со досегот на новиот Denza 400. Бројката се однесува на километрите со едно полнење на батериите.

Daimler додава уште еден автомобил со нулта емисија на штетни гасови во својата понуда. Новиот модел Denza 400 е наменет исклучиво за кинескиот пазар и се произведува локално во првата кинеско-германска заедничка компанија за електрични автомобили Shenzhen BYD Daimler New Technology Co., Ltd. (BDNT). Кинескиот електромобил на Daimler е мала сензација. Со усовршувањата во батериите, електромоторот и контролната електроника, Denza 400 може да измине точно толку километри колку што му пишува во ознаката – 400.

Производството стартуваше денес во посебните погони на BDNT во фабриката на компанијата BYD во Шензен. Daimler се залага особено за намалување на загаденоста на воздухот во кинеските метрополи и во 2013 година со марката Mercedes прв настапи со комплетна понуда од модели со бензински, дизел и хибриден погон. Mercedes E 400 L Hybrid беше прв локално произведен автомобил со хибриден погон од премиум марка, додека Smart electric drive беше прво електрично возило од премиум сегментот увезено од Европа.

Со досегот од 400 километри повеќето возачи ќе полнат батерии еднаш неделно

Зголемениот досег на Denza 400 се должи првенствено на оптимизираните батерии. При иста големина на батерискиот модул, капацитетот е зголемен од 47,5 на 62 киловатчасови. Со досегот од 400 километри, повеќето кинески возачи, коишто дневно минуваат меѓу 50 и 80 километри, ќе мораат да ги полнат батериите само еднаш неделно.

Првата генерација на Denza беше претставена во 2014 година, како премиум модел произлезен од првата кинеско-германска компанија за електрични возила во земјата. Со близу 3.000 продадени примероци во првата година, Denza брзо стана прв избор на купувачите што бараат комфорен и сигурен превоз без штетни гасови.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Aston Martin Vanquish Zagato пристига во отворена верзија на Пебл Бич

Пред 25 години Mercedes E-Class доби кабриолет изведба