за

Dacia Duster и Sandero во лимитирана серија

Романската марка на Renault на салонот во Париз ќе ги прикаже специјалните модели Duster Air и Sandero Black Touch коишто ќе се произведат во ограничена серија на примероци.

Специјалниот модел Sandero Black Touch се базира на највисокото ниво на опрема Laureate и се разликува од стандардните модели по тоа што каросеријата може да биде лакирана во една од седумте ексклузивни бои за моделот. Black Touch има алу-бандажи од 15 инчи, ретровизори лакирани во црна боја и средишни столбови исто така лакирани во црно. Стилски печат во внатрешноста ставаат украсните панели во црна боја, заедно со мултимедискиот систем со навигација. Опремата ја комплетираат темпомат и клима уред. Од моторите може да се изберат турбо бензинецот од 90 КС, атмосферскиот бензинец со 75 КС и турбодизелот со 90 КС. Цената на овој модел со бензинецот од 75 КС на францускиот пазар изнесува 10.450 евра, односно 400 евра повеќе од верзијата Laureate.

Dacia Duster Air исто така се базира на најопременото ниво Laureate и достапна е во верзија со преден и со погон на сите тркала. Како што укажува и името, овој специјален модел се повикува на детали од аеронаутиката. Ретровизорите се лакирани во жолта боја, а отстрана и назад има налепници со дизајн на висиномер. Стилскиот настап го надополнуваат алу-бандажи од 16 инчи во темен мат финиш, заштитата на подвозјето напред и назад во матирана изведба, затемнети задни стакла и хромирана издувна цевка. За каросеријата стојат на располагање четири ексклузивни бои. Внатрешноста е препознатлива по црните детали, облогите на седиштата со мотиви од аеронаутиката и специјалните патосници. Понудата на мотори ја сочинуваат бензинец со 125 КС во верзија со преден погон и дизел со 110 КС, по избор со погон на сите тркала или со погон напред. Специјалната серија на Duster чини 16.200 евра со мотор TCe 125, односно 500 евра повеќе од изведбата со ниво на опрема Laureate.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Opel со четири светски премиери во Париз

Audi TT Roadster: Отворен за спорт