за

Шампион во сенка: Dacia Dokker на автогас и со „попуст“ во серија

Dacia Dokker

Некогаш може да се заработи и со паметен избор на автомобил. Во период кога пристигаат нови модели во МПВ-сегментот, како Peugeot Rifter или Opel Combo, во преден план испливува сосем „трет“ модел, Dacia Dokker. Освен тоа што е поевтин за преку 30%, симпатичниот транспортер на Dacia има уште една доблест: Погон на автогас, за когошто се најавуваат и субвенции

Многу новитети се појавија за кусо време во делот од пазарот што им припаѓа на повеќенаменските возила. Од тоа би можело да произлезе и нов тренд, кој би гo вратил сјајот на некогашните ѕвезди во овој пазарен сегмент, Peugeot Partner и Citroen Berlingo, или Fiat Doblo и Opel Combo. На познавачите, сепак, нема да им побегне фактот дека новите Peugeot Rifter, Citroen Berlingo или Opel Combo се едно исто возило, со различни маски и светла, и под различно лого. Значи, ништо од приказната дека се случува наплив од нови модели во МПВ-сегментот. Нo, нешто би можело да се смени.

Појавувањето на новиот бран модели, кои за викенд се одлични како семејни транспортери, а во работните денови служат како вредно работно средство, всушност му носи најмногу корист на сосем „трет“ модел. Dacia Dokker. Предностите што ги нуди романскиот брат на Renault Kangoo – кој во меѓувреме ужива огромна популарност како електричен автомобил со додавка Z.E. – досега беа „видливи“ за близу 400.000 клиенти, откако стартуваше производството на моделот пред пет години. Оваа бројка секако ќе изненади многумина. Сега, откако конкурентските марки ја дополнија понудата од модели во сегментот, предностите на Dokker само станаа уште повидливи.

Dacia Dokker 7am#

Во дизајнот на моделите од МПВ-сегментот нема многу простор за иновирање: Тука функцијата ја одредува формата. Dacia Dokker сепак се издвојува во уличната слика

Новата генерација на Opel Combo, на пример, во македонскиот ценовник стартува од 17.033 евра, за моделската изведба со 1,2-литарски бензинец со три цилиндри и 110 КС, при основното ниво на опрема Selection. Уште повисоко е позициониран Peugeot Rifter, а слично се движат и цените на Citroen Berlingo. Ценовниците на француските модели не се објавени на локалните веб-страници.

Заради задржување на прегледноста, ги споредуваме цените од германскиот пазар, со исти мотори и со основна опрема: Citroen Berlingo M PureTech 110 S&S Start чини 19.090 евра; Opel Combo Life 1.2 DI Turbo S/S Selection чини 19.995 евра; Peugeot Rifter 1.2 PureTech 110 Access чини 20.740 евра. Тука следи сензацијата. Dacia Dokker, со 1,6-литарец со 105 КС, во македонскиот ценовник чини 12.750 евра.

Dacia Dokker е најмалку за една третина поевтин од Opel Combo, Peugeot Rifter & Co – тоа значи дека в џеб остануваат најмалку 4.283 евра, „заработени“ само со мудар избор на автомобил

Неверојатно е дека човек може да излезе со нов автомобил од салон за Dacia со „заработени“ повеќе од 4.000 евра в џеб. Но, Dacia Dokker не прави ништо поразлично од тоа што Sandero веќе по традиција го прави во класата на VW Polo или Duster во сегментот на Kia Sportage. Исчезнувањето на лимузините во класата на градските автомобили, како локалните и регионални легенди Peugeot 206 Sedan, Seat Cordoba или VW Polo Classic, има заеднички именител: Dacia Logan.

Големите концерни можат да создадат вештачки тренд и да постават високо ниво на цени, пласирајќи едновремено повеќе исти модели од различните марки – како што тоа сега се случува во францускиот PSA, заедно со новиот партнер Opel; Доколку купувачите не проверат подобро, лесно ќе „поверуваат“ дека сите автомобили од овој вид чинат 20.000 евра; Dacia повторно се јавува како коректор на цени

The new PEUGEOT Rifter is arriving at Charters Peugeot in early September! Register your interest now by giving us a call on 01252 939307 :)

Peugeot Rifter го предводи триото нови МПВ-модели на пазарот, со Citroen Berlingo и Opel Combo; Станува збор за вообичаен беџ-инженеринг, кога иста техника се продава под различно лого – појавувањето на триото само му направи услуга на Dacia Dokker

Прашањето е дали Dacia Dokker воопшто заостанува зад концептот на новите Peugeot Rifter, Citroen Berlingo или Opel Combo, штом настапува со цена што е пониска за повеќе од 30 проценти? Dokker е долг 4,37 метри, Rifter 4,41 метри. Тоа што францускиот МПВ изгледа помасивно се должи на 10-те сантиметри плус во ширината на каросеријата, како и во висината, кадешто разликата изнесува шест сантиметри, во корист на Peugeot.

Во меѓуоскиното растојание, Dacia повторно е во предност, со 2,81 метри, наспроти 2,79 метри. Шампионските гени се докажуваат најмногу во багажникот, кадешто и се очекува да биде најсилната страна на овој вид возила. Податоците декларираат 800 литри стандардна големина на багажникот кај Dokker, додека Rifter заостанува со речиси цел еден багажник на Peugeot 208 и нуди 571 литри зад клупата. Во сегментот не постои багажник поголем од 800 литри.

Со соборена клупа, во задниот дел на Dokker има простор за цела европалета

Нема пропусти ниту во останатите параметри што се важни за „работата“ на Dokker. Меѓу капакот и долниот раб на задната клупа има 1,16 метар растојание. Просторот меѓу задните поткрила е широк 1,13 метри. Тоа значи дека со соборена задна клупа, во багажникот на Dokker може да се натовари цела европалета. И носивоста од близу 600 килограми оди во истата насока. Товарањето на багажникот е олеснето благодарение на висината на товарниот раб од само 57 сантиметри. Разликата во искористеноста на просторот во кабината се покажува уште поубедливо во споредбата на максималната зафатнина: 3.000 литри за романскиот шампион, наспроти 2.126 литри за Peugeot.

Dacia Dokker 14am#

Дарежливост на Dacia: Две лизгачки врати следуваат како стандард во нивото на опрема Comfort

Ефектот од тоа што каросеријата на наследникот на Partner е поширока за десет сантиметри: Rifter е потежок за 200 килограми од Dokker! Од овој податок, фабрички декларираните 6,3 литри просечна потрошувачка при градско возење на Peugeot, уште повеќе се претвораат во научна фантастика. А, тука чека пресудниот аргумент на Dacia. Сопствениците на автомобил од романската марка на Renault знаат за што станува збор: Dokker, и воопшто целата гама модели во понудата на Dacia, достапен е и во верзија со фабрички вграден уред за автогас. Цената за „луксузот“ на штедење при секое долевање гориво: 800 евра!

Најголемата сензација е во тоа што Dacia Dokker е достапен и во изведба со фабрички вграден уред за автогас, за којашто се доплаќа само 800 евра; Воедно се најавуваат и субвенции за возила со погон на автогас, што значи дека уредот за автогас би следел апсолутно бесплатно

Понудата почнува со Dokker 1.6 SCe, познат атмосферски бензинец со 102 КС, кој во комбинација со нивото Essential чини 12.750 евра. Изведбата со погон на автогас чини 13.550 евра. Трета погонска опција е 1,5-литарскиот dCi со 75 КС и цена од 15.400 евра. Следи уште верзијa на 1.5 dCi, со 95 КС, којашто се нуди ексклузивно со нивото Comfort и чини 16.850 евра. Двете дизелски изведби поседуваат шестстепен мануелен менувач.

Dacia Dokker 23am#

Dacia Dokker (лево) покрај најевтиниот седумсед на пазарот, Dacia Lodgy. Изведбата Stepway е хит на Dacia, купувачите во големите европски пазари најчесто ја избираат токму оваа верзија

Сите три мотори може да се комбинираат и со второто ниво на опрема Comfort. За 1.150 евра повеќе во споредба со основното ниво Essential – конкретно за верзијата на автогас – стандардно следуваат клима уред, втора лизгачка врата, радио со команди на волан, магленки, лакирани браници и ретровизори, поблагородни материјали за седиштата и неколку стилски елементи во кокпитот, висинско местење на возачкото седиште и воланот, патен компјутер и кровни носачи.

Клима уред и радио за 650 евра; Dacia е дежурен коректор на цени

И основното ниво може да биде разумен избор. Essential доаѓа стандардно со 4 воздушни перници, ЕЅР, помош при поаѓање на нагорнина, контрола на притисок во гуми, дневни светла, старт-стоп, електрика на ретровизори и на предни прозорци, централна брава со далечинска команда, лизгачка врата десно и поделена задна клупа. За клима уред и радио, во основното ниво Essential се доплаќа 650 евра, што повторно заштедува околу 500 евра, доколку не се избере нивото Comfort.

Dacia Dokker 9am#

Само преградите низ целата кабина имаат зафатнина од 44 литри; Има и „поткровје“

Неколку ставки од списокот на дополнителна опрема, за нивото Comfort: Темпомат 350 евра, паркинг сензори назад 400 евра, грејачи во предни седишта 250 евра, мултимедиски уред со навигација и дисплеј на допир од 7 инчи 600 евра (+400 евра за камера назад), алу-бандажи 400 евра, металик лак 600 евра.

Третото ниво e Stepway, најомиленото ниво кај Dacia, но тоа во Dokker се нуди само во комбинација со бензинецот или дизелот. Неколку каросериски додатоци во стил на придонесуваат за посебен и симпатичен изглед, во комбинација со ентериер изведен воистиот стил и со алу-бандажи од 16 инчи. Како славеничка серија за петте милиони произведени автомобили на Dacia се појави и лимитираната Black & White, со екстра опрема и стил, врз основа на Stepway.

Dacia Dokker 20am#

Dokker е последната нова моделска серија на Dacia, којашто следеше неколку месеци по ванот Lodgy. Мултинаменскиот ван освои симпатии со тоа што понуди и приспособливост, место само „празен“ простор. Задната клупа, на пример, се соборува и се преклопува нанапред. Со доплата од 100 евра, совозачкото седиште може да се преклопи исто како задните седишта, овозможувајќи на тој начин превоз на предмети долги и до три метри.

Може да ги привлече и фановите на СУВ-моделите: Седењето е 3,5 сантиметри повисоко отколку во комбито Logan MCV

Првите МПВ-генерации привлекуваа и со лизгачките странични врати. Кај Dokker следуваат две лизгачки врати во повисокото ниво Comfort, со ширина на отвор од 703 милиметри. Децата ги обожуваа овие врати, кои штотуку ја покажуваат вистинската вредност, затоа што откако сите модели и класи пораснаа во ширина, на паркиралиштата е сé потесно. Лизгачките врати немаат проблем со отворање на тесен простор.

Dacia Dokker 22am#

Јасно се гледа кој е највисокиот член во моделската понуда на Dacia

Мами и чувството на просторност, за коешто во голема мера придонесува шампионскат висина од 1.065 милиметри на задната клупа. За стеснетост исто така не може да стане збор: Ширината во делот на рамениците, на задната клупа изнесува 1.458 милиметри. Просторот за колена при стандардно мерење е долг 177 милиметри. Тоа е „лимузинската“ страна на Dokker.

Како пионерски подвиг на Dacia се покажа дисплејот од 7 инчи на допир. Dokker, заедно со Lodgy, го имаа опционалниот дисплеј во кокпитот уште при премиерата пред пет години. Се покажа дека решението за скапите навигации и новата потреба од конективност со паметните телефони било само да се потпише нов договор со добавувачите. Место екран со гротескно застарен приказ и копчиња од далечната историја, Dacia доби напреден, а евтин концепт на ракување, кој штотуку станува стандард во „семејните лимузини“.

Експертизата од големиот брат Renault ја следеше секоја фаза од развојот и тестирањето на Dokker

Обновувањето на софтверот и на картите се врши преку обичен УСБ, откако новите верзии ќе се симнат дома од наменската веб-страница. Толку е просто. Колку тоа и да изгледа чудно, факт е дека Романците успеаја да бидат пионери, барем надвор од луксузниот сегмент.

Во развојот на Dokker е користена техника, експертиза и стандарди на Renault. Тоа значи многу во сегментот на доставните возила, кадешто Французите беа европски шампиони од 1998 година до актуелното преземање на приматот од Ford. Мултинаменската Dacia ги има минато сите тестирања како доставните возила на Renault. Лизгачките врати, на пример, издржуваат 100.000 отворања и затворања без проблем.

Dacia Dokker 10am#

За Dokker беше применета истата „финта“ како со Megane III. Триесет возила беа буквално извлечени од производствените ленти по случаен избор и истите учествуваа во тримесечна тест-програма во екстремни услови – во Романија, по патишта многу далеку од Букурешт или матичниот Питешти. Сите возила заедно изминаа 850.000 километри, во услови на експлоатација кои одговараат на пет до шест години при нормално користење.

Името Dokker потекнува од „докворкер“ односно работник на пристаниште, со идеја истото да асоцира на голема носивост, приспособливост и издржливост

Деталите покажуваат дека Dokker не е само модерно мултинаменско возило, туку и внимателно осмислено возило. Арматурната табла, на пример, дизајнирана е во две бои, заради надминување на монотонијата. Во повисоките нивоа на опрема следи посебен металик-финиш на средишната конзола, покрај рачките на вратите и главните прекинувачи, кои имаат финиш со изглед на хром.

Во задните седишта се вградени посебни рачки за соборување на седиштата директно од багажникот – тоа е корисен детал при товарење. По соборувањето и преклопувањето на клупата се добива подна површина долга 1,57 метар. Во тој простор лесно ќе собере два велосипеда, чисто како пример. Од мајчинскиот Renault е наследена и практичноста. Сите прегради во кабината, располагаат со зафатнина од 44,2 литри. Горната површина на арматурната табла намерно е оставена отворена, заради полесен пристап при извршувањето на секојдневните работни задачи. Лаптоп и цела папка А4, таму собира како од шега. Касетата пред совозачот е голема 6,6 литри, а екстра 12 литри следат во легендарната преграда во таванот.

Dacia Dokker 2am#

Подвозјето дозволува пристојни возни својства и комфор во возењето; Назад работат спирални место листести пружини

Површините од каросериската структура по коишто е поставена изолација се зголемени за 30 проценти во споредба со првата генерација на Duster. „Лимузински“ квалитети поседува и подвозјето, со предна оска со триаголни водилки, којашто е стандард кај сите модели на марката, и со задна, еластокинематска оска, во комбинација со спирални, место со листести пружини. Дополнително има и дебел стабилизатор од 20,3 милиметри на предната оска. Растојанието од подлогата од 189 милиметри е речиси на СУВ-ниво, така што и повремените излети надвор од асфалтот нема да му штетат на Dokker.

Производството е во нова фабрика вредна една милијарда евра. Тоа е прва фабрика со нулта емисија на СО2 во светот, којашто во голем обем користи енергија од обновливи извори, односно енергија од биомаса и ветар. Потрошувачката на вода е за дури 70% пониска од вообичаено. И, фабриката се наоѓа во Танџир, Мароко. Значи, сепак, не е „само“ Dacia, туку има многу посуштинска приказна зад оваа марка.

Dacia Dokker 21am#

Поевтин за најмалку 4.000 евра, попросторен и попрактичен, па уште и со погон на автогас. Што повеќе? Во меѓувреме и нашиот пазар стана свесен дека целиот имиџ на Dacia не се темели само врз пониските цени од конкуренцијата и дека созревањето на марката, како полноправна членка на групацијата Renault, доведе до значителен напредок во сите релевантни подрачја.

Конкурентите на Dacia се старите луксузни лимузини и тешките теренци кои европскиот пазар ги отфрла; Откако екологијата конечно се вмеша во домашната автомобилска сфера, возилата со чиста емисија ќе го преземат главниот збор на сцената – вклучувајќи ја и најавената субвенција за погон на автогас

Не смее да се превиди: Напредокот на Dacia на македонскиот пазар ќе го постигнеше истиот интензитет како во Велика Британија, Франција или Германија, доколку ценовниот сегмент на марката не беше директно „бомбардиран“ со евтиниот увоз на стари возила од Бугарија или Германија. Кога марката го лансираше Logan во 2004 година, идејата на стратезите на Renault беше токму во тоа, купувачите да ги „прескокнат“ старите автомобили и да купат нов.

За вистинска атмосфера, една реклама од турската филијала на Dacia

Тоа успеа и успеваше и во Македонија, но потоа се случи 2010, годината на инвазијата со стари автомобили. Dacia имаше уште едно славно поглавје, кога Аутомобил Груп ги откупуваше старите автомобили по повисока цена од реалната пазарна вредност, при замена со нов автомобил. По Logan и Duster, се чини дека е време и Dokker да почувствува од славата на Dacia.

[FAG id=36368]

Технички податоци · Dacia Dokker LPG

Мотор Норма Euro 6c, 4 цилиндри, 16 вентили, 1598 ccm, моќност 80 kW (108 КС) при 5500/min, вртежен момент 150 Nm при 4000/min Погон и пренос Погон напред, петстепен мануелен менувач Подвозје Напред мекферсон со триаголни водилки, назад флексибилна оска со програмирана динамика, гуми 185/65 R15 88T, сопирачки напред/назад диск 258 mm/барабан 228 mm Димензии и тежини Д х Ш х В 4363 х 1751 х 1814 mm, меѓуоскино растојание 2810 mm, круг на вртење 11,1 m, Празно возило 1205 kg, дозволена вкупна тежина 1826 kg, приколка со сопирачки 1200 kg, багажник 800/3000 l Перформанси Vmax 167 km/h, 0-100 km/h за 13,2 s, 0-1000 m за 34,7 s Потрошувачка (град/пат/просек) бензин 7,2/6,1/9,2 l/100 km, автогас 9,1/7,5/11,9 l/100 km Емисија на СО2 164/148 g/km, Резервоари бензин 50l / автогас 32 l

Dacia во Германија продаде за четвртина повеќе возила

Првиот автомобил на Dacia се појави пред 50 години

Првиот човек на Dacia ја презема контролата над Lada

Dacia им заштедила на Британците 1,5 милијарда фунти за пет години

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mitsubishi outlander phev

Хибридниот Mitsubishi Outlander надмина 20.000 продажби во Европа

Skoda Fabia 10 TSI Ambition test

Тест: Skoda Fabia 1.0 TSI Ambition