за

Првиот автомобил на Dacia се појави пред 50 години

Dacia 1100 (1968)

Романската марка Dacia одбележува половина век постоење. Пред 50 години во матичната фабрика во Питешт беше произведен првиот примерок од моделот Dacia 1100, изработен под лиценца на Renault 8. Марката е дел од групацијата Renault близу две децении. Големиот подем на марката се случи во 2004 година, со воведувањето на семејната лимузина Dacia Logan. Од повторното лансирање на марката под Renault, продадени се повеќе од пет милиони примероци.

Во 1965 година, со доаѓањето на власт на Чаушеску, државата започнува со создавање национална автомобилска индустрија. Поради недостиг од искуства во браншата, властите се решаваат за производство под лиценца. Се контактира со повеќе производители од Западот. Победува Renault со моделот што во тој момент уште не е стартуван со продажба: Renault 12.

Како локација е избрана фабрика за изработка на делови за товарни возила во Питешт. Renault помага во приспособувањето на фабриката за производство на автомобили. На 20-ти август 1968 година официјално стартува производството. Наспроти плановите, производството почнува со лиценцна верзија на Renault 8, под моделската ознака Dacia 1100. Една година подоцна стартува и производството на првично планираниот модел, Dacia 1300, како романска верзија на Renault 12.

Масивниот бран од евтини користени возила го активира алармот во Dacia: Тогаш пристига Renault

По завршувањето на десетгодишната диктатура на Чаушеску и железната контрола на Секуритате во 1990-те години, земјата се отвора кон Западот. Во Романија масовно се носат евтини користени автомобили. За да се одбрани од новата и модерна конкуренција, Dacia почнува да бара партнер. Романската марка станува дел од групацијата Renault во 1999 година, кога Французите преземаат 51 процент од акциите и вршат темелна модернизација на фабриката во Питешт.

Како иницијално полнење за претстојниот подем на Dacia служи почетокот на продажбата на компактната лимузина Logan во 2004 година. Моделот што беше конципиран како „автомобил за 5.000 евра“ за земјите во развој, Logan комбинира релативно модерна техника на Renault со едноставен развоен принцип, но робусна и практична каросерија. Автомобилот станува глобален хит, заедно со комбито Logan MCV, коешто стартува во 2007 година.

Освен во матичната фабрика во Питешт, групацијата Renault денес ги произведува моделите на Dacia во Казабланка и Танџир (Мароко), Москва (Русија), Куритиба (Бразил), Енвигадо (Колумбија), Кордоба (Аргентина), Оран (Алжир), Ченаи (Индија) и Тољати (Русија).

Куса историска белешка од авторот:

Во 1994 година, сопствениците на битолската компанија, што во тоа време ги увезува моделите на Dacia на македонскиот пазар, патуваат за Питешт да водат преговори за поставување локална монтажна линија за романските автомобили во Македонија. Јас сум новинарскиот дел од тричлената „делегација“, заради дополнителна официјалност на чинот. Во тоа време, Dacia годишно продава над 1.000 автомобили на нашиот пазар, вклучувајќи многу пикапи.
Битолчаните седнуваат на преговори со Константин Строе, генерален директор на Dacia и веројатно втор највлијателен човек во државата. Во меѓувреме, јас ги посетувам производствените погони, фабричкиот музеј и во еден момент ги прашувам домаќините дали би можел да извршам пробно возење на новиот модел Dacia Nova. Одговор не следува, затоа што веројатно никој нема поставено такво барање претходно.
Управната зграда се наоѓа на рид и сугерира на послушност на секој што е долу. Гратчето Питешт има една долга улица, со еднолични згради и со фирма што се повторува веројатно стотици пати. Подоцна дознавам дека „фирмите“ во приземјето на тие небројни згради всушност се продавници за резервни делови. Само во тој посткомунистички период може да се случи властите да не разбираат зошто резервни делови се продаваат на само еден километар оддалеченост од фабриката.
Тоа што остава уште посилен впечаток е едноличноста на автомобилите по улиците. На нашите простори долго време доминираше „застава“, но постоеја најразновидни модели и моделски изведби. Тоа што можеше да се забележи по улиците на Питешт, но во подеднаков обем и во Букурешт, беше апсолутно едноличје – сите автомобили беа Dacia 1300, различни само по бојата на каросеријата и по степенот на нејзината избледеност, како и по браниците, коишто единствено се менувале во децениското опстојување на романскиот автомобил.
Нашите автомобилски стратези сепак не успеаја да договорат монтажа на Dacia. Романците бараа продукција од десетина илјади возила, кои со тогашната моделска понуда тешко ќе се продадеа во Македонија или во регионот.

Преглед на историските модели на Dacia

Dacia 1100 (1968)

Dacia 1100 (1968)

Dacia 1300 Break (1975)

Dacia 1300 Break (1975)

Dacia 1301 (1977)

Dacia 1301 (1977)

Dacia 1310 (1983)

Dacia 1310 (1983)

Dacia 1304 Pick-up (1983)

Dacia 1304 Pick-up (1983)

Dacia 1410 Sport (1985)

Dacia 1410 Sport (1985)

Dacia Liberta (1995)

Dacia Liberta (1995)

Dacia Nova (1998)

Dacia Nova (1998)

Dacia 1310 (1998)

Dacia 1310 (1998)

Dacia Solenza (2003)

Dacia Solenza (2003)

Dacia Logan (2004)

Dacia Logan (2004)

Dacia 1307 (2006)

Dacia 1307 Doppelkabine (2006)

Палета од историските модели на Dacia

Dacia modelska paleta

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

BMW X5 xDrive45e i-Performance

Хибридниот BMW X5 вози 80 километри на струја

Споредба пикапи Мерцедес Рено

Mercedes X-Class и Renault Alaskan: Пикапите се новите теренци?