за

Зевс се вози на струја и на две тркала

Curtiss Zeus

Фирмата Curtiss од САД го најавува почетокот на производството на електричниот мотоцикл кој е наречен според богот на сите богови од Олимп. Зевс честопати се прикажува со молњи околу себе, затоа што неговите оружја се молњите и грмежите. За мотоцикл со електричен погон, тоа е мошне добра симболика. Curtiss не грми, но затоа располага со моќност, на којашто и Зевс би можел да се гордее

Штотуку претставениот прототип на Curtiss Zeus неодоливо потсеќа на моделите од марката Confederate. Тоа не е случајност, затоа што Confederate лани беше преименуван во Curtiss. Новото име е во чест на пионерот во мотоциклизмот и аеронаутиката Глен Куртис. Американскиот производител тогаш најави дека повеќе нема да произведува мотоцикли со бензински мотор, туку ќе се ориентира исклучиво на електричен погон.

Curtiss Zeus не се разликува само по електричниот погон, туку и по целата конструкција

Curtiss Zeus користи два електромотора од Zero Motorcycles, со вкупна моќност од 173 КС. Двата електромотора се поставени во куќиште меѓу батеријата и седиштето, коешто воедно служи и како оска за задната вилушка и за централно вградениот амортизер. За водење на предното тркало е задолжена паралелограмска вилушка со централен амортизер. На бандажите од BST кои целосно се изработени од карбон се монтирани гуми Pirelli.

Curtiss Zeus 1

Во дух со електричниот погон и со времето е сензорското поле преку коешто се пристапува до сите функции. Сите светла користат диодна техника. Со малку фантазија, двата издадени блока отстрана може да потсеќаат на боксер мотор. Овие блокови сепак се дел од литиум-јонската батерија со капацитет од 14,4 киловатчасови.

Производството на нултата серија од Curtiss Zeus ќе стартува кон крајот на 2019 година, за почетокот на редовното сериско производство да следи во 2020 година. Повеќето компоненти на Zeus се изработени од алуминиум. За перформансите и за досегот засега нема информации. Истото важи и за цената.

[FAG id=32800]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

McLaren proizvodstvo 15000

McLaren го произведе 15.000-от автомобил

Како да го фотографирате автомобилот

Како најдобро да го фотографирате автомобилот за продажба