за

Civic Type R е последниот моќник на Honda со класичен погон

Цивилниот тркач на Honda доживува премиера во Женева, веројатно како последен Civic Type R што моќноста ја извлекува на класичниот начин, без поддршка од електромотор. Неговата иднина ќе биде слична на NSX, што и не е толку лошо. Honda уште не го најавува времето на Нирбургринг на новиот Type R, веројатно со причина.

Сегашноста се соочува со иднината на штандот на Honda во Женева. Се чини како јапонската марка да ја прашува публиката: „Дали навистина ја сакате повеќе иднината во којашто автомобилите ќе возат на водород или на батерии, покрај класичната возачка фасцинација што ви ја нудевме досега?“ Новиот Civic Type R доживува светска премиера на салонот, додека во исто време се најавува дека две третини од продажбата на Honda во Европа во 2025 година ќе ја сочинуваат модели со електрифицирана погонска спрега – каков што е концептниот автомобил NeuV.

Honda Civic Type R 00005

Изборот наскоро ќе го снема. Сосема е извесно дека ова е последниот Type R што ќе извлекува врвни перформанси на стариот начин, (само) со мотор со внатрешно согорување. Неговиот наследник ќе го следи примерот од суперспортскиот NSX, во чијашто погонска спрега веќе учествуваат електромотори. Како за „поздравен“ модел, новиот Civic Type R има што да понуди. На пример, уште повисока моќност, 320 КС, за десет повеќе од порано.

Моќност зголемена за 10 КС и преработена контролна електроника за беснотилакот под хаубата

Базиран на десеттата генерација на Civic, овој врвен спортист во компактна каросериска форма ќе стартува со продажба на лето, со преработен дволитарски VTEC Turbo и шестстепен мануелен менувач. Вредноста на максималниот вртежен момент остана непроменета на 400 њутнметри, но моторот сега реагира уште подиректно и има подобрена возливост во сите услови, благодарение на оптимираната контролна електроника. Дополнително задоволство за возачот доаѓа од „електронскиот меѓугас“ при менувањето на степените.

Honda Civic Type R 00006

Новата платформа на Civic носи полесна и за 38 проценти поцврста каросерија во споредба со претходникот. Геометријата на предната оска е преработена заради намалување на влијанието од погонската спрега врз управувањето, како и заради подобрување на спортската управливост. Задната мултининк оска поседува покрути водилки наспроти стандардниот модел.

Комфорна опција е додадена во изборот од програми за возење, покрај Sport и +R

Во изборот од програми за возење е додаден модусот за комфорно возење, покрај Sport и тркачкиот +R. Класично, секоја програма влијае различно врз приспособливите амортизери, сервоподдршката на управувањето, чувството при промена на степен и реакцијата на гас.

Honda Civic Type R 00007

Аеродинамиката е значајно унапредена во споредба со претходникот, со рамен под, преден дефлектор, лесен заден спојлер и вортекс-генератори во завршетокот на покривот. Според Honda, каросеријата на Type R располага со најдобар баланс меѓу потисокот и отпорот на воздух во својот сегмент.

Honda Civic Type R 00004

Производството ќе стартува на лето во фабриката на Hоnda во британскиот Свиндон, од кадешто Civic Type R ќе се испорачува за целиот светски пазар, за првпат опфицијално и во САД. Јапонија исто така ќе се снабдува од европската фабрика.

Претходникот ја разгоре битката меѓу лутите компакти за најбрзо време на круг на Нирбургринг. За новакот, Honda уште молчи. Сигурно има „добра“ причина за тоа.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen стокми гран-туризмо во стилот на Panamera

Suzuki Ignis во светското финале за градски автомобил на годината