152
20 shares, 152 points

Интернет страницата на Citroën во Германија утрово имаше пријатно изненадување за љубителите на марката. За Германците полесно и точно да го изговараат името, Citroën стана Zitrön. Секако дека станува збор за реклама, којашто предизвика внимание многу подалеку од германското говорно подрачје.

Француската марка Citroën отсега е Zitrön на германскиот пазар. Тоа беше соопштено најофицијално, преку веб-страницата на марката за Германија. Преименувањето сепак ќе биде привремено, затоа што станува збор за реклама. Но, фантастично добра реклама.

Шефот на Citroën во Германија, Волфганг Шлиме, на видеото што е снимено посебно во чест на големиот чин на преименувањето, објаснува дека „Citroën годинава слави 100 години. За сиве сто години, луѓето во Германија се обидуваат правилно да го изговорат името на нашата марка.“ Проблемот е надминат на најелегантниот начин. Место Citroën, француската марка во Германија отсега ќе се води како Zitrön.

Малку дополнително објаснување: Во германскиот јазик постојат таканаречените „умлаути“, односно „ä, ö, ü“, кои соодветно се изговарат „ае, ое, уе“, меѓутоа нема „ë“, па тоа ги буни Германците. Покрај тоа, малку германски зборови почнуваат со слогот „Ci“, па „Citroen“ обично се чита „ситроен“. За да се добие точниот изговор, треба „C“ да се замени со „Z“ на почеток на збор… комплицирано за објаснување накусо. Затоа, Zitrön.

За чинот да изгледа уште поуверливо, на вебстраницата беше заменето и логото со ново, во коешто стои името Zitrön. Соодветно и слоганот беше дополнет со „inspired by Germans“.

Револтираниот дилер негодува затоа што посебно набавените тастатури од Франција со буквата „ë“, сега стануваат бескорисни

Во видеото се појавува револтиран дилер, затоа што ќе мора да ги менува сите визит картички, проспекти и значки. Покрај тоа, тастатурите со посебната буква „ë“, набавени директно од Франција, сега стануваат бескорисни со новото име.

Меѓутоа, промената веќе ги носи и првите позитивни резултати. Во видеото што се води како документарец, претходно револтираниот дилер сега е среќен дилер, затоа што продава повеќе возила, благодарение на фактот што возачите сега можат правилно да го изговараат името на марката на својот автомобил.

Социјалните мрежи реагираа бурно. Веќе има предлози соодветно да се сменат и имињата на Peugeot во „Pöscho“, Renault во „Röno“ и Skoda во „Schkoda“.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

152
20 shares, 152 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *