за

Прашање на добар избор: Издолжен Citroen C5 Aircross или моќна Skoda Karoq

citroen c5 aircross skoda karoq sporedba automediamk

Каква врска имаат Citroen C5 Aircross и Skoda Karoq? Тоа се два модела што не се споредуваат. Првиот е долг точно 4,5 метри, додека на вториот модел му недостигаат најмалку дванаесет сантиметри, за споредбата да биде веродостојна. Но, дали должината навистина решава при изборот?

Производителите со години наназад водат безпоштедна борба да привлечат колку е можно повеќе купувачи во сегментот на СУВ-возилата. Модели што во поголема или помала мера личат на теренски возила, а најчесто им недостига погон на сите тркала што ќе го оправда моќниот настап, денес се нудат во сите класи и во сите ценовни сегменти. Порастот во продажбата што го пријавуваат производителите обично се должи на воведувањето на СУВ-модели во понудата.

Мал трик на Французите: Citroen C5 Aircross реално треба да ја носи ознаката C4 Aircross

Некогаш производителите се служат и со трикови, со цел на својот модел да му дадат привидна предност во споредба со конкуренциајта. Citroen, на пример, својот СУВ-модел во компакт класата го води како C5. Додавката Aircross е помалку важна во случајов, C5 е тоа што го гледаат купувачите. Логичен е заклучокот дека основата на автомобилот потекнува од големата француска лимузина од средната класа – која одамна не се произведува. Но, тоа не е случај тука. Реално, моделот би требало да се води како C4 Aircross. 

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Со должината од 4,5 метри, Французите ја поткрепуваат својата намера да го продаваат овој Aircross како „C5“. Но, должината на каросеријата никогаш не решавала за припадноста на некој модел во одредена класа. Прашањето е: Може ли подолгата каросерија да му обезбеди предност на Citroen, во споредба со Skoda Karoq, на пример, кој ги почитува „правилата на игра“ меѓу СУВ-моделите од компакт класата и покус е за речиси 12 сантиметри од Aircross.

Citroen долг 4,5 метри и мотор со три цилиндри или моќна Skoda со 150 КС и модерна техника од VW?

Избравме две моделски изведби што се разликуваат во степенот на моторизација, но имаат споредлива цена. Citroen C5 Aircross, според податоците од онлајн-претставувањето на моделот, почнува со промотивна цена од 19.990 евра, со 1,2-литарски бензинец со три цилиндри, со моќност од 130 КС и ниво на опрема Start. Кај чешкиот СУВ, понудата стартува уште од 18.120 евра (редовна цена), за моделската изведба со еднолитарски TSI со 115 КС и основно ниво на опрема Ambition. За споредбата да биде издржана, продолжениот Citroen го соочуваме со изведба на Skoda Karoq со посилен мотор од основниот. Со 150 КС и четири цилиндри на број, Karoq чини 20.030 евра – или „спектакуларни“ 40 евра повеќе од Citroen. Тоа е моќниот ефект на цените со многу деветки.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Citroen C5 Aircross е на пазарот од февруари годинава, додека Skoda Karoq веќе има една година стаж. Генерациски, нема разлики. Во моторите, има. Противниците на малечките мотори во големи каросерии ќе забележат дека во францускиот СУВ работи истиот мотор како во Citroen C3 или Peugeot 208. Станува збор за трицилиндарец со турбонатполнење и директно впрсквуање, со работна зафарнина од 1,2 литар. Моќноста изнесува 131 КС, вртежниот момент достигнува 230 њутнметри. Погонот е напред, за пренос е задолжен шестстепен мануелен менувач.

Моторот во Karoq поседува технологија ACT за исклучување два цилиндри при ниско оптоварување, заради намалување на потрошувачката

Skoda Karoq вози со четирицилиндарски TSI од 1,5-литар, кој имаше премиера како 1.5 TSI Evo при моделското освежување на Golf и во меѓувреме се одомаќи во повеќето моделски серии и марки на концернот Volkswagen. Предноста во споредба со 1.2 PureTech е во дополнителната моќност од 20 КС и дополнителните 20 њутнметри. Покрај тоа, „Evo“ располага и со впрскување со заеднички вод под висок приотисок од 200 бари.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Трицилиндарецот во Citroen има задача да се соочи со возило долго 4,5 метри, широко 1,86 и високо 1,69 метар. Наспроти тоа, Skoda е долга 4,39 метри, широка 1,84 и висока 1,6 метар. Разлика има и во меѓуоскиното растојание. Со екстра девет сантиметри меѓу оските, може да се очекува поголема просторна понуда во францускиот СУВ. Но, во реалност, не се чувстува разлика во просторноста на кабината. Објаснувањето за тоа може да се бара во платформата MQB, којашто ја поседува и актуелниот Golf. Меѓу предностите од оваа платформа спаѓа и рационалното искористување на просторот. Кусо, каросерија со помали надворешни димензии, нуди исто простор колку конкурентски модел со поголема каросерија.

Идентичната максимална зафатнина на товарниот простор покажува дека поголемата должина на Citroen не се искористува и за повеќе простор во кабината

Реалната предност на францускиот автомобил се покажува во багажникот. Со 580 литри, C5 Aircross нуди 59 литри поевеќе од Skoda, со нејзините 521 литри. Со соборена задна клупа, максималната зафатнина на товарниот простор е идентична кај двата модела: 1.630 литри. Значи, сепак, не е напразно констатацијата на Volkswagen дека неговата платформа е покомпактна и остава повеќе слободен простор.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Уште една предност на MQB се огледува во тежината. Празен Citroen тежи 1.479 килограми, што е 101 килограм повеќе од Skoda. Триумф на чешкиот СУВ и во максималната носивост: Додека Aircross е дозволено да носи 461 килограми, кај Karoq се 77 килограми повеќе. Се сеќаваме дека класата на автомобилите не се одредува според должината на каросеријата?

Skoda смее да влече 150 килограми потешка приколка отколку Citroen

Во категоријата на килограмите убедливо владее Skoda. Максимална тежина на приколка со сопирачки, до нагорнина од 12%, изнесува 1.500 килограми кај Karoq, додека на C5 Aircross му се дозволени 1.350 килограми. Тежината на потпирање врз влечната кука на Citroen изнесува 54 килограми, кај Skoda се 75 килограми.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Остануваат перформансите. „Малиот“ брат на Kodiaq постигнува 204 километри на час, Citroen останува на 188 километри на час. Спринтот од место до темпо сто кај првиот изнесува 8,9 секунди. Овој податок уште не е објавен за францускиот СУВ.

Фабричката потрошувачка веќе подолго време не служи за споредба, но за секој случај: Мерењата на пробни валци според (сега веќе старата норма) NEDC покажуваат дека потрошувачката на Skoda е за „половина чаша вода“ поголема на извозени сто километри во споредба со Citroen.

Чесите веќе ги објавуваат со вредностите за потрошувачката според многу пореалната норма WLTP

Skoda во меѓувреме ги заврши и хомологациите според новата норма WLTP, којашто е поблиску до реалните вредности во возење. Во град, Karoq со 150 КС троши 7,9 литри, на спореден пат 6,2 литри, додека на автопат 5,6 литри. На крај, просекот според „светската“ норма изнесува 6,8 литри. Овие податоци уште недостигаат кај Французите.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Предност на моторот на Skoda што досега не ја спомнавме. Четирицилиндарецот користи технологија ACT, односно автоматско исклучување на два цилиндри при умерено напрегање на моторот или при возење со постојана брзина. Според VW, заштедата во потрошувачката во град изнесува околу 1,0 литар при градско возење.

Во прилог на Karoq говори и достапноста на моделот во изведба со погон на сите тркала и менувач со двојна спојка. Оваа комбинација чини 24.040 евра, во спој со ниво на опрема Ambition. Citroen останува само на погон напред, опција за погон на сите тркала не постои.

Магленки, кожен волан и алуминиумски бандажи веќе се вклучени во основното ниво кај Skoda Karoq

Во поглед на нивото на опременост, меѓу поважните ставки кои Skoda Karoq ги поседува дополнително во споредба со францускиот конкурент се грејачи во ретровизорите, предни светла за магла и алу-бандажи. Опција за кожа на воланот и на менувачот воопшто не се нуди во основното ниво на опрема кај Citroen, туку истото се добива само како дел од повисокото ниво на опрема.

Тоа се предностите и недостатоците кои се покажуваат при рационална споредба на двата модела. Меѓутоа, некогаш околу изборот решаваат и нерационални вредности.

Opel во Русија, Peugeot во Северна Америка, Citroen во Индија

Opel Combo како премаскирана верзија на Citroen Berlingo

Фабриката за Skoda Kodiaq и Superb првпат надмина 300.000 возила

Тест: Skoda Fabia 1.0 TSI Ambition

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mazda3 салон мк

Новата Mazda3 почнува да вози по македонски асфалт

летечко такси airbus

Airbus разви летечко такси за иднината