за

Citroen одбележува 45 години од претставувањето на Mehari

Спартанскиот модел на Французите докажа дека голема слава може да се постигне и без многу коњски сили и технологија, само со двоцилиндарски мотор и каросерија од пластика.

Пред 45 години, на 16-ти мај, Citroen го прикажа популарниот модел Mehari во францускиот град Довил. Креатор на возилото е Роланд де Ла Роип, францски борбен пилот во втората светска војна и подоцна индустријалист, еден од пионерите во производството на пластика. Основата на возилото потекнуваше од легендата 2CV, а каросеријата беше изработена од необичен материјал за тоа време. За неа се користеше пластика ABS, односно Акрилонитил Бутадиен Стирен, чии што предности беа лесното добивање на форми, ниската тежина и можноста да се бојадиса во впечаатливи нијанси. Но, тоа што можеби најмногу ги одушевуваше беше отворената каросерија, па дури и ветробранот можеше да се легне врз хаубата.

Во периодот меѓу 1968 и 1987 година се произведоа околу 150.000 примероци од Mehari. Во 1979 година се појави дури и верзија со погон на сите тркала. За одбележување на успехот во продажбата беа изработени две специјални моделски серии од моделот, Mehari Beach, ексклузивно за шпанскиот пазар, и Mehari Azur, за францускиот, италијанскиот и португалскиот пазар. Моделите од вторава серија имаа бела каросерија и врати, маска, платнен покрив и рамки на светла во сина боја, а во внатрешноста седишта со бели и сини ленти.

Citroën Méhari учествуваше на релито Лиеж-Дакар-Лиеж во 1969 година, Париз-Кабул-Париз во 1970 година и Париз-Персеполис-Париз во 1971 година, а на релито Париз-Дакар во 1980 година се користеше како возило за медицинските тимови. Француската армија го користеше Mehari поради тоа што со неговата лесна тежина беше едноставно да се спушти со падобран зад непријателската линија.

Името потекнува од јазиците во Северна Африка и Сахара и означува сорта на камили која што се одликува со брзина и издржливост, а тоа ги прави овие камили совршени превозни средства за луѓе и стока во екстремните климатски услови во регионот.

За одбележување на јубилејот, во престижниот изложбен салон C-42 на Елисејските Полиња во Париз се претставени неколку клучни моменти од историјата на моделот.

[nggallery id=53]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ford Fiesta е најпродаван модел во класата

Volkswagen со близу 2.000.000 возила за четири месеци