за

Citroen ги објави цените на C4 Cactus во Франција: Старт од 13.950 евра

Кросоверот со оригинално име е конечна потврда дека француската марка се враќа таму каде што отсекогаш ѝ било местото, надвор од воспоставените стандарди. Уште е подобро тоа што цените остануваат по старо.

Понудата од погонски единици во гамата на кросоверот C4 Cactus се состои од три мотори: 1,2-литарски трицилиндарец во верзии со моќност со 75 и 82 КС, и 1,6-литарски HDi со моќност од 92 КС, кој се нуди исклучиво во комбинација со микро хибрид и роботизиран менувач со шест степени. Посилниот бензинец исто така може да се добие со микро хибрид, како што Citroen го нарекува напредниот систем старт-стоп, исто така во комбинација со роботизиран менувач, со пет степени. Кон крајот на годината следува и бензинскиот e-THP со 110 КС.

Ценовникот почнува со C4 Cactus VTi 75,со ниво на опрема Start, за 13.950 евра. Единствено овој модел е достапен со моторот со 75 КС и со основното ниво, кое вклучува електрика на предни прозорци и на ретровизори, висинско местење на возачко седиште, контрола на стабилност, 6 воздушни перници, контрола на притисок во гуми, темпомат, радио со команди на волан, средишен дисплеј од 7 инчи и приклучок USB.

Клима уредот е достапен како опција во нивото Live, каде што дополнително следуваат и поголеми челични бандажи од 16 инчи. Цената на Live со бензинец со 82 КС е 15.200 евра. Комплетна опрема се добива веќе во нивото Feel. Дополнително од Live следуваат клима уред, магленки со осветлување во свијоци, кожа на волан, надворешни ретровизори и детали од каросерија во сјајна црна боја и пристап на интернет.

Врвно ниво е Shine, дополнително опремено со автоматика на светла и бришачи, камера за рикверц, собирање на ретровизори, електрика на задни прозорци, дополнително затемнети задни стакла и навигација. CactusVTi 82 со ова ниво на опрема чини 19.700 евра на францускиот пазар. Во почетокот на комерцијализацијата на моделот се достапни и специјалните нивоа Feel Edition, Shine Edition и Business, со неколку дополнителни ставки во опремата и стилот. Стартот на продажбата и цените за македонскиот пазар уште не се објавени од страна на увозникот.

 

Цени на Citroen C4 Cactus на францускиот пазар:

(цени во евра)

 

VTi 75 Start                   13950

VTi 82 Live                    15200

VTi 82 Feel                   17800

e-VTi 82 Feel                18700

VTi 82 Feel Edition        17600

e-VTi 82 Feel Edition     18500

VTi 82 Shine                 19700

e-VTi 82 Shine              20600

VTi 82 Shine Edition      20470

e-VTi 82 Shine Edition   21370

e-HDi 92 Feel                21400

e-HDi 92 Shine              23300

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Renault ќе го враќа рекордот на Нирбургринг

Mini се впушта во нова авантура: Mini Paceman Adventure