128
18 shares, 128 points

Првата помисла секогаш паѓа на Ferrari или Porsche, но најдолга традиција од сите спортски автомобили има Corvette. Американците прават голема пресвртница во осмата генерација и преоѓаат на концепт со средишно вграден мотор. Тоа е сериозен напад врз Маранело и Цуфенхаузен.

Изгледот на најспортскиот автомобил на Американците се смени драстично во новата генерација. Место долга хауба, куса кабина и елегантен опаш, Corvette сега има низок и кус нос, кабина што е поместена многу понапред и моќен опаш кој остава впечаток како таму сé да се случува.

Колку се радикални промени најдобро покажува податокот дека кокпитот сега се наоѓа 42 сантиметри понапред отколку во Corvette C7. Придобивките од преоѓањето на централно поставен мотор се класичните: Најдобра можна распределба на тежина и сé што тоа значи за возните својства. Покрај овие факти, традиционалистите лесно ќе го преболат тоа што долгата хауба повеќе не е во видното поле на возачот. Исто така првпат во историјата, Corvette ќе може да се добие и во изведба со волан десно.

Тимот ја искористи историската шанса и ја исполни желбата на дизајнерите на Chevrolet, што тлееше подолго од 60 години

Мајк Симко, главен дизајнер во General Motors

Кај погонската единица продолжува традицијата. Во Corvette и натаму важи правилото, дека подобро од голема работна зафатнина, може да биде само уште поголема работна зафатнина. Тука нема „место“ за турбокомпресор. Пред задната оска работи 6,2-литарски V8 со 495 КС и 637 њутнметри во основната изведба. Спринтот до сто трае три секунди, крајната брзина е преку 300 km/h.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Моторот со ознака LT2 работи во комбинација со осумстепен менувач со двојна спојка. Паметната електроника во менувачот го следи стилот на возење и без оглед на моментно избраниот режим за возење, дозволува моторот да заврти до граничникот кога возачот ќе го побара тоа, место да префрли во повисок степен кога тоа е најмалку потребно.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Моторот се наоѓа зад плексиглас дебел 3,2 сантиметри и поседува комплетно сменет систем на подмачкување и снабдување со свеж воздух. Основната изведба на Corvette Stingray првпат располага со „сув картер“, со три пумпи за масло што се грижат за правилно подмачување кога се постигнуваат екстремни вредности на странично забрзување во свијоци на тркачка патека.

New photo by Automedia MK / Google Photos

На трите режими на возење од претходникот – за патување, спортски и за патека – сега им се придружуваат програмите Mymode и Z-Mode. Со доплата се вградуваат адаптивни амортизери со технологија Magnetic Ride, како и систем што нуди избор од повеќе режими на контрола на тракцијата.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Новата Corvette C8 стана и попрактична. Зголемено е растојанието од подлогата, за подот да не удира на излезот од подземните гаражи. На копче, носот се подигнува за 40 милиметри во времетраење од 2,8 секунди, за посигурно совладување лежечки полицајци или преоѓање преку раб на тротоар. Системот работи до 38 km/h и ја има таа посебност, што преку GPS може да се меморираат до 1.000 локални „пречки“, за возилото да се подигне автоматски кога се наидува на истите.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Фановите на Corvette Stingray ќе мора да се стрпат. Производството во фабриката Боулинг Грин започнува дури пред крајот на годинава, а испораките ќе следат во почетокот од следната година.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

128
18 shares, 128 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *