за

Chevrolet си заминува порано

Купувачите што се токмат за Chevrolet нека побрзаат. Марката реши уште летово да се повлече од германскиот пазар, најголемиот пазар во Европа. Но, може да се добие и по некоја интересна цена.

Дилерите на Chevrolet на најголемиот пазар во Европа, германскиот, решија да ја прекинат продажбата порано од планираното. Марката што го наследи некогашниот Daewoo си заминува во јуни. Првично беше најавено Chevrolet да се продава до крајот на 2015 година, но веќе 164 од вкупно 165 дилерски претставништва на марката во Германија решија да ја прифатат компензациската програма на General Motors за рано повлекување од продажната мрежа. Сопствениците на модел на Chevrolet сепак немаат причина за загриженост, затоа што ќе продолжат да им важат гаранциите, снабдувањето со резерви делови и сервисирањето.

Зошто одненадеж марката Chevrolet реши да се повлече од пазарот? Вистина, одлуката на мајката General Motors беше непријатно изненадување, особено покрај постојаниот растеж во продажбата на европскиот пазар во последните години. Моделите на Chevrolet беа мошне добри во конкурентската споредба. Но, токму тоа е причината за повлекувањето од Европа до 2016 година. Американските шефови решија да остават повеќе простор за раст на продажбата на Opel и на британската марка сестра Vauxhall. Поевтините модели на Chevrolet со идентичната техника со Opel претставуваа пресилна конкуренција за матичните модели.

На европскиот пазар ќе продолжи продажбата единствено на моделите како Corvette и Camaro, главно преку мрежата на луксузната марка Cadillac, за којашто, пак, се планира засилување на нејзиното присуство на стариот континент. Во следните три години ќе се шири продажно сервисната мрежа на Cadillac и ќе се воведуваат нови моделски серии во понудата. Од друга страна, познавачите на пазарните околности се свесни дека објавувањето на веста за повлекувањето на марката Chevrolet од европскиот пазар ќе поттикне продажна акција по мошне привлечни цени.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volvo Trucks продава недвижнини за спас од кризата

Новата класа C се грижи за животната средина