за

CES 2015: Зглобен уред ги брои внесените калории

Зглобниот уред GoBe го мери внесот на калории директно преку кожата, со отстапување од најмногу 15 проценти. Тоа е само дел од можностите на уредот.

Доколку овој уред навистина функционира како што ветува производителот, тоа би било вистинска сензација. Healbe GoBe може директно преку кожата да одреди што јадеме, и тоа, не само калории, туку и колкава количина внесуваме на јаглени хидрати, масти и протеини. Тоа е голема предност во споредба со останатите мерачи на активност, коишто ја следат единствено потрошувачката на калории, додека корисникот мора сам да ја внесува количината на внесени калории.

Многумина реагираа со недоверба кога уредот беше најавен во март. Некои се сомневаа дека станува збор за измама, односно дека Healbe има цел само да ги собере парите од финансиерите. На Indiegogo сепак се собраа преку еден милион долари.

GoBe треба да го носи на зглобот еден ден за алгоритамот да се приспособи според корисникот. Апликацијата ги прикажува времињата кога јадел корисникот, како и составот на оброците. Софтверот има мали потешкотии единствено со закуски што се под 100 калории. Уредот функционира на следниов начин: 10 до 15 минути по оброкот, телото почнува да ги трансформира хранливите материи во глукоза. Овој процес трае пет до шест часа. Кога ќе почне да се зголемува концентрацијата на глукоза, ќелиите го апсорбираат шекерот и испуштаат вода. Сензорот за импеданса во зглобната лента на GoBe ја мери промената на течноста во ткивата. Тајниот алгоритам Flow Technology од овие податоци го пресметува внесот на хранливи материи.

Постои само една студија за точноста на постапката, којашто е спроведена самостојно од GoBe и не е објавена во некој од реномираните специјализирани магазини. Студијата од Државниот институт за здравје, медицина и спортска медицина во Ст. Петерсбург заклучи дека GoBe го мери внесот на калории со точност од +/- 15,6% и потрошувачката на калории со точност од +/- 6,6%. Овие вредности сепак треба да се земат со резерва, затоа што во студијата учествуваа само пет лица, и тоа, само жени.

Првите примероци од GoBe ќе почнат да се испорачуваат на финансиерите веќе во јануари, по што ќе следува и официјален почеток на продажбата. GoBe се очекува на пазарот во САД да чини околу 300 долари.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

BMW ги спасува кинеските дилери со 680 милиони евра

Понизок напон за поевтини хибридни автомобили