за

Најскапа земја за кампување годинава е Италија

кампување европа цени

Според деталните пресметки што секоја година ги прави клубот АДАК, во Шведска, Австрија и Германија во просек се најниски трошоците за возило и за приколка, како и за користење на инфрастуктурата на автокампот.

Водичот за кампување на АДАК, кој може да се забележи и на поопремените станици за полнење гориво кај нас, излезе во новото издание за 2019 година, со ажурирани цени и совети. Според истражувањата на клубот, тричлена фамилија со дете до 10-годишна возраст, во екот на летната сезона ќе плаќа дневно во просек по 37,56 евра во европските автокампови. Во цената се вклучени такса за автомобил и приколка, како и најважните придружни трошоци, меѓу кои струја, топол туш и престој.

Одделно по земји, најскапа годинава е Италија, со просечно 48,35 евра по ден. Втора е Швајцарија со 44,90 евра за семејно преноќување, по неа следат Данска (42,02 евра) и Шпанија (40,42 евра). Помалку од 40 евра по ноќ се плаќа во Холандија (39,75 евра) и Хрватска (38,66 евра). Поевтино од тоа е во Франција (38,54 евра), Австрија (37,02 евра) и Шведска, со 31,46 евра за ноќевање за камперско семејство.

Германија веќе неколку години е најевтино одредиште за автокамперите во Европа. За годинава, просекот за ноќевање во германските кампови чини 30,31 евра, што е за околу едно евро повеќе од лани.

Најголеми поскапувања има во Австрија (+5%), во Италија (+4,3%) и Германија со 4,0 проценти.

Од македонските кампови, надвор од водичот за кампување на АДАК, добар впечаток остава Рино, во Струга.

New photo by Automedia MK / Google Photos

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ford Mustang

Ford Mustang наврши 55 години

гласни автомобили издув

Женева ќе ги лови прегласните автомобили со „радари“