181
23 shares, 181 points

Драматична потера во светски размери по поранешниот шеф на Renault-Nissan. Карлос Гон без одобрение од јапонските власти ја напушти земјата, откако со кауција беше ослободен од истражителен затвор во Токио, за пред неколку денови со приватен авион да слета во Истанбул. Познатиот менаџер од врвен ранг, моментно е во Бејрут.

Поранешниот шеф на алијансата Renault Nissan, Карлос Гон, би можел да добие безбедно прибежиште во Франција. „Доколку господин Гон дојде во Франција, нема да го испорачаме, затоа што Франција не ги испорачува своите државјани никому,“ изјавија од француското министерство за економија и финансии. Гон поседува француско, бразилско и либанско државјство. Оттаму сепак посочуваат дека никој не е над законот. Француските власти дознале за бегството на Гон од медиумите.

Откако јапонските власти го ослободија под кауција лани во април, Гон пред неколку денови ненадејно се појави во Либан. Познатиот автомобилски менаџер тогаш изјави дека „повеќе не е заложник на манипулираниот правен систем во Јапонија“. Од министерството за надворешни работи во Токио се надеваат дека либанските власти ќе им излезат во пресрет, бидејќи Јапонија нема потпишано спогодба за размена на затвореници со државата на Медитеранот.

Renault-Nissan долги години беше пример за одлична соработка меѓу два производители; Гон буквално го спаси Nissan од банкрот

Според јапонското државно обвинителство, Гон ги префрлувал приватните финансиски загуби на сметка на Nissan. Тој е таткото на алијансата што долги години функционираше беспрекорно меѓу Renault и Nissan, за пред извесно време да се придружи и Mitsubishi.

Во Турција се приведени седум лица за коишто постои сомневање дека учествувале во бегството на Гон. Според соопштението од државната новинска агенција Анадолу, меѓу нив се наоѓаат и четворица пилоти. Тие го организирале бегството на Гон од Јапонија со приватен авион, преку Истанбул, до крајното одредиште во Либан. За таа цел бил користен аеродромот Ататурк во Истанбул, кој извесно време не се користи за редовни летови. Инспектори извршиле претрес и во куќата на Карлос Гон во Токио.

Поранешниот шеф на француско-јапонската алијанса повеќе месеци се наоѓаше во затвор. На 19-ти ноември 2018, тој беше приведен во Токио поради прекршување на берзанските одредби и потоа беше осуден. Во април лани, Гон под кауција беше ослободен од истражителен затвор. Без одобрение од јапонските власти, тој пребега во Либан.

Кусо по приведувањето, тој беше отпуштен од позицијата на управен шеф во Nissan, а потоа и од Mitsubishi. Во јануари, Гон ја напушти и позицијата на шеф на концернот Renault.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

181
23 shares, 181 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *