за

C-Class Coupe: Може ли Mercedes да се купи само поради дизајнот?

Кај овој Mercedes никој не „мери“ дека се добива помалку автомобил за повеќе пари. Вредностите на Mercedes никогаш не биле посилно поврзани со емоциите отколку денес. Тоа го докажува купето од класата C.

Во Mercedes не го кријат задоволството од тоа што пазарот им дозволи да ги напуштат прангите на традиционалниот дизајн и на сите класични обележја на линијата на куќата да им дадат ново и модерно толкување. S-Class Coupe, GT, CLA Shooting Brake, па дури и GLE Coupe – дизајнерската ренесанса на марката со сребрената ѕвезда не само што е во тек, туку и се чини дека со секој нареден модел кулминацијата штотуку претстои.

mercedes c-class coupe 00001Купето од класата C досега изгледаше речиси како аутсајдер и успеваше да ја оправда егзистенцијата единствено во екстремната спортска изведба на AMG. Ништо чудно, покрај фактот што некогашното купе од класата C еволуираше во E-Class Coupe, а аморфниот C Sportcoupe или подоцна CLC, се претвори во C-Coupe. Потребно беше да се појави купето од актуелната класа C, за светот да свати дека Mercedes досега практично и немаше купе покрај лимузината од средната класа.

Mercedes го врати достоинството на институцијата купе. Оваа C-Class со две врати и елегантна линија на покривот прави лимузината од класата C да изгледа само како преодна форма. Моделов е наменет за оние купувачи што не гледаат дека плаќаат повеќе за помалку каросерија, туку умеат да ја почитуваат секоја различна и посебна линија во формата на каросеријата. И во внатрешноста. Затоа и не чуди кога професор Томас Вебер, првиот човек во истражувањето и развојот во Mercedes, опишува: „Веруваме дека ова купе ја збогатува нашата колекција од автомобили од соништата.“

C-Class Coupe изгледа како смалена верзија на купето од класата S

Со долгата хауба, ниската кабина, впечатливиот дизајн на предниот дел со дијамантска маска и врати без рамка, C-Class Coupe зрачи со истата комбинација од елеганција и спортска нота како поголемите и поексклузивни модели од куќата. Врската е највпечатлива токму во стратешки најважното подрачје кај едно купе, во задниот дел од каросеријата, каде што „двовратната“ класа C изгледа како смалена верзија на S-Class Coupe.

mercedes c-class coupe 00003Во споредба со претходникот, каросеријата порасна во должина за 95 милиметри, при што 80 милиметри отпаѓаат на меѓуоскиното растојание, а за новите и подинамични пропорции придонесе и зголемувањето на ширината за 40 милиметри. Од порастот профитираше и просторната понуда на задната клупа, иако не премногу. Четири милиметри повеќе простор за главата за патниците на задната клупа, 40 милиметри дополнителна ширина за рамењата и 31 милиметри повеќе простор за лактите во споредба со претходникот се „друг свет“, но не смее да се очекува премногу. Добро е тоа што просечната возраст на купувачите на купеа кај Mercedes е десетина години под возраста на лимузинските возачи, затоа што за пристапување до задната клупа и натаму е потребно малку повеќе гимнастика.

За почитување е умешноста на Mercedes да направи добро купе

Зад воланот доминира чувството на бизнис-класа познато од лимузината, со бројни нови детали, вклучувајќи го и комплетно сменетиот дизајн на облогите на вратите. Притоа, секој прекинувач и секоја команда се облагородени и имаат нешто дополнително во изработката, што прави почитта кон умешноста на Mercedes да направи добро купе да биде целосно оправдана. Нормално е дека и предните седишта се комплетно нови. Утеха за тие што ќе седат назад може да биде само тоа што со C-Class Coupe ќе пристигнат побрзо до целта отколку со лимузината, затоа што купето е поспортската варијанта во семејството модели од средната класа.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Купето е веќе пристигнато во салонот на Мак Аутостар, а тука се и цените. Основниот модел е C-Coupe 180 со 1,6-литарски турбобензинец со 156 КС и цена од 37.990 евра, по него следат C-Coupe 200 со дволитарскиот турбо со 184 КС и цена од 40.990 евра, и C-Coupe 250 со 211 КС. Врвот на „цивилната“ бензинска понуда е C-Coupe 300 со 245 КС, додека вистинскиот врв се Mercedes-AMG C-Coupe 63 и C-Coupe 63 S со 476 и 510 КС, со цена од 87.900 и 99.280 евра. Понудата кај дизелите е поскромна: C 220 d со 170 КС чини 42.990 евра, C 250 d со 204 КС е достапен за 48.880 евра.

Новитет е опционалната пневматска амортизација Airmatic C, којашто единствено Mercedes ја нуди во оваа класа и нуди постојана електронска регулација на тврдоста на предната и задната оска. Возачот може да избира меѓу пет програми на возење со прекинувачот Dynamic Select.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Четиригодишно девојче уништува цел камион – и Volvo е среќен од тоа?

Најголемите иновации во 2015 според американскиот „Popular Science“