130
18 shares, 130 points

Во случај да се пропушта точната претстава за цената на последниот модел на Bugatti: Тоа е исто колку 8.000 метри квадратни според просечна цена во Скопје. Приближно сто трисобни станови на добра локација и во новоградба. Што треба да понуди еден автомобил да вреди толку?

Bugatti одбележува 110-годишнина со посебен автомобил. Centodieci или сто десет на италијански, ќе се изработи во серија од само десет примероци, секој со цена од осум милиони евра. Bugatti Centodieci воедно му оддава чест и на автомобилот, со којшто своевремено се одбележуваше друг важен датум, 110 години од раѓањето на Еторе Бугати. Тоа беше легендарниот EB110, изработен во времето кога марката му припаѓаше на бизнисменот Романо Артиоли, пред Bugatti да биде преземен од Volkswagen.

Французите досега не го спомнуваа тоа поглавје често, не само поради тоа што истото се одвиваше во Италија. Во 1990-те години, Артиоли ја купи марката и изгради супермодерна фабрика за првиот нов модел на Bugatti по 1956 година. Таа се наоѓаше во Модена, во Кампогалиано, во регионот кадешто имаат седиште италијанските суперспортски марки.

Во изгледот на Centodieci се препознаваат формите од EB110, кои прават новиот ексклузивец од Молсхајм да изгледа поагресивно и поекстремно од Bugatti Chiron и Divo. Во исто време, школката прикажува и неколку детали од елегантниот и уникатен La Voiture Noire.

Различниот каросериски концепт на EB110 ги предизвика инженерските моќи кај модерната интерпретација на моделот во Bugatti Centodieci

Стилот на EB110 е типичен за хиперавтомобилите од крајот на 1980-те години, со клинеста форма, речиси со „дводимензионален“ изглед. Дизајнерот Ахим Аншајт објаснува какви проблеми им предизвикала ваквата форма, при изведувањето на Centodieci: „Моравме да најдеме нов начин, за комплексните барања во поглед на аеротермиката што ги поставува користената технологија од Chiron, да ги комбинираме со сосем поинаков изглед на возилото.“

Место мотор V12, тука работи познатиот осумлитарски W16 со моќност од 1600 КС при 7.000 вртежи во минута. Спринтот до сто трае 2,4 секунди, до 200 km/h се потребни 6,1 секунди и до 300 km/h уште само седум секунди. Крајната брзина е ограничена електронски на 380 km/h.

Тежината е намалена за 20 kg во споредба со Chiron, меѓу другото со детали како олеснета рачка на бришачот или со стабилизатори од карбон. Соодноосот меѓу моќноста и тежината е сензационален: На една коњска сила доаѓаат само 1,13 килограми.

Тоа е толку нормално за денешните мануфактури, дека серијата од десет примероци од по осум милиони евра за примерок, веќе ги најде своите сопственици. Десетте примероци ќе се испорачаат по две години, сите изработени рачно во Молсхајм.

Враќањето на Bugatti пред враќањето на Bugatti: EB 110


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

130
18 shares, 130 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *