Магазин

Топ 10 Најголеми легенди во британската туристичка класа

Британскиот шампионат со туристички возила одбележува 60 годишнина

Во 2018 година се одбележуваат точно шест децении на највозбудливата тркачка серија на кружни патеки во Европа. Без комерцијалниот притисок на формула 1, британскиот шампионат со туристички возила или BTCC отсекогаш нудел тркачко шоу од прва класа за публиката.

Фановите на мотоспортот ја познаваат силната врска меѓу формула 1 и британската туристичка класа. Близу 50 големи тркачки имиња, вклучувајќи ги Менсел, Кларк, Бребем, Хил, Култхарт, возеле во обата шампионати. Уште повеќе автомобили „од улиците“ ги имаат гмечено каросериите до победа на Брендс Хеч, Донингтон или Силверстоун.

Меѓу највпечатливите автомобили во тркачката серија секако е Volvo 850, семејното комби што ги владееше и тркачките патеки. Британскиот магазин Autosport, кој е меѓу водечките медиуми за мотоспорт во светот, ги избра десетте автомобили што оставија најсилен впечаток во изминативе шест децении на британската туристичка класа.

Rover SD1

Rover SD1

И покрај џиновските пропорции, громогласниот V8 во овој британски снагатор произведуваше спектакл за очите и за ушите на секоја трка. Во историјата на шампионатот се впишани жестоките дуели со американските ривали. Rover SD1 не можеше да остане незабележан.

Lotus Cortina

Lotus Cortina

Меѓу неколкуте брзи модели на Ford кои извозеа низ шесте децении на шампионатот е малечката, но лута Cortina, подготвена за трка во Lotus. Со возачки легенди зад воланот од ковот на Џим Кларк (кој го освои првенството во 1964 година), малечката Cortina се враќаше дома со големи достигнувања. На фотографиите од тоа време, Cortina во свијоците честопати позира со едно тркало во воздух.

Chevrolet Camaro

Chevrolet Camaro

Оваа грамада автомобилски мускули што фрлаше огнови околу себе се губеше зад помалите европски ривали во свијоците, но затоа ги јадеше живи на правците. Потенцијалниот кандидат за тешка категорија Френк Гарднер го освои шампионатот во 1973 година во Z28 Camaro.

Honda Civic

Honda Civic

Иако Accord долго време ги трошеше гумите по тркачките патеки низ историјата на BTCC, Civic е вистинската ѕвезда на Honda. Меѓу 2011 и 2016 година, Civic само еднаш го пропушти шампионскиот наслов. Публиката го помни Civic како голем херој во шампионатот.

Volvo 850

volvo 850 btcc

Негова е заслугата за тоа што комби моделите станаа желба на секој семеен човек. Volvo 850 е легенда од тркачките патеки. Развиено во соработка со Tom Walkinshaw Racing (TWR), комбито имаше неколку предности во аеродинамиката во споредба со лимузините, но беше избрано да се бори на асфалтот првенствено заради публицитет.

Mini 1275 GT

Mini 1275 GT

Британската туристичка класа не остана без присуството на Mini. Напротив, прцлето претходно се имаше докажано со сензационалните возни својства на повеќето тркачки мегдани. За публиката беше забавно додека гледаше како Mini ги совладува многу поголемите и помоќни ривали – најчесто со лизгање со сите четири.

BMW E30 M3

BMW E30 M3

Симболот на 1990-те години во BTCC, како еден од навозбудливите периоди на шампионатот, E30 M3 го забетонира својот имиџ на автомобил што сите посакуваа да го имаат на улица, поради надмоќта на тркачката верзија. Тој беше клучен играч во сите сплетки на тркачките писти во 1990-те години. Тој едноставно е кралот на BTCC.

Audi A4 quattro

Audi A4 quattro

Тој е вториот германски Голијат во тркачката серија. A4 quattro ја заинтригира публиката околу погонот на сите тркала. Техниката му носеше први места на стартната линија. Конкурентските тимови негодуваа. Откако се покажа супериорен, на адресата на A4 quattro пристигнаа мноштво поплаки од конкурентите. На крај, quattro доби забрана. Тој сепак стана шампион на сезоната 1996.

Alfa Romeo 155 TS

Alfa Romeo 155 TS

Во типичен манир за Alfa Romeo, лимузината 155 TS беше исто толку привлечна колку што беше моќна. Конкуренцијата повторно реагираше поради приспособливата аеродинамика на 155 TS, по што Alfa Romeo во знак на протест ја напушти трката во Олтон Парк во 1994 година. Тоа не промени многу, затоа што Габриеле Тарквини го освои првенството во неодоливата Alfa.

Ford Sierra Cosworth RS500

Ford Sierra Cosworth RS500

RS500 е автомобилот што не смееше да остане надвор од оваа тркачка серија. Специјално за турбо-терминаторите од неговата сорта, во 1990-та година беше воведена групата А. RS500 е еден од автомобилите што најмногу се поистоветуваат со BTCC. Неколку генерации на љубители на мотоспортот лепеа постери од брзата Sierra по ѕидовите во своите соби.

Tags

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close

Notice: ob_end_flush(): failed to send buffer of zlib output compression (0) in /home/automedi/public_html/wp-includes/functions.php on line 3730