за ,

Brabus 800 iBusiness: Подвижна канцеларија со 800 КС

Оваа преработка на класата G на Mercedes буквално не познава граници, без разлика дали се вози во пустина или по булевар. Внатре работи цел арсенал на Apple, а под хаубата зуи мотор V12 со 800 КС.

Бизнисменскиот живот не е лесен во овие денови. Човек треба секогаш да е достапен и да може да комуницира со цел свет. Ако остане малку слободно време за разонода, тоа може да се препушти само на врвна техника. Brabus 800 iBusiness е суперлуксузен и неверојатно моќен теренец на база на Mercedes G 65 AMG, кој покрај вообичаените зафати на овој познат тјунерски бренд, дополнително поседува сé што во моментов произведува Apple: iPad mini, Mac mini, iPod touch и Apple TV.

Вентилатори во седиштата во случај да вжешти ситуацијата

Срце на системот е десктоп компјутерот Mac Mini, кој заедно со ТВ-модулот и со аудио засилувачот е елегантно вграден во багажникот. Тоа е воедно и најневината трансформација на серискиот G 65 AMG во Brabus 800 iBusiness. Стандардната задна клупа е заменета со две фотелји, во коишто како врв на комфорот се вградени и вентилатори. Специјално изработената средишна конзола почнува напред и завршува дури на врвот на задните седишта. Што сé нема вградено во оваа конзола: Ладилник, работни масички што се извлекуваат исто како во бизнис класа во авион, докинг станица за iPad mini и iPod touch, посебна преграда за тастатура и маус, како и приклучоци USB за Mac mini.

Преку таблетот iPad се контролираат и функциите на возилото

Монитор од 40 сантиметри е вграден на таванот, кој пригодно за Brabus е обложен со најскапа кожа и алкантара. Секако дека извлекувањето и вовлекувањето на мониторот се врши преку далечинска контрола. Поврзувањето на интернет се врши преку WLAN и високобрзински модем. Електроничарите на Brabus го поврзаа iPad mini со електрониката на возилото, така што таблетот не само што служи за комуникација со светот, туку и за ракување со бројните функции на мултимедискиот систем.

Интернет телевизија од цел свет и 14.000 песни

Интернет-ТВ од цел свет се следи на мониторот преку Apple TV, а за секој случај има и DVD шаржер. За музиката се грижи iPod touch вграден во задната конзола, со капацитет за 14.000 песни. Во пријатната атмосфера дополнително учествуваат амбиенталните светла со регулирање на осветлувањето и подвижни диодни светилки за читање.

612 КС се малку за Brabus: 800 КС е многу подобро

Суштината на целото возило сепак е во моторот. Шестлитарскиот мотор V12 со битурбо натполнење од G65 AMG е донесен од 612 на 800 КС, преку специјални издувни гранки со вградено куќиште на турбините со повисок притисок на натполнење од стандардните, четири интеркулери, специјален издув на Brabus – со можност возачот да избере дали моторот ќе звучи кротко како во претседателска лимузина или бесно како тркачки болид – како и со комплетно ремапирана електроника на моторот.

Без ограничувањето Brabus вози до 270 km/h

Осумстоте коњски сили се постигнуваат при 5.500 вртежи, а максималниот вртежен момент изнесува 1.420 њутнметри уште при 2.100 вртежи. Во комбинација со седумстепен автоматик и постојан погон на сите тркала, Brabus е за 4,2 секунди до стотка, а крајната брзина џентлменски ограничена на 250 km/h. Без ограничувањето овој монструм продолжува до 270 km/h.

Само каросериската преработка чини колку помал Mercedes

Култната тјунерска куќа од германскиот Ботроп ја комплетира преработката со моќно издадени крила што го прават возилото пошироко за 12 сантиметри, со специјален преден спојлер со вградени диодни дневни светла, ксеноски светла од Brabus, маска со лого на куќата, заден браник со диодни светла и спојлер во покривот. На тоа доаѓаат и диодни светилки во праговите, интегрирани отвори за воздух и панели на вратите. Под крилата се вртат бандажи од 23 инчи со гуми 305/35 R 23.

Посебна гордост на инженерите на Brabus е активното подвозје, развиено во соработка со специјалистот Bilstein. Возачот може да избере комфорна или спортска работа на амортизацијата, со можност електрониката сама да префрлува ако утврди спортски начин на возење.

Цената обично не се објавува, но и ова е доволно. Градската потрошувачка изнесува 22,7 литри дизел на сто километри, на отворено се 13,7 литри, односно во просек 17,0 литри.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Нова генерација на BMW X1 доаѓа во 2015 година

Автомобилите учат да паркираат сами