Кога темна Mercedes лимузина држи темпо со Lambo, тоа мора да е AMG што ‘ржи по улиците. Но, кога лимузината се обидува да го престигне Lambo, јасно е дека станува збор за Brabus. Оваа бизнисменска лимузина штотуку доби 700 КС под хаубата, Brabus 700.
Светот веќе долго време не се запрепастува кога бизнис лимузина ќе престигне расно спортско купе. Тоа важи особено кога се работи за цивилните тркачи што ги изработува Brabus, германскиот тјунер специјализиран за Mercedes. Потспецијалност, Mercedes-AMG. Фабричката верзија на Mercedes E 63 S 4Matic+ добива дополнителни 88 КС кога под новата ознака Brabus 700 ќе излезе од фабриката во Ботроп.
Четирилитарскиот V8 на Brabus 700 располага со 700 КС
Моќност од 700 КС, вртежен момент од 950 Nm, карбонски додатоци за подобрување на аеродинамиката, ковани бандажи од 21 инч. Без разлика дали се работи за лимузината или комбито, пакетот за тјунирање на моторот Brabus PowerXtra B40 – 700 го претвора Mercedes E 63 S 4Matic+ во уште побесен волк во овча кожа.
Дополнителната контролна единица едноставно се приклучува на постоечката, заедно со ново мапирање на впрскувањето на палењето, плус зголемување на притисокот на натполнење. Како резултат, стандардната моќност од 612 КС се искачува на 700 КС при 6.100 вртежи во минута. Паралелно се зголемува и вртежниот момент, од 850 на 950 Nm, коишто се достигнуваат веќе при 3.500 вртежи во минута.
Brabus 700 спринтува до сто за 3,2 секунди, крајна брзина лимитирана на 300
Во заеднички чекор со деветстепениот спортски менувач, E 63 S 4Matic+ со китот Brabus PowerXtra B40 – 700 забрзува до сто за само 3,2 секунди. На незначително потешкото комби му е потребно само десетинка повеќе време. Крајната брзина е ограничена на 300 km/h. Во подготовка е Brabus Vmax Unit, за отпуштање од сите стеги.
Звукот и перформансите се силната страна на спортскиот издувен систем на Brabus за сите варијанти на E 63. Изработен во целост од челик, издувот поседува клапни за електронска контрола на звукот. Возачот може со притискање на копче да избере тивoк режим „Coming Home“ или целосно да ги отвори издувните клапни, за уште повпечатлив звук на осумцилиндарецот.
Аеро-пакетот на Brabus не служи за украс
Дизајнерите на Brabus поминаа долги часови во воздушен тунел, да ги тестираат додатоците за подобрување на аеродинамиката коишто се изработени од лесен и отпорен карбон. Има две варијанти на финишот, со сјаен лак или со заштитен мат лак. Истиот суперлесен материјал е користен и за задниот спојлер, како и за дуфузорот во задниот браник, како совршено дополнување на чифтот двојни издувни цевки.
За впечатливиот изглед на Brabus 700 придонесуваат и специјално изработените бандажи од 21 инч. На предната оска се монтирани гуми 265/30 ZR 21, односно 305/25 ZR 21 на задната оска. Не смее да недостига и кит за спуштање на подвозјето на E 64 за околу 20 милиметри.
Секако дека меѓу бројните специјалности на Brabus е можноста за изработка на ентериерот по нарачка, при што речиси не постојат граници. Brabus 700 може да се испорача или како готов автомобил или сопственик на Mercedes E 63 да го препушти автомобилот на доработка на специјалистите во Ботроп.