за

Brabus го тера големиот Mercedes до 325 km/h

Штотуку провозена, а новата класа S на Mercedes веќе се најде под рацете на специјалистите за тјунирање на Brabus. Во најсилната изведба, лимузината вози 325 km/h. Потоа се вклучува блокадата.

[slideshow id=82]

Тјунерската работилница Brabus е второто име што се поврзува со најмоќните модели на Mercedes, по AMG. Специјалистите на фирмата од германскиот Ботроп веќе имаат подготвено програма за извлекување дополнителни коњски сили од знаменосецот на Mercedes, уште пред неговата официјална премиера наесен во Франкфурт.

За почеток, Brabus нуди пакети за тјунирање на осумцилиндарците со двојно турбонатполнење во класата S. Со зафати во контролната електроника за впрскувањето на гориво и палењето, како и со мало зголемување на притисокот на натполнење, од 4,7-литарскиот битурбо мотор во S 500 се добиваат дополнителни 65 КС. Тоа значи дека место сериските 455 КС, по преработката од Mercedes S 500 во Brabus B50 – 520 се добиваат на располагање 520 КС и 820 њутнметри. Со таква моќ, големата лимузина забрзува до темпо сто за 4,2 секунди. Нарачателот на возилото има можност да избере кога ќе се вклучи електронската блокада на крајната брзина, на 250, 275 или на 300 километри на час.

Порадикални зафати се предвидени за Mercedes S 63 AMG, чија што моќност може да се зголеми и до 145 КС, односно место сериските 585 КС се добиваат 720 КС. Оваа екстремна изведба на големиот Mercedes, која што се води како Brabus B63S – 730, под хаубата се препознава по лесно по топлинската заштита за вшмукувачкиот тракт и за цевките за натполнењето која што е обложена со злато. Тјунингот се состои во замена на обете сериски турбини со специјални турбополначи на Brabus, со поголем компресор и со повисок притисок на натполнење. За дополнителна сила се грижат специјален интеркулер, спортски издувен систем со метален катализатор и издувни цевки со пречник од 7,5 сантиметри, како и зафати во електрониката на моторот.

Brabus B63S ги вади 730-те КС веќе при 5.300 вртежи во минута. Максималниот вртежен момент се ограничува електронски на 1.065 њутнметри и се одржува константен од 1.750 до 5.000 вртежи. Заради предострожност, крајната брзина исто така е ограничена електронски на 325 километри на час.

Како надополнување на спортскиот настап може да се избере спортски издув со контрола на звукот. Преку копче на воланот, возачот избира дали напумпаниот V8 ќе преде како мачка или ќе грми како. При брзините што ги постигнуваат овие лимузини, подеднакво важна улога игра и аеродинамиката. За таа цел, Brabus нуди кит спојлери за намалување на притисокот на струење на воздухот под возилото. Секако, овие компоненти не може да бидат изработени од друго освен од карбон.

Зафатот се комплетира со алу-бандажи со димензии 9Jx21 напред и 10.5Jx21 назад, во комбинација со гуми 255/30 ZR 21, односно 295/30 ZR 21. На крајот следува и специјална контролна единица со која што каросеријата на лимузините опремени со пневматска амортизација или со активно подвозје се спушта дополнително за 15 милиметри.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тест • Toyota RAV4 2.2 D-4D Executive

Taigun ќе го однесе Volkswagen на врвот