за

Првиот BMW X5 бил нацртан за два часа

Првиот BMW X5 бил нацртан за два часа
Првиот BMW X5 бил нацртан за два часа

Првата генерација на BMW X5 важи како предводник на модерните СУВ-возила. Дизајнот е вистински погодок, но за тоа биле потребни само неколку часови.

Проиводителите на автомобили си направија одличен бизнис со СУВ-моделите. Не постои друга автомобилска сорта што ужива повисока популарност од нив. Тоа важи и за BMW X5, чијашто прва генерација од 1999 година се цени како зачетник на актуелниот бран СУВ-возила. Дизајнот привлекува внимание и по повеќе од две децении. Повеќето би претпоставиле дека зад изгледот на X5 има илјадници часови зад цртачките табли. Но, вистинската приказна е многу поразлична.

Настанокот на изгледот на првиот BMW X5 го откри дизајнерот Френк Стефенсон на својот канал на јутјуб. Американецот ги има креирано автомобилските легенди, како Ford Escort Cosworth, новиот Mini и Ferrari F430. Во последната деценија од минатиот век, BMW беше сопственик на традиционалната британска марка Rover. Под баварско раководство, Rover ја претстави третата генерација на Range Rover во 1994 година. Менаџментот во Минхен тогаш дојде на идеја, како би изгледал модел од рангот на Range Rover, но под знакот на BMW. Шефот на развојното одделение на BMW, Волфганг Рајцле, му ја додели таа работа на дизајнерот Стефенсон, кој потоа изработи модел во глина.

Рајцле му дал рок на Стефенсон и на неговиот тим да изработат готов модел во природен размер за само шест недели. Тоа е многу кусо време. За комплетно нови моделски серии, каква што тогаш беше X5, обично се потребни шест месеци. Да не губи време, Стефенсон веднаш се качил на авион за Минхен, без каква било идеја за изгледот. Дизајнерот требало во Минхен да го прикаже конечниот изглед на моделот. Стефенсон тогаш го нацртал изгледот на идниот BMW X5 за само два часа, за време на летот до баварската престолнина.

Најголемиот предизвик било препознатливите белези на BMW да се внесат во изгледот на СУВ моделот. Стефенсон мајсторски ја заврши и таа задача, со легендарниот „хофмајстеркник“ на завршетокот на задните прозорци, со работ по целата должина на каросеријата и со маската со неизоставните бубрези.

По пристигањето во Минхен, Стефенсон и неговиот тим успеале за шест недели да изработат модел во природна големина врз основа на скицата. Менаџментот веднаш дал одобрение за изгледот на X5.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Електричниот ID.3 на тест кај 150 вработени во Volkswagen

Електричниот ID.3 на тест кај 150 вработени во Volkswagen

Тест: Mitsubishi Eclipse Cross 1.5 Intense 2WD