за

BMW X3: Фејслифт и нов дволитарски дизел

По четири години од појавувањето X3 се подложи на третман за разубавување. Најважниот новитет е под хаубата. Таму работи нов дволитарски дизел мотор.

Освежувањето на BMW X3 се воочува најмногу во предниот дел. Светлата имаат построги контури и со доплата се добиваат светлечки диоди, а на тоа се надоврзуваат повпечатливите „бубрези“ во маската. Ретровизорите се нови и со вградени трепкачи. Останатите промени се однесуваат на браниците, додека во внатрешноста има повеќе хромирани детали, преработено поле за ракување со климата и поголем дисплеј во средишната конзола. Новитети во списокот на дополнителна опрема се можноста за отворање на задниот капак со замавнување со стопалото оздола, проекцискиот дисплеј и средишниот контролер iDrive со поле на допир.

bmw x31

Новиот дизел со 150 КС троши 4,7 литри

Во понудата на мотори за X3 се наоѓаат три бензинци и четири дизели во дијапазон меѓу 150 и 313 КС. BMW премиерно го вградува новиот дволитарски дизел во спортскиот теренец X3, во моделите X3 sDrive18d и xDrive20d. Четирицилиндарецот е изработен целосно од алуминиум и користи впрскување со притисок до 2.000 бари. Моторот ја носи интерната ознака B47, како член на новата генерација на мотори B кои што ќе имаат заедничка основа и компоненти. Од дволитарското првенче подоцна ќе се изведе 1,5 литарски мотор, со скусување на еден цилиндар, но ќе се изведе и шестцилиндарец, со додавање два цилиндра. Моќноста порасна од 143 на 150 КС, а вртежниот момент од 360 њутнметри се постигнува малку порано, при 1.500 вртежи. Во моделот X3 sDrive 18d, со погон назад и мануелен менувач, новакот троши 4,7 литри дизел.

Сите мотори ја исполнуваат нормата Euro 6

Моделот X3 xDrive20d има шест коњски сили повеќе од претходникот, односно 190 КС. Вретежниот момент исто така се зголеми од 380 на 400 њутнметри. Во комбинација со осумстепен автоматик, оваа верзија на X3 со погон на сите тркала троши 5,2 литри дизел. Сите мотори ја исполнуваат нормата Euro 6. Продажбата на освежениот X3 на европскиот пазар стартува во април, а в лето ќе му се придружи новиот X4, како помал брат на купе-теренецот X6.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Британците откачуваат повторно: Боб-кар за возрасни деца

Јапонска мини офанзива: Suzuki Celerio ќе биде новиот Alto