за

BMW X2 спојува стил и плагин-хибриден погон

BMW X2 xDrive25e
BMW X2 xDrive25e

Кросоверот BMW X2 отсега вози со хибридниот погон што долго беше резервиран за X1. Со воведувањето на xDrive25e, целата гама добива диодни светла, браник без магленки, нова темносина боја и уште неколку детали. Со полна батерија, X2 со eDrive може без проблем да извози 50 километри без нити грам штетни материи. Потоа се вклучува бензинецот.

Уште едно поглавје во традиционалното освежување на моделската понуда на BMW пред летото. Минхен вчера виртуелно ги претстави новите годишта на серијата 5 и на изведбата GT од серијата 6. Најголемата промена е во тоа што во погонската спрега на повеќето моделски варијанти во оваа серија сега работи електромотор. Тоа важи и за компактниот кросовер BMW X2, кој сега првпат добива плагин-хибриден погон.

Новиот член во семејството на BMW X2 ја носи ознаката xDrive25e и го користи погонот што е добро познат од ванот од серијата 2, од X1 и од Mini Countryman. Според посебните норми за овој вид на погон, потрошувачката на гориво изнесува 1,9 литар и се постигнува кога ќе се појде со полна батерија и ќе се вози на струја до целосното празнење, по што се активира и бензинецот.

Досегот со полна батерија изнесува 57 километри (53 според WLTP). Тоа е многу повеќе од дневниот просек на европските возачи, што значи дека во принцип може секој ден да се вози само на струја. Цената во Германија изнесува 47.250 евра, не вклучувајќи ги субвенциите и повластиците. Кај нас исто така постои одредено олеснување, со тоа што за данокот на возило се плаќа половина од пресметаната вредност. Испораките ќе стартуваат веќе во јули.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во кросоверот со впечатлив дизајн работи четвртата генерација на плагин-хибридниот погон на BMW, односно на eDrive. Погонската спрега ја сочинуваат познатиот 1,5-литарски турбо-бензинец со три цилиндри и 125 КС, електромотор со 70 kW (95 КС) и батерија со бруто-капацитет од 10,0 kWh.

Системски 220 КС и погон на сите тркала, со електромотор задолжен за задната оска и за забавата во возењето

Инженерите на BMW имаа добра забава да го „конфигурираат“ погонот, со тоа што на задната оска дејствува електромоторот, додека бензинецот е задолжен за погонот на предната оска. Велиме забава, затоа што преку вештата асистенција од електромоторот може да се влијае врз зголемувањето на возната динамика – проверено и потврдено на нашиот тест на Mini Cooper SE Countryman лани. Во исто време, погонот на сите тркала е добар и за вонредни услови на возење и излети по терен. Спринтот на X2 xDrive25e до темпо сто трае 6,8 секунди.

BMW како опција испорачува ѕиден полнач, кој може да се постави на пример во гаража и кој целосно ќе ја наполни батеријата за 3,2 часа. Доколку се користи само електричен погон, xDrive25e може да се движи најбрзо со 135 km/h, по што се активира моторот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Батеријата е вградена ниско во подот, така што не одзема корисен простор во кабината. Багажникот распоалга со зафатнина од 410 литри, односно 1.290 литри. Задната клупа се соборува во три делови, така што и функционалноста не е попречена со хибридниот погон.

Сериската опрема опфаќа диодни светла, алу-бандажи од 17 инчи, двозонска автоматска клима и средишен дисплеј со збогатени функции. Секако, меѓу мајсториите на eDrive спаѓа и можноста да се програмира вклучувањето на климатизациајта, за кабината да биде изладена или загреана пред да се седне во возилото. Постои и далечинска контрола, преку мобилна апликација.

Сите стилски изведби, вклучувајќи ги M Sport и M Sport X, исто така се достапни за хибридниот X2.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Valeo доби 150 мио. € за масовно вградување 48-волтен хибрид

Valeo доби 150 мио. € за масовно вградување 48-волтен хибрид

Lamborghini Sian Lego

Lamborghini од 3.696 лего коцки