Други тестови

BMW X2 на тест на АДАК Моторвелт

Германскиот клупски магазин АДАК Моторвелт го тестираше новиот X2 пред почетокот на продажбата во март

Кросоверите како BMW X2 треба да ги одушеват купувачите, со необичен дизајн, моќ и агилност. Но, повеќето убави детали од концептниот X2 се задржани само делумно или безволно. Прво тест-возење и сите податоци, факти и цени на конкурентот на Audi 3, Mercedes GLA и Volkswagen T-Roc

(Преземен тест од АДАК Моторвелт)

Навистина е жално. Кај сериската верзија на BMW X2, којашто ќе се појави во салоните во почетокот на март, не останало многу од изгледот на шоу-возилото од когошто запираше здивот. На пример, што ни недостига? Филигранските надворешни ретровизори. Веројатно, хомологацијата не ги дозволува. Или металните прозорски рамки со четкан финиш, кои веројатно биле прескапи. Светлата со форма на стрела – сега изгледаат исто толку исплакнато како кај конкурентите. Дебелата рамка околу бубрезите во маската, и таа е смалена на вообичаените димензии. И моќните отвори за воздух и облините во предниот браник исто така се вратени во нормални мери.

BMW X2 изгледа многу подинамично од X1 или X3

Нашиот најголем предизвик“, кажува раководителот на проектот Др. Јулиус Шупкотен, „фактички беше во тоа, дизајнерските идеи да се внесат во серискиот автомобил. На неколку места сепак моравме да пристапиме на невообичаен начин.“ За него, перформансите на еден BMW се најважното, автомобилот мора пред сé да вози спортски. Бидејќи купувачите често го наведуваат дизајнот како втора најважна причина за купување, тој имал соодветно висок приоритет при развојот на возилото. Иако нешто било технички неизводливо или морало да се отфрли поради високата цена: X2 во никој случај не изгледа здодевно. Во споредба со X1 или X3, тој дури изгледа многу подинамично.

BMW X2 fabricki fotografii 3

Тој и вози така. Моќно, агилно и контролирано во секој момент. Но, тоа важи за верзијата xDrive 20d Steptronic, со највисоката опрема „M Sport X“ (со поцврсти амортизери и пружини и спуштена за 10 милиметри), којашто стоеше на располагање на првите тест возења. Нејзината цена со „all inclusive“ изнесува 50.200 евра. Тоа за „all inclusive“ не е вистина. Во ценовникот има уште цело изобилство убава или корисна опрема, којашто се добива со доплата.

Основниот модел со трицилиндарски мотор ќе чини 34.050 евра на германскиот пазар

Топ-модел при стартот на продажбата е xDrive 25d со 231 КС. Основниот модел ќе се појави во понудата многу подоцна и со познатиот 3-цилиндарски бензинец со 140 КС ќе чини 34.050 евра, со основната опрема. Назад во дизел верзијата. Полната моќ од 400 њутнметри вртежен момент стои на располагање меѓу 1.750 и 2.500 вртежи. Моторот притоа никогаш не е прегласен или безволен. Осумстепениот автоматик од ZF совршено одговара на погонот, особено кога „прекинувачот за возачко доживување“ ќе се намести на спорт. Издувните гасови се чисти благодарение на SCR-катализатор со впрскување на АдБлу.

BMW X2 fabricki fotografii 2

Потрошувачката останува во разумни граници и при побрзо возење. На крајот на тестот со многу километри по серпентини по нагорнина, патниот компјутер прикажа точно 7 литри дизел на 100 километри. Со нагласено штедливо возење, потрошувачката би изнесувала меѓу 5 и 5,5 литри.

Задниот прозорец е димензиониран како пушкарница

По подолгите одови на амортизацијата и по повисокото тежиште се познава дека се вози СУВ. Но, тоа не нервира. Седењето во X2 е два сантиметри пониско отколку во X1, но девет сантиметри повисоко отколку во серијата 1. За жал, ништо од тоа не оди во корист на прегледноста наназад, затоа што задниот прозорец е димензиониран како пушкарница. Form follows function оваа максима на дизајнерите очигледно не важи за задниот дел на X2.

Необичен технички детал е отворањето на хаубата. Бравата се отклучува целосно дури откако двапати ќе се повлече рачката. Второ изненадување е попречната шипка во кошот на моторот, за каросеријата да се свива помалку. Оваа техника повеќе ни е позната од мотоспортот или тјунирањето.

BMW X2 fabricki fotografii 4

Старински се јамките на задните седишта, со коишто се соборува клупата и до коишто никако не може да се допре од багажникот. И зошто нема приклучок УСБ за патниците назад, туку има само отвор за запалка за цигари? Зарем денес некој пуши на задната клупа?

Возрасните патници може да имаат проблем со просторот за глава на задната клупа

Просторот за колена е доволен, но на возрасните патници им станува тесно кај главата. Багажникот номинално располага со 470 литри, вклучувајќи го големиот простор под подот, којшто е раздвоен со практична преграда. Многу разочаруваат издувните цевки со голем пречник. Звукот што излегува оттаму, нема ништо заедничко со изгледот.

На крајот на тест возењето пронајдовме и две технички решенија, на коишто сигурно мислеше раководителот на проектот Шупкотен, кога зборуваше за „невообичаен начин“. Последните сантиметри од страничните прозорци се пластична маска. Прозореците завршуваат многу пониско, но на овој начин се постигнало страничната линија да изгледа поиздолжено и со подобри пропорции.

Втората пластична мамка се наоѓа на задниот капак. Основната конструкција е од метал, но однадвор има уште еден дебел слој, којшто исто така е од пластика, а неговата цел е задниот капак поубаво да се втопува со задниот браник. Според BMW, тоа е добро за изгледот, но придонесува и за класификација во пониска класа за осигурување. На тој начин, мотото Form-follows-function повторно добива смисла.

Технички податоци · BMW X2 xDrive 20d Steptronic

(податоци од фабрика, цените се однесуваат за германскиот пазар)

  • Мотор: 4 цилиндри, TwinPower, турбо дизел со директно впрскување, 1995 cm3, 140 kW/190 КС, 400 Nm при 1750 / min
  • Забрзување 0 до 100 km/h за 7,7 s
  • Крајна брзина 221 km/h
  • Потрошувачка 5,4 l дизел/100 km
  • Емисија на CO2: 126 g/km
  • Димензии Д 4,36 / Ш 1,82 / В 1,53 m
  • Багажник 470 – 1355 l
  • Цена 50.200 € (со опрема “M Sport X”)

BMW X2 по принцип на ситуациска комедија

BMW X7 ѕирна од фабричката хала во Спартанбург

 

BMW X2 xDrive 20d Steptronic

Tест на АДАК Моторвелт

+ Моќен дизел мотор, автоматикот префрлува меко, директно управување со добра повратна информација, привлечен дизајн, разновидни инфо-забавни и онлајн функции, добро ракување. - Висока цена, лоша прегледност назад, сложен механизам за соборување на задната клупа, недостигаат УСБ-приклучоци назад.

User Rating: Be the first one !
Извор
АДАК Моторвелт
Ознаки
loading...

Слични објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Откриен е Adblock

Ќе ни помогнете доколку ја исклучите вашиата блокада за реклами

Notice: ob_end_flush(): failed to send buffer of zlib output compression (0) in /home/automedi/public_html/wp-includes/functions.php on line 3729