135
18 shares, 135 points

Почнува битката со лимитите за СО2 кои ЕУ им ги постави на производителите. Со таа цел, моторите во серијата 5 на BMW сега работат како благи хибриди со 48-волтна мрежа и стартер-генератор, а пристига и втор плагин-хибрид, во 545e xDrive со близу 400 КС.

Планот беше освеженото моделско годиште на серијата 5 на BMW првпат да се појави пред светот на салонот во Сеул. Но, пандемијата спречи и оваа светска премиера да се одржи директно пред публика. Новиот модел ќе започне да се испорачува во јули, заедно со моделите од сродната серија 6. Главниот нагласок е поставен на плагин-хибридниот погон.

Не е изненадување тоа што освежените годишта на сериите 5 и 6 на BMW се појавуваат со дизајн што се ориентира според топ-моделите од сериите 7 и X7. Предните светла се потенки и повпечатливи поради светлечката графика во форма на буквата L. Диодната лента во задните светла исто така има различна форма од претходно. Други промени во опашот речиси нема.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Поголеми промени има во техниката. Четири и шестцилиндарците првпат работат како благ хибрид, во 48-волтна мрежа, односно поседуваат стартер-генератор кој го потпомага моторот со моќност од 8 kW (11 КС), со цел да се смалат потрошувачката на гориво и емисијата на СО2. Што се однесува до понудата од плагин-хибриди, покрај 530e со дволитарски мотор, во иднина ќе се нуди и верзија 545е, со трилитарскиот турбо-шестцилиндарец од BMW 745e.

Отсега и хибридите добиваат управување на задната оска, додека 530e првпат е достапен и во комби-изведбата Touring

За двете верзии на серијата 5 со плагин-хибриден погон првпат ќе може да се доплати и за управување на задната оска, со што се постигнува поголема динамика при брзо возење, како и полесно маневрирање при возење во град. Од сериите 7 и X7 пристигаат нови дисплеи и команди. Стандардно се вградува средишен дисплеј од 10,25 инчи, кој со доплата се „зголемува“ на 12,3 инчи. Воланот е нов, исто како и седиштата, за кои може да се избира меѓу спортско, обично или комфорно седиште со климатизација.

Главниот носител на моделското освежување се плагин-хибридите 530e и 545е. Првиот располага со системска моќност од 292 КС и достапен е во варијанта со заден или со погон на сите тркала, во лимузинска или комби каросерија. Првпат во серијата 5 се нуди плагин-хибридната верзија 545е. Додека 530е постигнува 235 km/h и според посебната норма за хибридни автомобили троши 1,7 литар, односно 13,7 kWh на сто километри, 545е со своите 394 КС и 600 њутнметри настапува уште поубедливо.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Посилниот хибрид стандардно доаѓа со погон на сите тркала и спринтува до темпо сто за 4,7 секунди, а крајната брзина е ограничена на 250 km/h. Потрошувачката кај 545e изнесува 2,1 литри, односно 15,3 kWh, а со полна батерија може да се вози до 54 километри. Кај 530e се добива за четири километри подолг досег.

Остатокот од понудата од погонски единици, покрај тоа што сите мотори сега користат 48-волтна мрежа, не е сменет. Остануваат бензинците 520i, 530i и 540i, со моќност меѓу 184 и 333 КС. Просечната потрошувачка се движи меѓу 5,3 и 7,0 литри. До пристигањето на задолжителниот M5, чијашто премиера ќе се случи нешто подоцна, како топ-модел ќе настапува M 550i xDrive со 530 КС и вртежен момент од 750 њутнметри.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Нема промени и кај дизелите. Таму стојат на располагање 520d, 530d и 540d. Дволитарец во основната изведба поседува 190 КС и според фабрика троши 4,1 литри дизел, а крајната брзина изнесува 235 km/h. Посилните шестцилиндарци од три литри располагаат со 286, односно 340 КС. Најсилниот дизел стандардно се испорачува со погон на сите тркала.

Каросериската изведба GT од серијата 6 ќе се нуди како 630i и 640i, со истите мотори како серијата 5. Истото важи и за дизелите, со тоа што сега е достапен и 620d со 190 КС

Мануелните менувачи веќе одамна си заминаа од сериите 5 и 6 на BMW, препуштајќи ја работата на осумстепен автоматик од ZF. Ценовникот во Германија стартува од 49.100 евра за BMW 520i. Испораката стартува во јули, за топ-хибридот 545e ќе мора да се почека до ноември. Во текот на летото ќе почнат и испораките на GT од серијата 6, чијашто цена за варијантата 620d изнесува 62.800 евра во Германија. Опремата во серијата 6 е побогата и бројни детали се изведени со повеќе внимание, вклучувајќи грејачи во кожените седишта, средишен дисплеј од 12,3 инчи како стандард и арматурна табла што е обложена со вештачка кожа, во комбинација со штепови во контрастна боја.

BMW ќе освежи софтвер на 500.000 возила „по воздух“

BMW ќе освежи софтвер на 500.000 возила „по воздух“


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

135
18 shares, 135 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *