за

Колку чини дополнителната опрема за новата серија 4 на BMW

Колку чини дополнителната опрема за новата серија 4 на BMW
Колку чини дополнителната опрема за новата серија 4 на BMW

Минхен неодамна ја претстави новата серија 4, којашто љубителите ја гледаат повеќе како матична серија на BMW M4. Купето изгледа впечатливо, со храбро димензионирани и нагласени бубрези, како вистинско освежување. Возачите на оваа каросериска форма обично имаат повисоки барања во поглед на естетиката или изборот на материјали. Освен по најмоќните погонски варијанти, неретко се посега и по најскапите ставки од дополнителната опрема. Следи кус преглед на едно поглавје, коешто честопати ги наведува идните сопственици на процедура што не е далеку од студирање – преглед на опциите за новата серија 4 на BMW.

Комплетниот ценовник засега е објавен за германскиот пазар, затоа и сите цени и ставки од опремата во овој текст важат за таму. Гамата стартува со BMW 420i со дволитарец со 184 КС, со цена од 45.800 евра, по него е 430i со 258 КС и цена од 50.800 евра. Дизелската изведба 420d со 190 КС чини 48.300 евра, односно 50.800 евра во верзија со погон xDrive. Сите модели стандардно располагаат со осумстепен Steptronic. Врвот му припаѓа на M 440i xDrive со шестцилиндарец од 3,0 литри, со 374 КС, стартер-генератор со 8 kW и цена од 66.900 евра. Тој само привремено ќе биде врв во гамата, до пристигањето на M4, чијшто фотографии од тестирањата на Нирбургринг веќе се појавуваат на мрежата.

Покрај стандардната изведба, може да се избере и верзија M Sport, што чини околу 4.000 евра повеќе и излегува од фабрика со бандажи од 18, место од 17 инчи, со спојлери, спортско подвозје и варијабилно спортско управување, како и со спортски волан и седишта во комбинација од алкантара и вештачка кожа. Сето тоа е веќе вклучено кај M440i, но на сето тоа следат уште двојно толку ставки.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во сериската опрема спаѓаат радарски темпомат, електромеханичка паркирна сопирачка, диодни светла, автоматска клима во 3 зони, паркинг сензори напред и назад, навигација со средишен дисплеј од 8,8 инчи и уште бројни ставки што веќе се подразбираат во класата.

Широкоград потег од BMW е тоа што нивото на цени за опциите е потспуштено, но тоа само значи дека сопствениците на серија 4 ќе нарачаат повеќе ставки „за истите пари“

За каросеријата може да се избира меѓу две обични и пет металик бои. Ексклузивно за M Sport стои на располагање веќе традиционалната портимао сина боја. Уште две ексклузивни бои доаѓаат од одделението за посебни нарачки BMW Individual: Дравит сива и танзанит сина. Цената за последните две бои изнесува 1.450, односно 1.950 евра, соодветно. На тоа следи уште класичната опција Shadow Line, со каросериски детали во сјајна црна боја и со цена од 410 евра.

Понудата од бандажи вклучува осум опции. Најголем издаток за овој важен „детал“ е опцијата за бандажи од 19 инчи, од понудата на BMW Individual, со двојни краци и во две бои, со гуми со димензија 225/40 напред и 255/35 назад, со цена од 2.480 евра. Доколку оваа опција се избира за M Sport, тогаш цената е 1.030 евра.

New photo by Automedia MK / Google Photos

За тоа што следи внатре, соодветна најава е фактот што има избор од дури осум бои за кожата, доколку се доплати 1.750 евра за неа, секако. Истото се однесува и за шесте варијанти на украсни лајсни (300 евра), плус три благородни изведби од BMW Individual (700 евра).

Во кабината на купето од серијата 4 на BMW нема да изненадат седишта во бордо боја или арматурна табла што е обложена со кожа во истата боја

Проветрување во седиштето е корисна работа и чини 900 евра, заедно со електрично местење, но само во комбинација со кожа и со грејачи. Спортски волан како во M Sport во стандардните изведби чини 220 евра, за греење се потребни уште 250 евра. Згодна опција е обложувањето на арматурната табла со вештачка кожа, за 550 евра. Кој е подготвен за вистинска кожа, треба соодветно да подготви и 1.750 евра за оваа опција. За неколку команди во кокпитот да бидат галванизирани, цената е 100 евра.

За спортско подвозје M и управување со променлив преносен однос се доплаќа 600 евра, за приспособливо подвозје со избор меѓу комфорна или спортска амортизација е потребно двојно повеќе од тоа.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Системите за асистенција се групирани во пакети. Во „асистент за возење“ се вклучени предупредување при напуштање лента и при возило во мртов агол, самостојно запирање при опасност од судир и уште неколку ставки, за 900 евра. Над тоа следи „професионален асистент за возење“, кадешто дополнително има радарски темпомат со функција за самостојно поаѓање и следење колона во застој, како и систем за следење лента, предупредување при возило од попречен правец при вклучување на крстосница и слично, за 2.000 евра.

Само магленки чинат 150 евра, но затоа тие се дел од пакетот со ласерските светла – и уште едно пријатно изненадување, цената за оваа корисна опција е 1.500 евра

За магленки сепак треба да се доплати 150 евра, но затоа истите се дел од пакетот што се испорачува со ласерски светла за 1.500 евра – со досег до 500 метри. Автоматско отворање и затворање на задниот капак чини 500 евра.

Следат „најкрупните“ ставки. Во Business Paket Professional се вклучени дигитални инструменти од 12,3 инчи и средишен дисплеј од 10,25 инчи, дополнителни функции за навигацијата, безжична мрежа и слични ставки, за 2.450 евра. Проекцискиот дисплеј вреди 1.100 евра, за ракување преку гестикулација е потребно да се доплатат уште 300 евра, но само како надградба на погоре спомнатиот пакет. Пакет со безжично полнење телефон чини 500 евра, озвучувањето од Harman Kardon се цени 900 евра, вклучувајќи 16 звучници.

Тоа е веројатно само половината од обемот на дополнителна опрема. Посебно поглавје се пакетите на опрема, како „M Carbon“ со цена од 2.900 евра, со неколку каросериски детали изработени од карбон, но тој е достапен само во комбинација со M Sportpaket Pro… и така, повторно од почеток.

Новото купе од серијата 4 на BMW

Четири минути и 34 секунди со новата серија 4 на BMW од сите агли

Posted by Automedia.mk on Tuesday, June 2, 2020

Новата серија 4 има големи бубрези, но тоа е BMW

Новата серија 4 има големи бубрези, но тоа е BMW

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Фабриката на Jaguar Land Rover ќе остане затворена до август

Фабриката на Jaguar Land Rover ќе остане затворена до август

Трамп се заканува со царини за автомобили од ЕУ: Проблем се јастозите

Трамп се заканува со царини за автомобили од ЕУ: Проблем се јастозите