Која е единствената каросериска форма што е различна од СУВ и во моментов предизвикува растечки интерес кај возачките и возачите? Купе со четири врати или купе-лимузина. По изведбите Gran Coupe во сериите 4, 6 и 8, баварците ја применуваат згодната форма и во серијата 2. BMW Gran Tourer од серијата 2, првпат.
Како што уредно најави уште кон крајот на јули, BMW ја воведува купе-лимузинската форма и во серијата 2. Познавачите веднаш ќе се сетат дека Mercedes го има CLA во истата класа, повеќе поради фактот што моделот е дизајниран од македонскиот дизајнер Славче Таневски. Тоа е само следното продолжение на вечното натпреварување меѓу BMW и Mercedes. И нека не престанува. Автомобилската сцена во спротивно би изгледала здодевно, исто како во филмскиот серијал за Роки Балбоа да се цензурираат сцените во мечовите со Аполо Крид. Ова е сепак само загревање, наспроти вистинските борби што се водат во највисоките класи…
Значи, BMW Gran Tourer од серијата 2. Баварците добро ја владеат формата на купе со четири врати и досега ја имаат применето во сериите 4, 6 и во „кралската“ осумка. Купе-лимузината ќе ги привлече купувачите со истите атрибути како класичните купе-модели. А, тоа се индивидуалност, беспрекорно дотерана естетика и форма што побудува емоции. Сето тоа е комбинирано со неколку нови пристапи во ракувањето и со напредни можности за поврзување, а на тоа следи и практичност во секојдневието. Панделката на „пакетот“ секако е самиот BMW, односно возната динамика што е неразделна од имиџот и суштината на марката.
Светската премиера ќе се одржи во следниот месец на салонот во Лос Анџелес, а гран-турерот може да се очекува во салоните веќе во март следната година. Познати се цените за Германија: Стартот за BMW 218i е од 31.950 евра, дизелот BMW 220d чини 39.900 евра, додека за топ-моделот BMW M235i xDrive треба да се издвојат најмалку 51.900 евра.
Препознатлива и достојна стилска форма за опашот на BMW, со светла што се развлечени кон средината и лента што се спојува со логото на марката
Посебен печат даваат издолжената силуета, отуството на рамки за стаклата во вратите, како и задните светла кои се развлечени кон средината на каросеријата и во средината преоѓаат во црна лента во сјајна црна боја, што го опкружува логото на BMW.
BMW Gran Coupe од серијата 2 е долг 4.526 милиметри, широк 1.800 милиметри и висок 1.420 милиметри. Иако однадвор се стекнува впечаток дека кабината е ниска и тесна, германските ергономи ветуваат дека внатре има доволно простор, благодарение на долгото меѓуоскино растојание од 2,67 метри. Доволно простор има и во багажникот, кој се одликува со примерна приспособливост.
Предните светла стандардно користат диодна техника за сите функции и малку се закосени, нагласувајќи го на тој начин главниот визуелен елемент на BMW, „бубрезите“.
Платформата потекнува од серијата 1, што значи дека со неа и погонот се префрлува напред, но динамичарите на BMW, исто како и кај класичната комбилимузина, се погрижија да постигнат агилни возни својства и со преден погон.
„Aktornahe Radschlupfbegrenzung“ ако некој се сомнева дека со преоѓањето на преден погон се губи многу од динамиката што е својствена за марката
Посебно за погоре спомнатата цел е развиена технологијата ARB, кратенка од Aktornahe Radschlupfbegrenzung, односно ограничување на пролизгувањето на погонските тркала, заради постигнување попрецизно и побрзо активирање и дејствување на контролата на тракцијата. Овој систем го поседува и BMW i3s, чијшто електромотор во спротивно би предизвикал „повеќеминутно“ пролизгување, поради тоа што го постигнува полниот вртежен момент уште од првиот вртеж.
Стандардно се вградува и BMW Performance Control, како надополнување на ARB, кој дозволува поостро менување на правецот на самиот праг на граничното подрачје, на тој начин што со контролирани зафати ги потсопира тркалата од внатрешната страна во свијокот и овозможува неутрални возни својства.
Спортскиот топ-модел M235i xDrive стандардно поседува погон на сите тркала BMW xDrive, механичка торсен-блокада на диференцијалот, M спортско управување и M спортски сопирачки. Осумстепениот Stroptronic дозволува и тркачки старт.
На почетокот од продажбата се достапни два бензинци и еден дизел: Во BMW 218i работи познатиот 1,5-литарски турбо со 140 КС, M235i вози со најмоќниот четирицилиндарец во групацијата, со 306 КС, додека во 220d работи дволитарски дизел со 190 КС. Само во САД ќе се нуди BMW 228i xDrive со 2,0-литарски четирицилиндарец со 231 КС.
Со доплата за дигитален клуч, Gran Coupé може да се отклучи и преку мобилен телефон, исто како и да се стартува моторот, откако телефонот ќе се постави во предвиденото лежиште.
Дел од концептот на ракување е BMW Intelligent Personal Assistant. Некој рече дека тоа кај Mercedes се води како MBUX и постои уште од премиерата на A-Class? Како што спомнавме во почетокот, сцената без BMW против Mercedes или Mercedes против BMW би била премногу здодевна…